Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Такси тахикардија

Секој занает и професија треба да се почитува. Ако ништо друго барем тоа го имам научено со текот на годините. Секоја работа си носи своја тежина, а секако и своја одговорност. Во Скопје, барем во последните неколку години, се чини дека една професија се’ повеќе губи на квалитет на услуга и репутација и тоа за сметка на луѓе кои таму се нашле чисто колку да направат некој денар без притоа да имаа каква било почит кон клиентите. Сигурно веќе погодувате дека зборувам за една крајно ендемична категорија – таксистите!

Што значи да си таксист во Скопје? Како прво на себе ја преземаш огромната одговорност да одговараш за туѓ живот којшто е ставен во твои раце бидејќи си во улога на професионален возач кој треба брзо и безбедно да пренесе патник од еден до друг дел на градот. Имајќи предвид дека Скопје е една урбана џунгла, оваа задача од самиот старт веќе добива голема тежина.

Второ, треба да имаш огромно познавање на секое можно сокаче во градот, бутки, фирми, улици, начин на нумерација на истите и да имаш осет како да стигнеш од едно до друго место во најбрз можен рок – се’ во интерес на твојот краен корисник, патникот.

Трето, треба да имаш одлични комуникациски способности, трпение, разбирање и почит спрема тој твој патник, особено доколку сакаш повторно да се вози со тебе. Тука, се разбира, сигурно можеме да ја вклучиме и комуникацијата со диспечерот и колегите која доколку е на ниво оди во прилог на целата такси компанија.

Четврто, возилото треба секогаш да ти добро одржано и во исправна возна состојба, да е чисто и убаво да мириса, а од најголема важност е и личната хигиена на возачот. Сума сумарум, треба да се има предвид она непишано правило дека патникот секогаш е во право, како и дека задачата на таксистот поради комплексноста на сите овие фактори не е воопшто лесна.

Така би требало да е во теорија. Но што говори праксата? Е мили мои, на терен сликата е сосема различна. До пред неколку години во Скопје имаше вистински такси возачи. Точно, имаше и еден тон диви, но тие кои се возат со такси редовно и често, знаеја кои компании и возачи се како што треба, а кои не се. Возилата беа генерално за никаде, но таксистите речиси секогаш ги знаеја улиците, знаеја како да искомуницираат меѓу себе и со патникот, знаеја кога треба малку повеќе да побрзаат, а кога да возат нормално и прописно за патникот да не го ни почувствува патот.

Денес, сликата е веќе дијаметрално спротивна. Градот барем си ја заврши работата. Ги исчисти дифтарите, ги нумерираше и регистрираше сите возила, постави такси станици, постави какви такви стандарди. Супер за нив. Но, што се случи со такси превозниците? Нагло никнаа еден тон нови компании кои вложија во возила, но не и во човечки ресурси. Се’ шуто и рогато преку ноќ стана таксист! Во една такси компанија дали едвај 10 отсто се таксисти по професија. Другото се се’ аматери. И тоа аматери кои немаат желба да се подобрат во работата, туку го работат тоа колку да се работи нешто.

Типичен пример за ваков вид на новопечени „професионалци“ е следниов. Се јавуваш на радио такси, диспечерката се дере и урла по таксистите. Ти кажува 4-5 мин., таксито доаѓа по 10. Му кажуваш локација на таксистот, а тој ти вика „каде е тоа?“ Ако веќе имаш среќа ти да ја знаеш локацијата и се сложиш на твоја добра волја да му даваш инструкции, тој ноншалантно те игнорира, греши, те кружи низ градот за на крај ти да испаднеш крив.

Таксито честопати знае да корне на пот, некои од нив не ни вклучуваат клима, ечи чкарт турбо-фолк музика и секако во рок од 20 секунди добиваш инстант интимни прашања какви што не можеш да очекуваш од некој со кој се дружиш од мали нозе. Не дај Боже да носиш идентификација од местото каде што работиш, бидејќи веднаш следува прашање за услуга. Задолжително се вози или како да си дел од Формула 1 или таксистот се влече како полжав и не ич не му чуе дали брзаш или не. Неколку пцовки летаат гратис, а ако го начекате таксистот јако накурчен, може да очекувате цела канонада на вербален измет кој сте должен да го слушате за време на целиот пат.

Па добро бе луѓе до ова ли дојде работата? Па зарем секој со возачка денес може да се нарекува таксист? Ако немаш почит кон работата и немаш желба тоа да го работиш молим те оди работи нешто каде нема да имаш контакт со луѓе. Остави работата на луѓе кои со години тоа го работат, имаат ниво на култура како што треба, не копаат на лук и пот, не гледаат да те украдат, не возат како Шумахер на кока и ги знаат улиците на Скопјево. Подобро во крш автомобил да се возам како човек, отколку во ново Рено/Шкода/Мицу како чобан тахикардии да ме маваат бидејќи некој тинејџер само што положил има мерак да ја стиска до даска. Не ми давајте попуст ако треба само праќајте ми асални таксисти. Ај чао!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]