Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 12

Еден чекор напред, два назад – обично така иде во љубовта во комплицираното Скопје. Велат дека ако човек нема среќа во љубовта, тогаш има среќа во коцката. Ако е така тогаш зошто пола комарџии се тешки пијаници кои никој не ги сака? Прашања, прашања и само прашања, а одговори никаде. Дали е можно да станавме општество кое е препаметно за свое добро? Општество кое премногу се прашува, а премалку прави? Град кој премногу зборува, а однатре е празен?

Што е првото нешто на кое ви текнува кога станува збор за љубов? Едноставност, разбирање, хемија, заемна исполнетост и поддршка се само едни од можните одговори. Но, дали тоа е секогаш така? Дефинитивно не! Ние како примероци на ретки суштества наречени Скопјани веќе ги имаме до толку искомплицирано работите што се косат со секаква логика. Како беше онаа, старана, зошто да биде лесно кога може да биде тешко. Во град каде што се живее 200 на саат, луѓето веќе немаат ни време да бидат искрени. Лето, еуфорија, журкање и веќе сѐ ни е дозволено.

И одеднаш – шок! Летото поминало, сезоната на ајвар популарно наречена есен летнала додека се свртиш и оп, еве ти ја зимата. Е Скопје е многу карактеристично во зима. Во зима, маските паѓаат. Што од ладното, бидејќи истите маски се направени од евтин материјал, што од депресивното време, од кое ние како „топол“ народ си патиме, што од фактот што работата и обврските нѐ спречуваат да се социјализираме до онаа мера која ни е потребна за да останеме нормални. Во зима искреноста излегува на површина. Одеднаш луѓето кои важеле за лидери во социјалниот живот се повлекуваат и почнуваат да зборуваат дека им се седи дома, парови никнуваат на секој чекор, филмчиња се гледаат под ќебе со некој што ни значи. Луѓето некако магично се групираат во парови и започнуваат процес на хибернација до пролет. Темпото на живот значително забавува и секој гледа да си го најде местото под сонцето или во овој случај – под ќебето.

Така барем работите изгледаат на прв поглед. Малкуте луѓе кои реално биле сингл не аздисуваат до толку и прифаќаат тоа што ќе им се понуди, оние кои изневеруваат постојано се смируваат малку во паника да не го изгубат тоа што го имаат, „фаците“ се решаваат за еден партнер.

А што станува со останатите? Со оние кои и претходно не биле ни ваму, ни таму. Е нив реалноста најсурово ги удира. Мислејќи дека преболувањето на последната голема љубов е толку лесен процес тие безгрижно се оддаваат на журкање, провод и потрага по некој кој ќе ја пополни дупката која останала од претходниот неуспех. Решени дека враќање назад повеќе нема, овие луѓе се дури спремни и повторно некому да се отворат (како кокиче).

За едни од оваа група решение е да се впуштат во низа безгрижни сексуални авантури кои нудат многу адреналин и топлина (Боже, колку е само ладно надвор!), додека за други е да се зближат со некои ново/стари пријатели кои се во слична ситуација за да можат заеднички да се справат со (психичкиот) студ кој се заканува.

Дел од оние кои се во потрага по секс без обврски ќе се усреќат и ќе бидат во состојба малку од малку да се оправат од претходните љубовни разочарувања, додека другиот дел ќе сфатат дека малку е доцна за таа работа, бидејќи додека они тактизирале како Каспаров, сите останати си нашле некој и изворот на „свежо месо“ веќе одамна е пресушен и може комотно да се сликаат.

Оние кои ќе се зближат со пријатели од спротивниот пол кои се наоѓаат во слична ситуација имаат, пак, две опции. Првата е дека од тоа дружење може да произлезат некои заемни одговори на прашањата кои тие си ги поставувале себе си во неуспешната врска. Ова делува доста терапевтски и е многу здрава техника за откривање на ситници за кои самите сме биле слепи, а за некој друг се толку едноставни. Втората опција е доста опасна. Во тоа зближување со некој кој што е во слична или иста ситуација како нас може да дојде до пречекорување на пријателските граници или зближување до таа мера каде што може лесно да се помеша пријателство со љубов. Е тука веќе ситуацијата иде у курац. Или ќе излезе нешто навистина прекрасно – најчесто не е така – или едната страна ќе ги префрли сите емоции од бившиот/бившата на пријателот/пријателката. Ако претходната ситуација мислите дека е заебана, е ова е веќе врвот на тоа колку можете да бидете глупи.

Што се случува за луѓето кои не спаѓаат во ниту една од горенаведените категории? Нив, покрај студот, ги удира и реалноста дека вистинската голема љубов не се преболува за едно годишно време туку најчесто е тука, потисната во најдлабоките одаи на нашата душа и со нетрпение чека еден знак, еден допир, еден повик, една порака за со нетрпение да излезе со сила од илјадници килотони и да нѐ врати неколку чекори назад. Вистината е таа, а бидејќи надвор пингвини во несвест паѓаат од ладно, најдобар начин да ја испровоцирате да излезе е со греено вино. Та нели во виното е вистината? Добра ноќ Скопје, добра ноќ Македонијо!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]