Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Гајле ми е мене за образование!

Имав околу три години кога ги напишав првите букви во снег. Брзо потоа, моите во раце ми ги ставија и првите книги. И ме запишаа во прво одделение. Беззаба, ситна, со училишна торба во која буквално можев да се спакувам. Научив да го кажувам и зборот „артикл“... Домашната сама си ја работев, а еден ден моите ме пратија да учам. И не им падна на памет дека човек не се раѓа со поим за учењето и дека некој не знае што се подразбира под тој поим. Препишував песничка. После шест часа се загрижија каде сум и ме бараа по дома. Јас и понатаму ја препишував песничката – никој не ми рече да престанам да учам!

Завршив основно! Па, тргнав во средно и за да не бидам бубалица, си дозволував себеси по некоја четворка. За полугодие, се разбира. Тоа беше убаво чувство. „Еј, ми спушти четворка“! и Ништо! Жива сум. И понатаму одам во школо. Супер.

До четврта година веќе не носев ранец, туку ташна, помалку тетратки и по некое списание. Пиев и кафе со другарките. Некогаш и бегав од часови, демек, „болна сум“... А некогаш и седев на часови со 40 температура. Како и најголем дел од моето друштво, завршив средно. Повторно имав одличен просек и добри изгледи за факултет. Што би рекле – среќно дете и уште поважно во приказнава – паметно!

Е, тука се заебав! После осум плус четири години школување, решив да запишам факултет. Кога бев малечка сакав да бидам стјуардеса, учителка, војник (ЈАГ се криви за ова). Ок, сакав да бидам и Драгана Мирковиќ и ги терав моите да ми прават лајтшоу додека јас пеам на столица, ама не станав! За жал... Сега ќе си имав моја телевизија. И немаше да ми биде гајле.

Е, не, јас запишав тоа што запишав и пропаднав! Јас, академскиот граѓанин. Сега би ми било срам да се погледнам себеси пред пет-шеснаесет години, со лента за коса „Касандра“. И со високи патики „спајсици“. Тогаш и во годините кои следеа пред се’ бев среќна. Потоа бев весела и креативна. Моите писмени задачи се читаа низ школо и навистина бев талентирана. Супер ми одеше македонскиот јазик, а и англискиот. А сега, гуглам дали некој збор се пишува го голема или мала буква. Заборавив и француски, кој го учев. Граматиката и комплицираните реченични конструкции за мене се мислена именка. Не знам што е синус, ни косинус, заборавив како се вади квадратен корен, а учев стопанска математика.

И срам ми е!

Срам ми е што сега почнувам да заборавам и работи од секојдневниот живот. Не знам кому што сум кажала, па другарките ме опоменуваат кога по петти пат им ја кажувам истата приказна. Исто така, заборавам кој што мене ми кажал, па заборавам да направам нешто што сум ветила или прашувам по стопати за една иста работа.

Заборавам и лица. Луѓето ме поздравуваат и зборуваат со мене додека јас се смешкам и климам со глава немајќи поим со кого разговарам.

И се’ заради ретардираниот систем на образование. А само сакав да студирам.

Многу ми е гајле мене за методологиите, теориите и за сите 768 гранки на англиското кралско семејство. Уште толку ми е гајле за директните и индиректните извори за драмите на Шекспир! И ич ама баш ич не ми е гајле за некои си таму теории на литератури! Ни за нивните преведувачи. И вака и онака буквално болат!

Заради сите тие илјади страници кои морав барем да ги прочитам пропуштив мајски дождови. И заради јунската испитна сесија (една и единствена) ги пропуштив липите. И како тоа да не ми беше доволно, запишав и магистарски. За да бидам паметна! И веќе година дена пишувам елаборат кој некако не ми го разбираат. Па, да – пробав да бидам креативна. Ама не – требало уште да читам. Уште некоја илјада!

И затоа јас сега немам поим. Научив небулозите да ги трпам во краткотрајната меморија за да поминам 6 испити во 6 дена и потоа, бришење и рестартирање. Ама бидејќи има премногу небулози за краткорочната меморија, таа краткотрајна меморија ја изеде долгорочната и го зазеде нејзиното место. И така, јас сум човек-мува. Ми кажуваш нешто сега и во следниот момент, јас веројатно ќе го заборавам.

И? После сите тие учени луѓе ни се чудни? А, бе ајде! Стварно?! Добро, разбирам јас дека после годините учење и учење, и глупости, човекот е помалку човек отколку кога излегува од затвор. Целиот изгубен во време и простор. Со сиви кругови околу очите, сув. Или дебел (знам некои луѓе кои се прејадуваа кога јадеа).

И тоа е таа академска елита! Жими газов.

Извинете на изразувањево ама во мојата краткотрајна меморија, нема место за тешки зборови. Само „артикл“ чучи во некој агол од мојот напатен мозок.

Напишано од С. Маџоска.[/i]

Ставовите искажани во колумната се тие на авторот и не ги отсликуваат ставовите на уредничкиот тим на Fail.mk[/i]

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]