Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 13

Другарството помеѓу мажите и жените честопати е тема на многу бурни дебати. Дури и да немате изграден став по ова прашање откако ќе слушнете многу дијаметрално спротивставени варијанти на вистината свесно или несвесно и вие ќе се одлучите за една од тие екстреми. Едната страна, најчесто пропагирана од мажите, тврди дека машко и женско не можат да бидат блиски другари, па кај се видело маче и куче да се сакаат, додека другата страна, која најчесто ја бранат жените, тврди дека другарството е возможно и дека за тоа има многубројни примери.

Ако тргнеме кон разрешување на оваа дилема мораме да бидеме објективни и во секоја ситуација да ги земеме и двете страни предвид, особено како секоја страна реагира во дадени ситуации. Тука, уште на самиот старт ќе заземам цврст став дека другарство помеѓу маж и жена не постои. Најпрвин, уште пред едната страна да почне да фрла со камења по мене, а другата да ми рече „браво царе“, би сакал да разјаснам две работи. Прво, кога ќе кажам другарство мислам на ситуација на интензивна и постојана комуникација и гледање помеѓу „другарите“; периодично дружење не се важи за другарство. Второ, другарство не е доколку отворено знаете дека другата страна ве „симпатиша“, а вие се правите будали.

Да разгледаме зошто другарството помеѓу машко и женско не е возможно. Доколку двајца другари од спротивен пол кои се здрави, прави, возрасни и изреализирани индивидуи кои меѓусебно се согласуваат до таа мера што им е пријатно да го поминуваат поголемиот дел од слободното време заедно, тогаш тие, порано или подоцна, со сигурност ќе сакаат да имаат нешто повеќе. Кој е тој што не би сакал најпрвин целосно да го знае, познава и да има доверба како искрен другар во својот партнер. Тоа впрочем е и идеалната комбинација – партнерот пред и над сѐ да ви е другар.

Порано или подоцно чувства сигурно ќе се развијат при што другарството веќе е на минско поле и осудено или на пропаст или на продлабочување во врска. При такво едно сценарио можни се неколку работи. Првата е онаа идеалната – другарите се освестуваат и стануваат или љубовници или почнуваат врска. Втората варијанта е едната страна да се затреска и да ѝ соопшти на другата страна. Во тој случај можни се две работи, или другата страна ќе се тргне настрана и од другарството нема да остане ништо или ќе се преправа како ништо да не се случило и ќе ја држи другарот кој храбро признал за чувствата на лагер – што повторно не е другарство!

Како и секое правило така и ова има свои отстапки, па затоа сега ќе ги разгледаме ситуациите кога другарството е возможно. Машко и женско можат да бидат другари доколку помеѓу нив нема никаква сексуална привлечност. И двајцата мораат да се гледаат меѓусебно комплетно асексуално, во спротивно тоа не е другарство, туку е ситуација каде што едната страна чека другата да биде во криза за да ја нападне. Како размислуваат машките: „Оваа не ме свиѓа очигледно, ама ќе падне некој ден во очај, ќе раскине со дечкото, ќе биде ранлива, а јас ќе бидам тука полн со разбирање, да ја „утешам“!“ Како размислуваат женските: „Сигурно му се свиѓам, ама е многу повреден од претходни врски и му треба време да ги батали лесните девојки и да сфати дека ептен си одговараме!“ Не, нема. Најчесто и двете страни на кои не им се свиѓате ќе ве користат за гушкање кога се во депресија или за долги муабети каде што ќе ви кукаат за некој друг.

Другарство може да има доколку сте заљубени во некој друг. Ситуација каде што или едниот или другиот другар, или па и двајцата, сакаат други, па едноставно игнорираат сѐ друго, а се во постојана комуникација бидејќи се на иста бранова должина и си помагаат меѓусебно во врските. Има некои другарства каде што другарите се ептен погодени еден за друг како пар, но постојано не можат да се погодат и на крај откако ќе помине толку долго време решаваат да не направат ништо од страв да не го изгубат тоа што го стекнувале со години – вистинско другарство, или пак знаат премногу за карактерот и постапките на другиот што знаат дека ако пробаат нешто дека гадно ќе се заебат.

Уште една можна варијанта на другарство помеѓу маж и жена е кога двајца имаат некакво минато зад себе, дали мување или некоја кратка врска каде што апла не ги бивало заедно, а ептен си се разбираат. Ако знаете дека со некој не ви идело ни бакнување, ни секс, дефинитивно нема да имате желба пак да пробате.

Другари можете да бидете со лице од спротивниот пол доколку тоа лице моментално е во врска. Знаете дека нема леб, па само си се дружите. Ова другарство може со тек на време да прерасне во нешто навистина искрено или може бргу да се растури доколку другарката/другарот раскине со партнерот/партнерката, па вие си ги покажете вистинските намери.

Сума сумарум, стереотипите најчесто покажуваат дека машките стануваат другари со девојки за да можат да ги ќарат или да им се пикнат меѓу нозе, а жените ги прифаќаат таквите другари бидејќи им годи вниманието, бидејќи постојано си држат отворен лагер и бидејќи ако ништо друго секогаш имаат некој со кој што може да се гушкаат кога се тажни, знаејќи дека тие ја имаат контролата. И покрај стереотипите, честопати се случува и обратната ситуација од ова каде што женските се тие кои бркаат, а машките ги држат на лагер како другарки.

Јас искрено сметам дека иако другарството помеѓу машко и женско е комплицирана работа, сепак треба да се проба со најчисти и најдобри намери. Ако после некое време личноста која ви изгледала тапа до неодамна почне да ви се допаѓа, не противете се на тоа, видете каде може да ве доведе тоа. Понекогаш прекрасно другарство ќе се растури, понекогаш ќе прерасне во најдобрата врска, но доколку реално се цените како луѓе на крај секако дека ќе можете да преминете преку сѐ и да останете другари.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]