Следете нé или притиснете Escape

Зборови кои мора да се напишат

Наслов

Задачата на писателот

Цел живот е школо, прашање е само колку сме спремни да учиме и дали му пристапуваме на целиот процес со анимозитет поради стегите на формалното (пререформирано, а најчесто неефективно) образование, или размислуваме малку пошироко и сфаќаме дека знаење, ука и наука се краде од кај ќе стигнеме.

На факултет професорот Драги Михајловски не` учеше за задачата на преведувачот и долги години додека си го печалев лебот во оваа интересна професија тие зборови резонираа во ушиве и ми беа постојан потсетник дека за да бидеш добар преведувач неретко треба да бидеш и добар автор. И тоа беше факт, само што за мене секогаш е полесно да се заврши работата кога имаш рамки во кои треба да се движиш. Креативноста се намалува, секако, ама рокот и правилата те приморуваат да завршиш и да се инспирираш со искривување на правилата за да ја постигнеш целта. Тоа е позитивната работа на таквата креација. Негативната, пак, е дека за да почнеш нешто ти треба, што би се рекло школски, тема за писмена работа.

Од моето скромно искуство како писател ќе ви кажам дека многу е лесно да пишуваш кога имаш приказна во тебе која вришти да биде раскажана. Но, што правиме откако ќе ја раскажеме таа приказна? Да, ќе ја спакуваме, ќе смислиме со уметник\дизајнер\фотограф корица, лекторот ќе се „позанимава" со нашиот избор на вокабулар и ќе го доразубави текстот, ќе го финализираме изданието, ќе му акнеме ISBN и ќе го испратиме во светот како наше чедо. Публиката потоа ќе го чита или нема да го чита, критиката ќе даде мислење и тоа е тоа. Ако е делото добро ќе се чита и понатаму и ќе придонесе за нашата фигуративна бесмртност, а ако е моментално интересно за неколку години никој нема да се сеќава на него.

Делува како прилично едноставен процес и ако човек добро размисли и така и е. Но, што правиме потоа? Некои приказни доживуваат продолженија, трилогии, варијанти и варијации, а некои се конечни сами по себе. Што правиме кога сме ја завршиле приказната која вриштела во нас? Која е реално задачата сега на писателот?

Долго време ова прашање ме мачеше и на момент дури сметав дека некои кариери се предвреме осудени на пропаст. Интегритетот е многу побитен момент за мене лично, отколку публицитетот. Зошто да продолжам да пишувам ако немам повеќе што да кажам? Точно, факт е дека како писатели, не пишуваме за себе, туку за читателската публика, но не значи дека треба да се пишува тоа што публиката сака да го прочита.

Со вакви контрадикторни мисли се борам секој ден и малку по малку доаѓам до одредени заклучоци: (следува список сознанија бидејќи, јебига, како маркетинг професионалец професионална деформација ми е да сумирам резултати)

  • Романтичарски гледам на зборот писател и тоа е единствената „титула" која некогаш сум ја стекнал, а на која се` уште не можам да и` се доизнауживам, бидејќи константно сметам дека докрај не ја заслужувам
  • Кога веќе сфатив дека, заслужувал или незаслужувал, луѓето веќе ме сметаат за писател, сфатив и дека мене ми е задача (па дури и должност) да пишувам
  • Да пишуваш не значи еднаш годишно да се изолираш во некоја колиба во свирипичино и да изнапишеш роман, туку дека пишувањето е секојдневен процес. Некогаш ќе напишеш хит колумна, некогаш добра контент маркетинг статија за клиент, а некогаш ќе напишеш нешто што и баба ви со четврто одделение може да го напише, ама поентата е процесот да продолжи, па дури и да биде и статус на социјални мрежи
  • Секогаш треба да се бара и прима критика од читателите, па дури и кова не е издржана, бидејќи никој не успеал само со тапкање по грб дека е најдобар. Критиката е најдобар двигател за одење напред
  • Медиумот не е битен, битно е да се искористи моментот на инспирација. Моментот сега е типично модернистичко срање од клише - пишувам во Старбакс во Софија, ама во „ноутс", на мобилен, додека ја чекам жена ми да се врати од шопинг

И која е сега задачата на писателот? Би сумирал дека е должноста да се продолжи да се пишува, да се даде целина на нецели заклучоци, да се раскажат приказни кои никој не ги знае, да се обзнанат оние кои никој не се дрзнува да ги каже. Да се биде брутално искрен и критичен, и кон општеството и кон сам себе, да се даде глас на послабиот, да се обесхбрабри насилникот, да биде ироничен кога неукиот е посилен, да поздрави и поддржи малиот кога прави грандиозни потези. За крај, ако ништо друго, да се пренесе убавата енергија кога ја имаш, бидејќи некогаш и на некој друг му треба да прочита позитивни збор-два, особено во Македонија.

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]