Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Судир на маските

Први април отсекогаш ми бил феномен кој не сум можел да си го објаснам. Барем во Македонија.

Први април отсекогаш ми бил феномен кој не сум можел да си го објаснам. Барем во Македонија. Низ цел свет генерално се слави како „празник“ на шалата, лагата и измамата, но во Македонија е моќно комбо. Бонусот кај нас е она што се нарекува Халуин (Ноќта на вештерките) во Америка – маскарада од масовни пропорции; со таа разлика што ние не одиме по врати туку масовно ги рејпаме улиците – вратарањето го чуваме за Коледе, тоа ни е наш гето обичај.

Глобално често врзуван со слични прослави од римско време како фестивалот Хиларија, едно од мислењата за современото прославување е дека забуната настанала со воведувањето на Грегоријанскиот календар во 1582 г. кога Нова година се префрлила од 25-ти март во 1-ви јануари, па така тие што го прославувале крајот на неделата по Нова година, 1-ви април, ги нарекувале будали. Будали не знам дали се, ама дека луѓево се отвораат како марули во пролет е повеќе од очигледно.

Маските ми се особено јак момент од проста причина што се дијаметрално спротивни од секојдневните маски кои ги носиме. Од психолошка гледна точка, во нашата секојдневна комуникација со надворешниот свет, сите си имаме плејада од маски кои си ги менуваме во зависност од пригодата. Одиш на работа, ставаш формална маска. Излегуваш со девојка, оп социјално прифатлива маска, гзолижчка маска, фраерска маска, нешто у тој стил. Ретко кога некој може да ја види вистинската персона зад тие кинески ѕидови од штитови кои ги имаме за да го сокриеме кревкото јас.

Лажењето е исто така многу јак момент, доаѓа први април и креативноста на напатениов ни народ крши рекорди. Масивно покер-фејс тролање, лажни и измислени статии на нет, зафрканции со екстремно малициозна намера и исход – таков е први април во Македонија. Да, повеќето очекуваат такви работи, ама има некои ствари со кои едноставно нема заебанција, има граници кои не се поминуваат, ама за некој кој очајно сака да ти се изнасмее во фаца и да ти каже априлили очигледно и нема кочница до каде треба да оди.

И сега, имајќи го ова на ум, ајде да фрлиме еден поглед, со нови очи, на првоаприлскава фешта. Излегуваш во град и од една страна гледаш примерни девојки облечени како дрољи како се тријат од речиси сѐ што мрда, пијат ко луди, прават ексцеси. Гледаш срамежливи и мирни луѓе што во живо не знаат три реда муабет муабет да ти свртат, како агресивно и нападно се пуштаат на сите страни. Мажи облечени како жени со толку уверливи потези и однесување што не можеш, а да не си помислиш дека има нешто страшно латентно тука.

На друга страна, пак, застанати масовни сеирџии кои го следат секој твој потег со осуда, се исмејуваат на сѐ што е креативно и поразлично од нив, остро коментираат, прават невкусни зафрканции, гледаат на секој можен начин да наштетат, дали преку ден, или на самиот маскембал, небитно. Злоба на милионити степен, непречена и немаскирана, бидејќи нели, таков е денот.

Што е проблемот со оваа слика? Апсолутно нема проблем. Луѓето само си се покажуваат какви се под изговор дека токму нивното однесување и изглед на тој ден е само маска. Маска на секојдневните маски што ги носиме. Маскасепшн. Математички гледано маска со маска се поништува и добивате реална вредност на тоа што е изложено, а тоа е човечката душа со сите свои проблеми и пиздарии на тацна.

Да не бидам сфатен погрешно, та не е саде негативно сѐ. Имаш луѓе кои покажуваат добро расположение, прават креативни маски, сатирични маски, маски со кои исмеваат некој општествен слој или појава, уживаат во моментот, како што тоа го прават секој ден. И секако има и луѓе кои не сакаат да се маскираат и се потполно исти како и секогаш.

Заклучок? Општествените притисоци мора да се игнорираат, барем до одредена мера. Се знае што е бизнис етика, но не значи дека ако во живо си опуштен и забавен дека на работа или на состаноци треба да си досаден и напнат како некој да ти начукал плутена тапа во гзот. Не значи дека ако си човек кој е малку промискуитетен дека треба да глумиш лудило и да го потиснуваш тоа со изговор „јас не сум таков“, па после еден ден кога ќе избие тоа на површина да премине во екстремизам.

Да, тешко е да покажеме какви сме реално зад сите маски, но ако откриеме барем 50 посто од нашата вистинска персона, тогаш имаме многу поголеми шанси да бидеме прифатени без гратис лични фрустрации. Нека ни е честит први април, од сега па натаму за мене познат како фестивалот на вистината!

 ПсихотиченУм

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]