Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 11

Србите викаат „кад је бал, нек буде маскенбал“. Оваа изрека е доволна за да ни стане јасно дека носењето маски не е ништо ново на Балканов. Истото важи и за градот наш убав Скопје, а воедно и за цела Македонија. Маските ни се секојдневие. Учиме да ги ставаме рано во детството, а речиси никогаш не донаучуваме да ги извадиме. Ги ставаме за да се вклопиме во општеството, за да бидеме прифатени, за да бидеме сакани, за да не бидеме повредени, за да добиеме магиски моќи итн.

Маските кај полнолетната популација во Скопје служат за неколку намени. Едната намена е да се сокријат фрустрациите, најчесто сексуални. Ставаме маска за да покажеме дека сме во ред, иако, ни се ебе, ни се плаче. Лицата кои најчесто ги носат овие маски се прилично очигледни. Можете да ги познаете по говорот на телото, по гримасите и изразите на лицето кои апла ги издаваат, по употребата на зборови, по константната огорченост кон припадниците од спротивниот пол. Ова е најслабиот вид на маска која можете да ја поседувате, маска која му е потребна на секој кој сака да ги скрие своите основни сексуални нагони.

Друга намена за маските е социјалната намена. Тука маските се користат за да можеме подобро да се вклопиме во општеството. Од маски за во друштво, преку маски за на социјални настани, па се до маски за на работа, социјалната намена на маските е неопходна да се преживее во едно општество каде што не знаеш кој ти копа гроб зад грб и каде што социјализирањето е клучот кон решавање на сите проблеми. Тука веќе нивото на маската може да варира од тоа дали сте аматер лицемер или сте професионалец. Аматерите најчесто ви прават лице во лице, а јадат бурек за вас зад грб толку многу што кога тогаш ќе дознаете и ќе сфатите со кого си имате работа, додека професионалците се толку добри што живеат со маската и се поистоветуваат со неа. Никогаш нема да ги фатите во лага, бидејќи неретко и не ни веруваат дека лажат.

Трета намена за маските е да се заштитиме самите себе. Ова се најнапредните видови/нивоа на маски кои постојат. Ако првите два вида на маски се изборни, тогаш овој вид на маска е речиси неизбежен. Маската за самозаштита ја создаваме при првиот, или во најдобар случај при третиот/четвртиот пат, кога некој ќе нѐ повреди. Како што минуваат годините оваа маска добива на цврстина, се таложи, згуснува, се додека целосно не ни го покрие лицето, да во одреден момент дури заборавиме како изгледаме. Страшната работа тука е што се додека ја носиме немаме никаква шанса да бидеме навистина среќни. Маската, привремено, нѐ штити од надворешни влијанија, но не нѐ штити од самите себе си и од автодеструктивната моќ на ретардираност која ја поседуваме длабоко во себе.

Но, од што реално се штитиме? Од љубовно разочарување? Па, тоа е неизбежно. Како поинаку ќе научиме што е добро, а што не е. Како ќе научиме да правиме разлика помеѓу љубов и секс, затресканост и напаленост, понижување и почит, и сѐ друго што доаѓа во пакет со секоја врска/авантура. Или можеби се штитиме од разочарување од пријателите? Па како тогаш ќе научиме кој носи социјална маска пред нас и тврди дека секогаш ќе биде тука ако ни затреба, а при првата препрека трча во спротивен правец како гладен Сомалиец на маратон каде главна награда е свежо печена газела.

Маските се присутни на сите страни и не треба да сте нуклеарен физичар за да може да ги познаете. Честопати одлучуваме да ги игнорираме бидејќи се убедуваме дека не сме во право или бидејќи сме решени да ги прифатиме луѓе со се сите маски кои ги носат; но што се случува кога маските ќе паднат? Е тогаш ја гледаме реалната слика. Тогаш дознаваме дека сомнежите ни биле оправдани, дознаваме дека навидум еднократната грешка се случувала и порано, гледаме луѓе кои долго време глумеле дека се силни како признаваат дека им е потребен некој покрај нив, го сфаќаме значењето на животот откако ќе изгубиме некој близок.

Да, забавно е да носиме маски и да присуствуваме на маскенбали за да избегаме од секојдневните проблеми и стресови на модерното живеење, но тоа не треба да ни прерасне во навика која ќе ни го замени нормалниот начин на живот. Наместо да трупаме проблеми под нашите маски, кои подоцна ќе ни се вратат во сурат како бумеранг, можеме за промена да кажеме дека сме напалени како бизони во сезона за парење, можеме да признаеме дека сме осамени и дека ни треба партнер, можеме да кажеме дека сме заљубени во некој што не нѐ сака, можеме искрено да направиме селекција со кога сакаме, а со кого не сакаме да се социјализираме. Вистината боли и бара многу муда, но вистината и единствено вистината е таа која може да нѐ ослободи од маските и да нѐ изведе на вистинскиот пат кон среќата.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]