Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 19

Кое првото нешто кое ви доаѓа на ум кога ќе го слушнете зборот фраер? Сигурно не е она старошколсконо позитивно значење кое било комплимент од највисок вид. Сигурно самиот збор ве асоцира на мажјак со крајно негативно, препотентно, бескрупулозно однесување, со минимални морални вредности, крајно шовинистички настроен и екстремно самобендисан. Не? Епа мене на тоа ме асоцира бидејќи семантичкиот полнеж на овој збор отиде во сосема спротивен правец.

Фраер, на времето, бил збор кој многу ретко се користел. За човек да достигнел да биде наречен фраер требало фурни леб да изеде во начинот на кој ги третира жените, од почит, преку бон-тон и класа во изборот на облека, па се до ниво на интелект и шарм далеку поголемо од обичниот смртник. Фраер бил тој кој секогаш имал добра девојка покрај себе, а останатите можеле само да сонуваат да имаат таков дечко.

Фраерот фаќал женска на муабет. Во парк. Со блага доза на романтика. Темите на муабет биле од секоја сфера, бидејќи фраерот можел да дебатира на секоја тема. Да импресионира. Да има цврст став. Да има интегритет. Да стои зад тоа што го кажал. Фраер да си значело да одиш на најјаката женска и да не се откажеш додека не ја ќариш. Да не бркаш сто девојки одеднаш, туку да се посветиш на една. Фраерот дополнително добивал на репутација ако откако ќе ја освои најјаката женска знаел и како да ја задржи.

Денес такви фраери се ретки. И да, денес повеќе не се викаат фраери. Денес ги нарекуваат смотани, папучари, лигави и што се’ уште не. Денес нема ни фраерки. Фраерки, аналогно на муабетот од претходно, биле девојки кои сите ги посакувале, а ги добивал само тој што знаел како да го освои. Денес „фраерките“ не избираат ретро фраери, туку избираат модерни фраери. Ретро фраерите не се повеќе во мода. Тие им стануваат најдобри „другарки“ на фраерките.

Каков е модерниот фраер ќе прашате? Супер е! Да го носиш по риби и ич жал да не ти е. Денес фраер си ако им се лигавиш на милион жени одеднаш, им кажуваш на сите колку се посебни, колку се најубави на свет и истовремено да плескаш се’ живо и диво со две нозе и крофна измеѓу. Фраер си ако возиш бесна кола со спуштени прозорци за да може да ечи Аца Лукас додека се паркираш буквално пред кафич или дискотека. Ако можеш и внатре да паркираш уште подобро. Фраер си имаш начукано 35 години во гзот и бркаш малолетнички кои само што станале манекенки.

Фраер исто така можеш да бидеш ако се фалиш колку девојки си прошол, и тоа јавно, колку што те држи гласот за да можат да те слушнат и во другиот кафич. Фраер си ако ги омаловажуваш жените, а богами и ако ги откачуваш откако ќе ги пројдеш. Фраерот нема девојка иако на сите им кажува дека им е дечко. Фраер си ако секоја вечер си излезен со различна женска, а особено ако завршиш со некоја друга откако ќе ја испратиш првата дома.

Порано фраерите се броеја на прсти, денес никнуваат кај и да се свртиш. Процесот на станување на фраер денес е забрзан со продажбата на лесно обработливо земјиште. Шитни нива – стани фраер. Во тој случај си аграрен фраер. Лапни позиција – стани фраер. Тогаш си кариерен фраер. Јади дома леб и сол – нарачај флаша во диско. Тогаш си викендашки фраер. Ај сега погледни се во огледало и подразмисли – каков фраер си ти? Има ли посебна категорија за тебе или некако ти се одмили да бидеш фраер? Ако додека се гледаш во огледало замислуваш пет женски до тебе, тогаш ти брат си холивуд фраер и сместа треба да си одиш од државава, по можност и планетава. Ај чао.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]