Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Во ерата на лајковите

Го памтам времето кога, како мал, не знаев што попрво да направам со себе. Многу бев хиперактивен, место не ме фаќаше и постојано барав „жртви” за излегување надвор. Мразев да седам пред телевизор и да одмарам кога толку многу ме чекаше надвор за истражување. Потоа дојде чудото наречено интернет и магичниот симбол на одобрување од познати и непознати истомисленици наречен лајк. Штом други ти ги одобруваат животот сигурно ти е многу забавен и исполнет, нели? Не? Каде и кога ја изгубивме независноста од туѓото мислење?

Се започна со проблемот кој јас го имав со телевизијата. Еднонасочен канал на комуникација. Некој ти сервира програма, ти гледаш ко муле. Толку. Крајно незабавно, освен кога некој ептен ќе ти трефне нешто по ќеиф. Повеќе можеа да го прилагодат својот вкус согласно понуденото, ама за мене не беше доволно. Сакав избор, сакав вистинска интеракација.

Памтам како другите деца не ги пуштаа постојано да излегуваат. Недела бил ден за одмор, наводно. Ги гледав како и нив место не ги фаќаше, ама не смееја да излезат. Бев поприлично затворен во населбата без некој посебен избор. Сафра комбинација.

Дојде средно, поголем избор на луѓе, излегувања во град, нови друштва, можности на социјализирање, ама пак се’ ми се движеше пребавно, премлитаво. Се чувствував заробен во маѓепсан круг на репетитивни процеси кои ми го затупуваа умот. И тогаш го открив интернетот и тогашните познати интернет кафеа.

Одеднаш можност за комуникација без ограничување. Мирц беше шемата. Вирутелни ликови под псевдоними. Почнавме и да се запознаваме. Мирц журки и чуда, па сурфање од дома по полноќ на пошта-пошта, па сметки по 5-6.000 денари, па пиздарии со родители, гасење телефон на неколку месеца и такви нормални, за тоа време, ствари.

Блогирањето стана потоа шема. Популарната платформа на веб 2.0 идејата. Сите ќе креираат содржина. Одеднаш можност и да бидеш читан, па дури и да влегуваш во дискусии со (не)истомисленици. Генијално! Па можеби и ќе се зборува за некој твој текст по форуми! Да, и тие беа генијални. И од форуми и од блогови се ширеше кругот на нови познанства. И беше добро.

Одеднаш, бум! Масовна либерализација на интернетот, супербрзи конекции и социјални мрежи. Сега веќе е лесно и за некој со никакви познавања од компјутери и технологии брзо да се ухода и да може да комуницира со неговите „пријатели”.

Полека, но сигурно, веќе немаше простор за досада. Не ти требаа повеќе пари за да можеш да си ја задоволиш потребата од социјализирање. И тогаш, некој паметен некаде дојде до најдобрата идеја за бустање на човековото его – и БИ лајкот.

На почетокот не го разбиравме баш, барем јас не сфаќав која е поентата. Ама како што најглупата песна може да се сврти во глава, така и најпростата финта може да те навлече да сакаш да си ги задоволиш основните потреби за награда преку едно обично палче кренато нагоре.

Тотално им се предадовме на социјалните мрежи. Лајкаме статуси, лајкаме страници, лајкаме чекириња и останати (ро)ботски работи кои не’ врзуваат за мало или големо екранче кое свети, кое навечер наместо да ни сигнализира дека треба да си легнеме за да се одмориме квалитетно ни испраќа сигнали преку силната бела светлина дека треба да се разбудиме и освестиме.

Зависни сме, а и нервозни. Едно нешто барем е точно, ако ништо друго, а тоа е дека повеќе немаме време да ни биде досадно. Еднонасочната комуникација со телевизијата почнавме да ја избегнуваме. За таа работа барем еволуиравме. Сега сакаме и нашето мислење да се чуе, ама не бидејќи имаме мислење за се’, туку поради фактот што знаеме дека речиси за секое статусче некаде лежи лајкче!

Денес, дозволете повторно да ви биде малку досадно. Исклучете го телефонот, исклучете го компјутерот, исклучете го и телевизорот. Турете си едно пиво на тераса и опуштете се. Почнете да размислувате што реално ве прави среќни и свртете еден круг низ маало. Можеби ќе сфатите дека сте пораснале и дека е време за суштествено поважни работи во животот, а можеби и ќе се вратите пред светлечки екран само за да ставите лајкче на колумнава. Ваш избор како и да е. Лајкот, исто како разумот, наводно, секогаш победува.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]