Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 17

Нема ништо подобро од учење на своја кожа. Секој што ќе ви каже дека научил некоја животна лекција од глупостите на некој друг, или ве/се лаже, или го живее животот крајно претпазливо. Јас лично обожавам да правам глупости чисто колку да видам до каде може да ме доведе минијатурниот ми орган наречен мозок. Понекогаш и не е доволно еднаш да направиш некоја глупост. Понекогаш треба 5-6 пати да ја повториш, чисто онака, колку да утврдиш што е, како е, та нели повторувањето е мајка на знаењето? Лекцијата која денес ќе ја повториме и утврдиме е како да знаеш кога си другар, а кога си нешто повеќе.

Звучи прилично едноставно нели? На времето, во тинејџерските денови беше лесно да си ја увидиш улогата во нечиј живот. Запознаваш женска, почнувате да се дружите и веднаш знаеш дали има шанси да направиш нешто или не. Или ќе станеш „другарка“ и ќе слушаш како ти се исповеда за други дечковци или нешто ќе се случи помеѓу вас во брзо време. Тинејџерите, за разлика од нас – „возрасните“ – немаат ниту време, ниту нерви, а богами ни потреба да глумат лудило. Работите обично се гледаат прилично површно и сè се сведува на тоа дали некој ти е физички привлечен – твој тип – или не. Ако некоја девојка не те свиѓа можеш да скокаш на глава и пак ништо нема да се смени. Чиста работа.

Како стануваме повозрасни сфаќаме дека физичката убавина не е пресудна и почнуваме полека да го менуваме и мислењето, а богами и критериумот за избор на партнер. Сфаќаме дека љубов може понекогаш да се роди и од другарство, сфаќаме дека луѓе кои не ни се свиѓале одеднаш можат да ни станат најубави на свет доколку успееме да ја согледаме нивната духовна убавина, сфаќаме дека светот не е црно-бел. Со сите овие искуства во глава увидуваме дека некогаш од неочекувано добар секс може да засакаме личност која не сме ја ставиле ни во категорија разно, но и дека некоја личност која сме сметале дека е како измислена за нас може при прв сексуален контакт да нè разочара за сите пари.

И што се случува; свеста полека почнува да ни се менува, веќе ја сфаќаме поентата на „Скопско, и сè е можно!“ и почнуваме да се залажуваме со најголемата глупост измислена во минатиот век – хемија и знаци. Да, овие глупости ни ја изреметија целосната концепција за тоа како ги гледаме личностите од спротивниот пол.

Сценарио еден: дечко запознава девојка, почнуваат да комуницираат, муабет им оди, он ја свиѓа неа, гледа дека не се случува ништо повеќе од дружење и почнува да размислува и анализира. Е тука веќе западнал не во буре со лајна, туку во една огромна септичка јама! Да беа ова тинејџерски денови, девојката во брзо време ќе му дадеше јасно и гласно до знаење дека не е заинтересирана и дечкото ќе си знаеше на што е. Но, приказната е сосема поинаква кај возрасните. Во време кога има многу малку квалитетни луѓе дури и за дружење, очајно и себично сакајќи да си го задржи тој однос, девојката дури и ќе се прави дека не забележува дека дечкото ја свиѓа, а тој во меѓувреме ќе трипа обидувајќи се да ги сфати мешаните „сигнали“ кои ги добива.

Сценарио два: девојка запознава дечко, се здружуваат, комуникација топ, она се отвора, директно му дава на знаење дека е заинтересирана, ама ништо не се случува. Девојкава почнува да трипа, дискутира со другарките надолго и нашироко што значат „знаците“ кои дечкото ги праќа и сите заедно доаѓаат до заклучок дека дечкото, или е емоционално недостапен поради тоа што би повреден во претходна врска и му треба време да се оправи, или се плаши да направи нешто бидејќи е срамежлив, или некоја трета глупост претходно искоментирана на некој глуп холивудски филм. Реалноста е дека ако машко не прави ништо со девојка најверојатно не му се свиѓа, ама ја чува на лагер во случај да го спука очај и да му пресушат сите извори на свежо месо.

Се разбира, секогаш ги има и исклучоците од типот, лош тајминг на запознавање, личноста која ви се свиѓа веќе е во врска, или треба да помине доволно време за да ги увидите другите квалитети кои некоја личност ги има за да си го смените мислењето. Доколку ги тргнеме овие работи настрана, заклучоците се следниве: ако некој има намера да направи нешто со вас – ќе направи и нема да има потреба да станете квази психоаналитичар за да толкувате „знаци“; другарство со личност која физички ве привлекува не е возможно т.е. е ама ќе се најдете во сериозни гомна после некое време или ќе направите некоја глупост кога-тогаш; и „хемија“ е збор кој некој паметен го има измислено за културно да ве откачи, пример, абе знам дека се пољубивме ама што да правам кога немаше хемија. Дефинитивно би имало хемија ако вклучите солна киселина во разговорот.

Сума сумарум, проблемот најчесто лежи во нас. Константно самозалажување, глумење лудило и неискреност се само дел од проблемите кои двајца индивидуи од спротивниот пол може да ги имаат. Зрелиот потег кој треба да го повлечеме е навреме јасно и гласно да си кажеме кој како се чувствува, бидејќи понатаму ова премолчување ќе доведе до еден тон непотребни пиздарии. Сакајќи да направиме добро, кога премолчуваме секогаш правиме дупло полошо. А, да, и уште ова – не постои хемија и не постои такво нешто како универзално добар љубовник. Сексот е или добар, или не е. Добра ноќ Скопје и помалку анализирај и имај повеќе секс – фрустрацијата во градов е веќе неподнослива.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]