Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Иди ми и веќе не дојди ми

Сакам на сите да ви биде јасно, јас ОБОЖАВАМ храна. Гурман пар екселанс! Тоа не значи дека аздисувам и барам којзнае што и како, туку само значи дека кога ќе седнам некаде да јадам, сакам комплетна услуга. Сакам ресторанот/кафаната да си бидат на висина на задачата и да добијам услуга и храна за кои сум платил. Секое место кое тоа ќе ми го овозможи ќе биде спомнато во позитивно светло. Секое место кое ќе ми ги надмине очекувањата ќе добие и позитивна критика и препорака. АМА, оние што ќе кикснат кога сум гладен како гну во сезона за парење има да го јадат за сите пари.

Во Скопје, ретко кој дава добри критики и напумпува места без тоа реално да е така, особено кога станува збор за кафана (кафичите се друга приказна). Па така, од сите страни, вклучително дури и од странци, почнав да слушам муабети за некоја нова кафана „Иди ми, дојди ми“ и за тоа како била одлична храната таму, пристојни цени, едно-друго. И тоа генерално ми е доволна причина да одам и да се најадам/напијам како човек. Дотолку бев среќен што дури и собрав друштво за пречек на една другарка која се врати од странство на одмор тука, за да се отвориме прописно нели.

Еве што се случи. Кикс број еден. Стигнуваме, прашуваме „Има ли точено пиво?“ – Одговор: „Има!“. Дај 6 големи кригли! Девојката носи 5 големи, 1 мала. Ние во прашалници. Се избацува другар и вика: „Да бе брат, така е тука, немаат доволно големи кригли, па кога ќе им снема даваат мали. Војна на криглите ти е ова, кој прв фати треба да си ја чува до крај на вечер иначе наебал!“ Е сега, чиста логика нели, нова кафана, почнало да ја бие добро име (или некој ептен добро ја испромовирал) и нема доволно кригли за пиво, а нудиш пиво на точење? Добро бе која ти е таа македонска логика? Па толку ли е скапо да инвестираш во кригли? Ако немаш веќе финансии тоа да го сториш тоа, тогаш што мајка бараш да отвораш кафана. Или уште поедноставно, не ти се инвестира во кригли, не служи точено пиво.

Кикс број два. Во Македонија, земја на највкусниот зеленчук на свет (значи луѓе кога ќе се вратат од странство јадат домати и краставици додека им ги мерат на пазарче) ти ми носиш шопска како пластика. Кикс број три. Отвораш мени, гледаш нормални ствари, нарачуваш шарска. Чекаш триесет минути. Веќе си нервозен, пошто карниворот во тебе е спремен да тепа пошто немаш внесено храна во себе едно 8 саати, а од шарската абер нема. Се тешиш, издржи уште некоја минута, дојади ја пластикава пред тебе, џапни уште една ракија. Иде келнерката, црковен хор пее алелуја, ти окезен ко дебело дете пред слаткарница. Келнерката иде и ти вика: „Дечко, сега ми кажаа, немало шарска.“ Одеднаш фацата ти се смрачува како на Хитлер при запек и се контролираш да не бидеш рурал и бараш мени да видиш што можеш да нарачаш друго, на што добиваш одговор дека имаат само колбас и вешалица! Не знам за вас, ама мене тотално ми ја ебаа вечерта со тој момент. Крајно непрофесионално и аматерски. Вешалицата која ми ја донесоа потоа не беше ништо посебно – заклучок: „Иди ми, дојди ми“ на црна листа на кафани.

Од друга страна, пак, кафана каде што секогаш имало пријатна атмосфера, пристојни цени, одлична услуга, добра скара и речиси секогаш можеш да најдеш место, бидејќи не е напумпана како гореспоменатиот „гуштер“, е „Скупи“. Одлична локација – веднаш до пицерија „Занзибар“ во парк со убава летна тераса и симпатичен ентериер во внатрешниот дел кој потсетува на традиционална македонска кафеана, не се чека многу за јадењето и што е најважно, немаш избор од само две јадења и не треба да гледаш да му ја украдеш криглата на комшијата ако приметиш дека тргнал накај купатило.

Искуствата на сите се различни. Поентата е да се искритикува тоа што не чини, да се пофали тоа што е добро. Поентата не е да се плука, туку да се научи од грешките. Може ќе си помислите дека сум чуден, ама сакам кафаните/рестораните да си се етаблираат во места кои ќе опстојуваат со години, а сериозно го мрзам македонскиот менталитет од типот на зграби додека има пари, па после што било, било. Ова е само пример за тоа како не треба да се работи, во наредните колумни ќе ви дадам многу примери на места за јадење (познати, но и ќе испромовирам и помалку познати) кои што опстојуваат со години само поради тоа што не го смениле нивото на квалитет на храна и услуга; примери со кои се докажува дека знаеме како, но дека треба трпение и многу работа.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]