Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 4

Жени. Нема посовршени, а истовремено и попроклети суштества од нив. Доаѓаат во сите големини, облици и психофизички состојби. Какви и да се, секогаш има некој што ги сака и некој кому тие се се’. Нема да правам поделба и некаква категоризација, не. Тоа долго време го правев и малку ми се врати како бумеранг директ во сурат. Мислев дека ги имам сфатено жените и искрено добро ми идеше, се додека не се појави една која не можев да ја сместам во ниедна категорија и тој мој очаен обид да најдам логика онаму каде што таа не ни припарува ми докажа дека правила и категоризации нема, има само уникатни ситуации и вистински наспроти неизреализирани девојки/жени.

Тема овој пат ќе бидат млади и „напредни“ генерации наспроти оние малку повозрасните (понекогаш, но не и секогаш, позрелите) генерации. Децава денес се тотално надвор од секаква контрола. Она што во мое време беше нормално во прва/втора година средно, денес е нормално во шесто одделение! Е сега, да не се разбереме погрешно, секоја генерација имаше по една до две девојки кои беа понапредни, ама денешниве веќе кршат рекорди. Младиве генерации за жал покажуваат неколку работи – очајна потреба од родителска љубов, вресок за помош до некој што е подготвен да ги ислуша и општествена отуѓеност. И ова е веќе загрижувачки тренд. Ова се веќе аларми кои одекнуваат насекаде, а сепак сите се глуви. Модерните родители се’ им даваат на своите деца (се’ освен љубов), се фокусираат на кариери, па децата ги расте компјутерот или дадилка или им дозволуваат да прават што сакаат бидејќи тоа е сега ин.

Да, денес да се биде ин значи многу, особено во Скопје каде што општествените касти цутат. Но, дали е реално така? Дали да се биде модерна мајка значи и да се биде бизнис жена која кисне по дискотеки, додека нејзините деца учат за сексуално образование од интернет форуми? Дали модерните жени веќе немаат време за нивните деца, па тие треба сами да се растат? Одговорот е не. Но, ако е така, тогаш што е вистинска жена? Ова е прашањето на денот, или поточно на оваа прекрасна летна ноќ.

Наречете ме старомоден ако сакате, ама јас се’ уште за вистински жени ги сметам жените со следниве карактеристики. Вистинската жена не пати од комплекси да се натпреварува со нејзиниот маж/партнер/сопатник. Вистинската жена знае дека мажот е глава на семејството, а она не е врат, како што некои викаат, не, она е СТОЛБОТ на семејството. Она е личноста, сврзувачкото ткиво која ја дава суштината на една заедница. Вистинска жена дава се’, а за возврат очекува љубов и почит. Очекува мажот да биде маж и да стави храна на масата, да обезбеди за нормално функционирање на семејството, да го заштити семејството, да донесе тешки одлуки во тешки моменти, а она е тука да му даде сила, да го охрабри, да му даде идеи, да му го храни егото за да не се осеќа како мало детенце кога ќе излезе во арената на останати мажи. Да, жената го прави сето тоа. Вистинската жена.

Но, вистинските жени изумреа. Тие малку „диносауруси“ и загрозени видови што останаа што мислите, што добија за возврат? Неколку среќнички добија се’ што посакуваа. Таквите парови, сопружници, љубовници ќе ги видите низ Скопјево како се држат за рака секогаш насмеани. Знаат да се вклопат во секое друштво, знаат да излезат во град и да се журкаат  како луди, знаат да идат на романтични викенди заедно, знаат и посебно да излезат, но истовремено, знаат и да дадат се’ за нивните деца, да жртвуваат дел од нивните задоволства за децата, да работат до доцна навечер и пак да имаат време пред спиење да ги бакнат децата и да ги прашаат што правеле дента на школо. А што добија поголемиот дел од вистинските жени? Добија прекори дека гњават и трујат со негативни мисли, добија метафорична и вистинска шлаканица, добија непочитување и болка нанесена од луѓе кои лаички мислеле дека се вистински мажи, но се покажано дека се само загубени дечиња со Едипов комплекс.

И вистинските жени, повредени и занемарени, како вистински неимари/градежници од највисок ред почнаа да градат ѕидови. Од средно високи дворни ѕидови, па се до кинески ѕидови кои се протегаат со километри во должина и метри во висина. Вистинската жена полека умира, а со тоа умира и столбот на семејството. Крахот сите ќе го почувствуваме, крахот сите веќе го гледаме. Без вистинска жена нема вистинско воспитување, нема здрави девојчиња – автоматски, нема иднина. Вистинските мажи одамна се изумрен и редок вид, не дозволувајте тоа да се случи и со вистинските жени! Покажете љубов и почит, покажете што тие значат на светов, покажете што значи да имаш муза покрај себе!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]