Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 15

Во денешно време, се чини, Скопје функционира во два паралелни света – реален и виртуелен (или поточно фејсбук свет). Најчесто дијаметрално спротивни, овие два света го нарушија природниот баланс на работите и сега веќе Скопје е двојно поконфузно. Мешањето на овие два света дополнително влијае на изумирањето на и онака ретката доблест наречена искреност; процес кој нѐ враќа назад во емотивната еволуција во стадиумот на емотивни амеби (или евентуално некои други едноклеточни организми).

Денес има неколку категории кои може да ги очекувате кај луѓето. Првата група е - главен на фејсбук, никој и ништо во живо. Првата подгрупа ги опфаќа „фејсбук фраерите“. Масовната популаризација на фејсбук во Македонија придонесе многу луѓе, кои практично и немаа некаков си социјален живот, да станат популарни – ама само виртуелно. Постојано се онлајн, постојано смислуваат некакви оригинални и досетливи коментари, имаат по три-четири илјади пријатели, експерти се за муабети на тема секс, љубов, филозофија и слично, а во живо се толку социјално несмасни што дури те фаќа страв да им се обратиш, да не ти припаднат во несвест од културолошкиот шок што реалниот свет им го задава.

Во оваа подгрупа влегуваат и оние кои се изгорени за внимание. Дали од досада, дали од тоа што нивните партнери не им посветуваат доволно внимание, овие лица флертуваат како луди. Човек ќе си помисли дека ова се најпромискуитетните суштества што шетаат на земјава, а кога ќе ги сретнеш во живо се прават со сила луди како ништо да не се случило.

Во втората подгрупа спаѓаат „фејсбук лицемерите“. Од лажни пријателства, преку лица кои многу се почитуваат, па се до „идеални“ врски, оваа подгрупа е епицентар на земјотресот наречен епско г’золижење и свесно создавање на лажна слика за светот кој што така жедно-воајерски набљудува. Класични примери за ова се лица кои постојано си пишуваат на ѕидови колку многу се сакаат, зборуваат во шифри само ним познати, и разменуваат по едно 30-40 коментари на ден, а во живо се оговараат како ретардирани и не можат да се смислат. Ист е примерот и за оние кои постојано си изразуваат голема почит, а во живо не си кажуваат ни едно човечко здраво.

Најинтересна категорија се таканаречените „идеални“ врски. Е кај нив сѐ е розово! Двата партнера имаат или слики каде што се заедно или слики со срца, мечиња, мачиња, пар како занесно гледа во зајдисонцето, и неизмерно си искажуваат љубов еден кон друг, а во живо приказната е сосема различна. Во живо излегуваат сами, се изневеруваат, се гледаат ради реда и од навика – врската им е монотона како европското првенство во ракомет кога не играше Македонија!

Втората категорија е обратната ситуација – мирен на фејсбук, страв да те фати во живо. Ова се луѓето кои најчесто имаат одмерени статуси, не искажуваат многу емоции, никогаш не постираат слики од себе, имаат највисоко ниво на заштита на нивните профили, се лутат или не дозволуваат нивните пријатели да постираат слики од нив и лица за кои мислиме дека не се замараат со фејсбук, а всушност постојано се онлајн и воајерки скенираат сѐ живот и диво. ЦИА не им е рамна! Мирнички на фејсбук, ќе си помислиш дека се најверни на свет, а во живо прават партали. Се додека нема аудио-визуелен или текстуален запис од тоа што прават гајле немаат. Мнозинството луѓе денес повеќе не веруваат во рекла-казала, па ако го нема електронски како доказ исто како и да не се случило.

Крајот го краси делото, па така дојдовме до категоријата број три – што на ум, тоа на друм. Какви во живо, такви и на фејсбук. Луѓе кои не живеат во паралелни светови, луѓе кои секогаш си кажуваат што мислат, луѓе кои понекогаш знаат да бидат и напорни, како и луѓе кои не сакаат многу да се експонираат, ни виртуелно, ниту пак во живо. Како најискрена и најнормална група на луѓе најчесто се и најизложени на критики. Екстравертните добиваат критики дека премногу изразуваат емоции, добиваат совети да внимаваат што постираат на фејсбук за другите да не добијат погрешен впечаток за нив, ги оговараат дека се однесуваат детски и неодговорно, ги обвинуваат дека се промискуитетни. Интровертите обично немаат гајле – освен кога другите им солат памет дека не знаат да си го живеат животот.

До кога ќе дозволуваме овој „крик на технологијата“ да ни ги дефинира животите на црно и бело? До кога ќе глумиме лудило и ќе се претставуваме во различни светла пред различни луѓе? Кога ќе почнеме да биде искрени и да престанеме да играме игри?

Мој совет, инспириран од еден од ретко убавите мотивациски постери кои може да ги видите на интернет, е да не го тупите многу! Ви фали некој – јавете му се; Сакате да ве разберат – објаснете како што треба; Нешто не ви е јасно – прашајте; Нешто не ви се допаѓа – измрчете; Сакате некого – кажете му! Не дозволувајте една вештачки напумпана социјална мрежа како фејсбук да ви биде прв репер за оформување на мислење за некого. Отворете очи и срце и проценете без предрасуди. Добра ноќ Скопје!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]