Следете нé или притиснете Escape

Наслов

За интернетските работи

Море од информации, лавина од нови сајтови, преродба на стари новинари, никнување на инстант нови (три во едно шема), конверзија поради мрза; тоа некако е сликата на македонскиот интернет простор во последниве година дена. Сè повеќе се губи смислата на она што се прави за сметка на тоа што се бара, или барем на тоа што мислиме дека се бара. Каде е границата? Зависи за што сте дојдени на интернет забавава.

Ако сте дојдени да утепате малку време, да прочитате некој нов трач без притоа да се замарате за форма и содржина, тогаш дојдени сте на вистинското место. Копи пејст сајтови колку ти душа сака, величење на старлети и останати суштинско небитни ликови, ексклузивни приказни кои се состојат од клише наслов, една реченица вовед и еден тон голотија, цицки и евтин маркетинг.

Ако сакате дневно политички содржини, е тука веќе ептен сте ја погодиле работата. „Новински агенции“ саде со лопата да ги ринеш. Помпезни наслови, спинови, правење од мравка слон, труење народ со ситни и крајно небитни лични препукувања и сето тоа зошто, затоа што треба на народот да му се одвлече вниманието од работи со суштинско значење.

Каде е тука новинарството и новинарска етика? Знаете каде е? Никаде, умира, тивко и нечујно, како уметник кој останал без пари само со перото/четката во рака и во некое темно сокаче го создава последното негово дело, неговиот последен печат на светов пред да испушти душа бидејќи нема корка леб за да преживее. Препоетично? Секако. Ама одговорно ви тврдам дека таквиот неразбран дух оди на другиот свет со полна душа.

Не е толку трагично кога ќе видиш дека некое дете кое до вчера било во клупа на час по македонски, незаинтересирано за лекцијата за прилози, решило со другарчињата да отвори сајт бидејќи тоа е ин денес и лупета глупости и прави киксови со светлосна брзина, колку што е трагично што возрасни, докажани новинари, со искуство подолго од животен век на пилиштариве, почнаа да тонат во морето наречено брза ексклузивна копи пејст вест.

Некој некаде начу дека иднината е во интернетот, дека кликовите се пари и бум – сликата се смени за 180 степени. Натпревар во мерење на кој му е поголем (рејтингот) и одеднаш почнаа сите да стануваат број еден на Алекса, да бидат најдобри во сè и сешто, да штанцаат статии без вредност, да даваат експертски мислења на секоја тема. Едно прашање само – каде е тука вредноста и која е пораката која ја испраќате?

Не чувствувате морална одговорност кон јавното мислење кое го креирате? Нели сакате да оставите зад себе нешто квалитетно, нешто кое кога ќе се препрочита и за 3 години од сега ќе има некаква вредност. Дневно политичките финти кои проаѓаат денес и кои стануваат вирални веќе за едена недела нема да имаат никакво значење. Оние кои до вчера беа навикнати да копаат по месец дена на терен и да извадат квалитетна статија, аргументирана, издржана, денес копаат по нет и со брз и најчесто неточен превод сакаат да го постигнат истиот ефект.

Нели сакате на вашите читатели да им ја разгорите желбата за читање, за пишување, за изразување на суштински поважни идеи, за покревање на свест за сериозни проблеми. Нели целта е, кога веќе интернетот расте со брзина на светлина, да се научи нешто повеќе на еден нетрадиционален и забавен начин. Тоа што школото не може да ве научи пробајте да го стекнете преку искуство и макотрпна работа. Ако ве бива пишувајте секој ден и барајте помош, ако не, тогаш барем читајте повеќе, филтрирајте булшит информации и барем споделувајте нешто квалитетно.

Сè уште има време, ништо не е изгубено. Култните сајтови можат да се освестат и да се вратат на правиот пат, да ги занемарат новите чкарт трендови на ексклузива и неписменост, дневните весници можат да го задржат стариот квалитет на пишување и на нивните онлајн изданија без да се претворат во фекална интернет верзија на М Експрес, а другите слободно нека си продолжат со нивното, па има публика и за таквите.

ПсихотиченУм

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]