Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 1

Си седам и си размислувам за нашиот убав град, за возбудливото Скопје. Пукна лето и луѓето како некој да ги пуштил од ланец; кафичите полни, дискотеките уште толку, позерај на кило. Женските намонтирани од глава до пети, машките самоуверени, абе просто да си помислиш дека си во Париз! А можеби и не!

Тоа се само убави маски, маски кои под притисок на општеството веќе сите ги носиме. Кај некои тоа се лесни превези преку лицето каде што се’ уште можеш да ја видиш личноста со која комуницираш, додека кај други тоа се оние старине витешки шлемови каде цело лице (и персона) се скриени и заштитени. Тоа е проблемот кај некои луѓе, што од година за година стануваат се’ покревки и покревки и изнаоѓаат илјада и еден начин за да се заштитат. Кревко и нежно однатре, тврдо однадвор – јајце шема.

Тука, на пример, се разликуваме со ставови со некои мои пријатели. Они тврдат дека помлада девојка си е свежо мевце што може да те препороди, а јас се фаќам за она „стара кока, мрсна јуха“. На тоа добив коментар од еден другар дека постари девојки доаѓаат со многу багаж, односно дека имаат многу скелети во плакарот. Му вратив дека сите имаме скелети, што е и нормално пошто тоа си доаѓа со годините. Одговорот негов на тоа беше: „Да, брат, ама некои цури имаат масовни гробници во плакарот!“

И сега доаѓаме до моментот на тоа што моментално се нуди на пазарот и одговорот, следствено логичниот тек на мислата од самиот почеток, е дека имаме јајца со масовни гробници во плакарот. Уф! Ама комбинација. И сега што? Кој сака таков партнер? Одговорот барем тука е прост: никој! Па, затоа, се вртиме кон најпосакуваната тема на сите времиња, сексот. А, да, секој сака секс. Секс ти е чиста работа. Пери, носи. Нели, Скопје е модерен град, по западни стандарди, па секс без обврски ти е секојдневна работа. Луѓето денес, немаат време ни за да излезат, а камоли пак да се замараат со врски. Сите тераат кариери, па така време за нешто повеќе нема.

Некој сега тука ќе се убаци со изјава:  „Кој бе црн секс во Скопје, пола се исфрустрирани, секс немаат видено со години.“ Не велам, не, држи вода и таа теорија, но да го земеме за момент фактот дека има елемент на „Сексот и градот“ или на „Калифорникација“ и во Скопје. Што со тоа? Дали навистина сме станати како западните ни другарчиња и тераме маџарска шема (ебеш – бегаш) или повторно се вративме на муабетот за маските? Сепак, секс во Скопје, барем во поголемиот дел, не може, а да не биде асоциран и со сакање. Да, да, во секоја втора приказна барем тоа се случува. Луѓето, сакајќи да се заштитат себеси трагаат по љубов преку секс. Нудат карнално задоволство со надеж дека овој пат (или евентуално нареден) ќе наидат на личност со која од одма ќе се погодат. Колку и да звучи евтино, сепак ова на некој начин е и малку „романтично“, а што да правиме кога длабоко во себе сме романтичен народ.

А зошто мора да дојде до тоа? Зошто некој да ви настапи со оклоп, некој да ви ја довлечка цела Сребреница на маса, некој да сака да ве намами да го сакате преку секс или некој упорно да скока од еден во друг кревет од чиста сатисфакција на тоа дека е многу фраер(ка)? Па, и не мора, ама очигледно е така. Мое мислење е барем дека и нема многу врска со годините, туку колку луѓето имаат расчистено со минатото и за тоа колку се спремни да улетаат во една нова врска, па дури и во лефтерена сексуална врска (да фраери мои скопски, дури и за да плеснеш нешто без обврска треба да си чист во главата прво).

Читајќи и дискутирајќи доста на оваа тема налетав на една анализа од Елизабет Кублер-Рос каде што се вели дека кога ќе доживееме некоја голема загуба (дали љубовна или нешто друго, воопшто не е важно) имаме пет фази на тага. Најпрвин, не ни се верува бидејќи загубата е преголема за да веруваме дека ни се случила. Потоа, стануваме бесни и лути на сите, како и на самите себеси. Па се ценкаме, молиме, преколнуваме, нудиме се’ што имаме, си ги продаваме душите за само уште еден ден со таа личност која ни се промакнала низ прсти. Е откако нема да ни успее ценкањето и ќе се умориме од тоа да бидеме бесни и лути, е тогаш настапува депресијата која трае се додека не сме подготвени да прифатиме дека сме сториле се’ и дека повеќе нема леб. Е ова е најважната фаза, фаза која јас ја викам фаза на плачење. Или како што рече една другарка, исто како кога ќе се искакаш, така и кога ќе се исплачеш прописно, се’ после ти поминува.

Мој совет е, пред да скокнете во кревет со некој, пред да почнете ревносно да соблекувате алишта, да вадите маски или да чепкате низ костурите во плакарите, прво да се осигурате дека прописно се имате изнаплачено, пошто ако не сте во таа фаза, само се залажувате себеси дека сте го надминале претходниот партнер. Викаат по дождот доаѓало сонце, а валјда следствено на тоа по плачењето доаѓа насмевнувањето. 

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]