Следете нé или притиснете Escape

дрска дикција

Наслов

Какви интернет сајтови сакаме?

Изгледа како легитимно прашање, нели? Какви интернет сајтови сакаме? Што значи квалитетна информација во денешно време и колку чини истата?

Ако сте како мене, овие прашања постојано ќе ви одекнуваат во глава, особено по неодамнешните случувања во светот на американската политичка сцена. Сите веќе го знаеме примерот со Велес што одекна во светски рамки, па дури беше и анализиран на сајтови како BuzzFeed и Guardian, негативно влијаеше за статија за лажни вести на Википедија и се здоби со уште толку популарност преку директното прозивање на шоуто на Колберт. Да, Македонија стана популарна во светски рамки, ама (како што обично бива) не по нешто позитивно. А ако ве интересира детално, еве видео од најдоброто истражување направено на темава.

И што со ова? Каде влегуваат тука издавачите (сопствениците и креаторите на интернет содржина), а каде публиката? Издавачите се соочуваат со проблем на модерниот начин на функционирање на социјалните мрежи - вирални, т.е. масивно популарни се статии кои се граничат со невистинитост, скандал, помпезност и лага, додека квалитетните статии/анализи/ставови напишани од сериозни новинари и аналитичари се губат во шумот.

Да, се е супер ако можете да си дозволите како издавач да ангажирате такви професионалци, но како ќе го наплатите нивниот труд? Тука на сцена стапува иницијалната стратегија на издавачот во поглед на бизнис моделот за функционирање на медиумот - дали тој се базира на монетизација од банери и ПР текстови (и/или контекстуален маркетинг) или на „онлајн претплати“.

Од една страна, доколку моделот се базира на банери и ПР текстови, тогаш, барем во Македонија, главниот таргет кој се брка се посетите. Квалитетот на посетите секако дека е важен, но во 90% од времето издавачите се губат во потрагата по екстра „клик“ од линковите на социјалните медиуми и во целата таа гужва, квалитетот доаѓа второстепено. Стапката на „отскокнувања“ (bounce rate) која во суштина означува колкав процент од посетителите ја виделе вашата статија на социјалните медиуми, кликнале на линкот, „слетале“ на вашиот сајт и потоа веднаш си заминале без да продолжат да читаат некои други вести е алармантно зголемена и издавачите веќе се свесни дека се зависни од новите медиуми. Во превод сите бркаат брз и валкан клик по секоја цена.

Од друга страна пак, ретко кој се нафаќа да се посвети на создавање на квалитетна содржина, бидејќи за тоа се потребни време, ресурси, истражување, идеја, критичка мисла, искуство, експертиза и уште мал милион работи, а сето тоа чини пари. Зошто издавачот би финансирал таква стручна екипа на вработени и надворешни соработници кога нема да може да извади средства ниту да ги плати, а не пак да заработи нешто.

Тука веќе се поставува прашањето - дали вие би платиле за квалитетна содржина? Треба ли да има јасна дистинкција помеѓу сајтови со (полу)лажна содржина и сериозни медиуми и едните да се хранат од цицката на Гугл Адсенс мрежата, а другите да се молат на добрата волја на читателите и да зависат од претплати?

Најдобар модел очигледно има онлајн изданието на „Њујорк Тајмс“ со совршена комбинација на неинвазивни реклами поставени да не ги гњават читателите и опција да можеш да прочиташ до 5 бесплатни статии месечно пред системот да ти побара да се претплатиш. А кај нас? Кај нас сум убеден дека ништо нема никогаш да се смени и дека и понатаму ќе бидеме спамирани на секој чекор со „ШОКАНТНО: Погледнете што и' се случи на оваа скопска урбана фаца“ тип на статии, бидејќи колку пари, толку музика. Тоа е се' народе!

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]