Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Дијагноза – доџе ми да вриснем!

Македонија – лето Господово 2012-то. Прилеп, Струмица, Охрид и каде се’ не низ ова свето парче земја. Велат музиката ја храни душата. Ако веќе мораме да го сместиме турбо-фолкот во категорија музика, тогаш што храни тој? Најчесто цревата – изгледа затоа опасен вирус хара низ земјава. Проливот и повраќањето за загарантирани, температурата е по избор.

Нели арни си бевме еден период? Турбото си владееше по кафаните и толку. Секој си го има моментот кога сака да го извади чобанот од него, да отиде во кафана, да залее како тинејџер кој добил кеш за Нова Година и да заборави на маките од современото битисување на ова парче земја. Некогаш и по дома ќе спукаш по некоја секси трака од Лукас, чисто онака, колку да ти клиза ракијата додека децата ти ја јадат салатата. Ќе се запиете со друштво и ќе се потсетите на Београд од Цеца, ќе се смеете на Аспирина од како и да се викаше онаа крофнана со допичњаците која мисли дека е секси.

И се’ си беше ок. Исто како силата во Стар Ворс – имаше баланс (без плус, тоа само кај јогуртот го има после журки). Малку турбо, малку техно, троа рап, по некоја рок свирка, чат-пат нешто пософистицирано и класично и сите среќни. На времето се знаеше, среда свирка, четврток журка, петок или сабота кафана, недела рап. Сите среќни и задоволни. И одеднаш пресврт – почнаа концертите!

Светски познатите диџеи престанаа да доаѓаат и турбо промоторите влегоа на мала врата и направија салата. Прво неосетно ги протнаа по приградските дискотеки. Помпезно најавувани, прилично добро посетувани, концертиве почнаа да земаат замав. Харис, Џеј и све је ок. По некое време омилениот денс подиум стана дувло на агресивни фаци со чашокршачки тенденции, Вин Дизел изглед во комбинација со однесување на пештерски човек со значително изразено либидо. Тука веќе се чувствуваше почетокот на (к)рајот.

Едни по други – турбо-фолкерите, кои љубат да бидат наречени поп фолкери, поп ги анатемосал, веќе ги фатија сите познати дискотеки како места за стандардни тезги. И тука си реков, јеби га, не се криви сопствениците на локалите, тие сакаат пари, народот сака рурал – пуста судбина. Но тоа да ти било само затишје пред бура. Градските власти тука настапија на сцената. Фестивалите на пиво, култура и слични општествено-забавни настани биднаа домаќини на гореспоменатите телетабиси.

Одеднаш Цеца, Харис, Брена, Џеј, Жељко и кој се’ не друг беа секојдневие. Билборди на секој чекор, помпезно најавувани на радио, очисквернавно нападни на ТВ, масовно дискутирани по маси во кафулиња. Се мислев дали да почнам хронично да пијам или да станам македонскиот Брејвик ама се сетив дека многу е скапо постојано да си под гас и дека македонскиот судски систем не е толку ретардиран како норвешкиот, па потенцијално да пројдам со само 21 година затвор за масовен покољ и се предомислив.

Цело лето Македонија ечеше од срцепарајучи песни, народ патеше, општина плаќаше, шунд се промовираше. И кој (ни) е крив? Промоторите? Не бе, тие само гледаат пари да направат. Што им е гајле што промовираат. Служба си е служба. Народот? Па и тие не се баш криви. Дај шта даш. Битно да има провод и привремено да се заборави на прекрасната и блажена економска состојба во државата. Општините организатори? Меѓу другото, да. Тие барем имаат избор кого да викнат и што да форсираат како тренд.

Недостигаат ли квалитетни македонски бендови? Недостиг ли е во прашање или недоволна промоција? Кој знае што се’ има по оваа наша држава, а воопшто не сме ни свесни за тоа. Треба некој да ги извади тие бендови од нафталин и да ги промовира или треба тие малку повеќе да се потрудат и да се изборат за некој да ги слушне. Ај пред 10 години беше тешко, ама денес со толку социјални мрежи, со Јутјуб и слично нема изговор.

Не знам кое е решението, искрено, ама знам дека ми се сере од изборот на музика кој се нуди. Како што вика извесен Дејв Бери – „Ако не си дел од решението тогаш си... колумнист“. Ама подобро конструктивна критика отколку Чарлс Менсон шема да ви затерам. А, да, за 90.000 евра наместо „Цица“ – подвижната силиконска крекачка – можете некој асолен странски бенд да донесете. Така. Средете се.

ПсихотиченУм

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]