Следете нé или притиснете Escape

колумна

Наслов

Ин а компликејтед рилејшеншип уит Маседониа

На 25-ти декември, 2012 година напишав колумна „Каде ќе бегате бре?” објавена на еден култен македонски портал кој оттогаш се редизајнираше и ги избриша сите претходни статии. Колумната во целост ја имате во продолжение, а по неа моите мисли на тема Македонија две и пол години подоцна.

Каде ќе бегате бре?

            Сериозно, стварно не сте толку брзи. Планирате да бегате од себе или од лошата состојба во државава? Ако бегате од себе, нема далеку да стигнете. Самопратењето ви е неизбежна клетва. Кај и да бегате ќе ве стигнат внатрешните демони. Планирате да бегате од лошите услови во државава? Звучи логично, економијата ни е срање со децении. Ајде сега да ги разгледаме опциите.

            Бегате на запад. Како? Планирате да одите во странство илегалка? Супер! Тоа е планот. Бегате од држава каде што ви е родното огниште, каде што се луѓето кои ве сакаат за да одите во земја каде што ќе бидете граѓани од осми ред, ќе работите во подруми и ќе миете тањири за бедни пари. Бидејќи ќе бидете нелегално отидени таму нема да имате ниедна од социјалните придобивки кои тие држави ви ги нудат. Да, тоа звучи многу подобро од живеење во Македонија.

            Планирате да добиете работна виза за некоја високоразвиена земја? Со среќа. Ако можете земете ме и мене. Еве јас би сакал да си работам нешто по струка во Англија на пример. Има само еден проблем. Англичаните, паметни какви што се, со цел да си го заштитат населението и нивните работни места ќе ви кажат нема проблем. Доколку вие сте толку нинџа па во нивната земја да нема таков профил на работник, тогаш веднаш ќе ве земат. Кои се шансите за тоа?

            Сакате да работите на брод? Нема проблем. Затворени 4 нивоа под палуба со месеци миејќи навлаки звучи ептен романтично. Дури и жртвите од Титаник не би ви позавиделе. Ако ја имате таа среќа да работите во некоја профи продавница, тогаш ќе бидете 12 саати на ден на нозе, секој ден. Одмор, нема. Да, ќе го видите светот, ќе видите нови нешта. Истото можете и како стјуардеса. Биоритамот ќе ви биде целосно изместен, ќе страдате од несоница, носталгија, осаменост, отуѓеност. Можеби и не, кој да знае каков тип на луѓе сте.

            Како и да е, пари ќе правите, да. Нема да биде како во Македонија каде што секој втор кука дека е гол и бос. Нема да ви набива никој негативна енергија константно. Ама никој исто така нема ни да ве ферма ни 2 посто. Нема да можете да отидете на кафе со некој кој ви значи и да се заборавите со саати, ниту пак на гости, а па за у кафана ич да не правиме муабет. И секако, дури и да имате и време и пари, нема да имате со кого – на запад владее шема, куча, посо.

            Ајде да речеме и дека ќе ви цветаат рози, ќе најдете фина работичка во развиена земја, ќе рмбате ко коњи едно 5-6 години и ќе вратите некој денар назад. И што потоа? Еве да речеме да имате толку среќа да соберете кеш да си решите станбено прашање. Супер. А потоа? Ќе почнувате сѐ од ново тука? Бидејќи сите ве чекаат вас со раце (и нозе) раширени, вие семоќните и сезнајните повратници од странство и се тепаат да ви дадат работа. Или ќе си седите на запад со носталгија во срцата, осамени и со (нешто) пари?

            Мое мислење: ако веќе сте подготвени да работите 12 саати на ден, секој ден, тогаш можете да успеете и во Македонија. Можете, да. Избришете си од глава дека ќе станете директори – севременскиот македонски синдром на виша вредност – и сфатете дека нема срам од работа. Работете две работи, три. Некој кука дека немало работа, а секој ден гледам полни сајтови за огласи за работа. Да, условите се тиња, работите се неинвентивни и напорни – исто како и оние кои се нудат на запад. Што се однесува до политичката состојба, не се залажувајте дека на запад тече мед и млеко. Земете прочитајте малку повеќе и ќе сфатите дека секаде се случува истото, единствено таму народот знае да си ја земе работата во свои раце и да се побуни ако му е тешко без политички да се бои. А може и не е така, што знам па и јас, вие си знаете, големи сте.

---------------------------------------------------крај--------------------------------------------------- 

Се’ уште сум со став дека не е решение да се бега. Можеби сум наивен, можеби сум во комплицирана врска со Македонија и не ми се соочува со вистината, ама еве ги фактите. 

Оттогаш политичката состојба е станата уште поголемо срање, економската ич па да не правам муабет. Можностите за водење на успешен бизнис, за напредок, за среќен и убав живот се очај, ама јас сепак си ја сакам оваа земја. 

Да, можеби еден ден кога ќе имам деца нема да сакам да ми растат во бесперспективна држава со срање образование, со наставници и професори кои немаат свое јас и кои не размислуваат критички (секоја чест на исклучоци), со луѓе кои се постојано под стрес и уплашени од се’, a пак не мрдаат со малиот прст.

Сепак, како човек кој свесно влегол во оваа врска кажувам дека: Македонијо, те сакам со сите твои маани. Знам дека економијата секогаш ќе биде срање, знам дека секогаш ќе те водат исти партии кои никогаш нема ништо суштинско да оправат, знам дека народот секогаш прво ќе пука сеир пред да направи нешто корисно, знам дека секогаш и секаде ќе владее малограѓанштина, знам дека најдобрите кадри ќе ни ги краде Западот, знам дека ќе тапкаме во место уште со години и децении. Јасно ми е и те прифаќам како таква, фалична.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]