Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Како да бидеш среќен

Само отворив очи и сфатив дека сум станал 15 минути пред алармот да почне да ми писка и дека сум направил добра процена за тоа колку одмор ми требало. „Значи ова е чувството да се разбудиш од попладневна/причквечерна дремка во тотален мир и тишина“ – си помислив само што се размрдав и се насмевнав. Ми требаа 26 години за да дојдам до ваквото откровение, за да измислам топла вода, за повторно да ја откријам Америка итн. „Е значи гениј си више, телетабис еден!“ – прописно си се искритикував што толку долго ми требаше за да ми легне жетонот и да сфатам што ми треба во животот.

Но, да одиме со ред. Пред да ги разгледаме резултатите од ова наше емпириско испитување, да видиме која беше причината и мотивацијата зад промените кои се одвиваа во мојот живот во последните неколку месеца. Иронично, баш по Нова Година, како дел од оние семантичко (значенско) празни ветувања што си ги даваме во стилот на „од оваа година повеќе не пијам“, и веднаш наредниот ден сме нацртани во кафана како главна селендра, успеав да си го средам животот.

Имено, секој човек, во многу фази од својот живот при првите знаци на еволуција (да, чичко Дарвин бил во право, навистина постои такво нешто, жими излигавенава перница), често си поставува прашања од типот на „И што сега? Зошто ми е секој ден монотон? Зошто повеќе ништо не ми е интересно?“ и слични „тешки теми“ за кои ретко кој има одговор, или бар сака да си го признае тоа. Одговорот секогаш лежи во нас.

Е сега, не сум некој експерт, ниту пак ќе тврдам дека нешто посебно сум учен во тоа точно да знам да ја протолкувам човечката психа, но ќе ви го кажам само моето искуство кое е плод на активно слушање на други, интересирање и потчитнување на нешто од областа на психологијата, колку да не бидам комплетен лаик, и природниот инстинкт на логичко резонирање, па вие сами проценете дали јадам бурек или не.

И јас самиот си ги поставив прашањава и јас самиот сфатив дека нема одговор. И се напнав. И тоа јако. Како тинејџерка во диско кога нема да ја сликаат за еден од популарниве сајтови, а таа душичка цела вечер се спремала за тој величествен момент и се надевала дека ќе може да ги акне одма сликите на Фејсбук за да добие 30 коментари од напалени тинејџери од стилот на „топ си, кис4е“. Мала телетабисна дигресија и се враќаме на темата. Откако ми помина напетоста сфатив дека јас, впрочем (многу ми е јак збор – впрочем), не сум среќен. Замисли, толку било едноставно. Јас не сум среќен! Еј, што убаво. Се' тоа фино, ама чаре сега? Лесен и едноставен одговор, ама решение камо?

Сфатив дека е време за малку интроспекција и чепкање кај што ни е страв да погледнеме; во орманите на нашата психа, во бунарот на потсвеста. Да, да, драги мои, тоа се оние мрачни места, полни со прашина и пајажина и темни ќошиња, места каде што се раѓаат кошмарите. Ма глупости живи! Кој ве учел бе дека е така? Ич не е така. Само си наоѓаме изговори и мистифицираме се’ живо и диво за да имаме валиден аргумент дека „претешко“ било.

Јас прво почнав, како што почнал и секој прагматичен книжевен критичар во последниве 100-тина години – виа негатива. Ако не знаеме што функционира, тогаш дај да видимe што не штима. И првото логично нешто беше „коњу еден, имаш 26 години, по дух си независен човек, а живееш во иста соба (пази, не во ист стан и под ист покрив, туку во иста соба) со мама и тато“. Одлично! Проблемот е лоциран! И што сега? Решението е исто логичко: „сместа сели се од дома“. Е, се тоа супер, ама има еден голем проблем – пари. Е, тато и мама не можат да си дозволат таков луксуз и да ти го овозможат тоа, а да живееш во Скопје под кирија е ѓаол и пол, а „да фрлаш пари на кирија е греота, подобро тие пари ќе ги даваш за рата за кредит“. Или барем така ќе ти кажат повеќето што ги знаеш.

А зошто ќе ти кажат така? Па прво, бидејќи те сакаат и ти мислат добро, а второ, бидејќи во Македонија патиме од неизлечив синдром „ќути има и полошо“. Да, има полошо, само ако сам си го надробиш, па после тоа прописно да си го сркнеш за сите пари. Македонскиот страв да не се направи некој поголем чекор во животот е општа наша кочница. Јас го направив тој крупен чекор и после следуваа неколку други, уште покрупни и животот ми се измени за 180 степени; или беше за 100 степени? Не бе глуп, на 100 степени врие вода!

Како и да е, поентата ми е, седнете си, видете што ве кочи во животот, видете што можете да смените за да бидете среќни, и бидете среќни бе луѓе. Ко ќе ве сретнам на улица и ќе ве прашам како сте, да ми кажете, супер бе, супер сме. И тоа онака од срце, а не да ми глумите, бидејќи искрено ми се сере веќе да слушам како секој втор кука колку било тешко. Не за друго, и јас тоа го правев цел живот и си станав одвратен сам на себе и решив да излезам духовно од македонштинава и да пробам нешто ново.

Сега, секој ден сум среќен. Живеам под кирија во многу мало станче (една собичка со веце и кујниче) кое можам да си го наречам мој дом, многу сум попродуктивен во работата отколку претходно и не ми е гајле дали на крајот на месецот ќе немам еден ебан денар во џебот бидејќи кога веќе човек ќе скокне во оган, ако му дојде јајцето на газот има да ‘рмба ко луд и се’ ќе направи за да заработи. А тие што ќе ви кажат дека не е така, едноставно немаат муда да си ги решат проблемите. Ај чао!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]