Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 5

Теории. Непишани правила. Сите ги имаме, сите ги промовираме со цел да објасниме некој концепт кој претходно не ни бил јасен или за кој едноставно ние, а и луѓето околу нас, немаме објаснување. За потешките теми во животот кога луѓето немале објаснување за некој природни и натприродни појави обично се вртеле кон религијата, култовите, сектите и другите религиозни облици на здружување и одговорот, најчесто, го наоѓале или во усните проповеди од соодветните свештеници, друиди, попови, оџи, рабини и слично или во соодветните свети книги.

Но, што се случува кога во прашање се сексот и сакањето? Тука веќе ни е под чест да речеме дека не знаеме што се случува и обично се покажуваме со нашето знаење и ги исфрламе горенаведените теории и непишани правила за да покажеме колку сме емоционално интелигентни или пак колку сме „фраери“. Теорија/правило или не согледувањата секогаш ќе ве доведат до заклучок. Денешната тема е обратнопропорционалноста на мажите и жените. Феномен кој е навистина интересен за анализирање.

Да почнеме од најобичното флертување или исконското шмекање. Женските додека се во тинејџерски години се експерти за скенирање на просторија за машки кои им се свиѓаат без воопшто да ги забележите. Ти мислиш дека таа си зборува со другарките а она веќе те има искенирано од глава до пети и веќе им кажува на другарките дека имаш многу широки колкови, невообичаено долги прсти и дека левата веѓа ти е погуста од десната! Од друга страна, пак, машките додека се тинејџери се толку очигледни кога скенираат во просторија што дури изгледа и ретардирано. Не дај Боже да помине девојка со облини има да си го исчашат вратот, пет пати ќе се излигават и уште може да акнат и некој селски коментар – гратис.

Зошто е тоа така? Делумно тука играат улога две работи. Прво, општествено прифатените правила и улоги на машките и женските во тинејџерските денови. Во превод, ова значи дека во ред е машко додека е тинејџер да е напалено говедо, а додека девојката треба да биде мирна, умна и прибрана, инаку ќе ја зборат. Второ, либидото кај едните и кај другите не е ни оддалеку на исто ниво. Машките во тинејџерски години се напалени како мајмуни, додека девојчињата иако повеќето од нив веќе започнале со сексуални односи, се уште не си го разбираат ни своето тело, па камо ли да можат да се опуштат и навистина да уживаат во сексот. Кај нив владее желбата за љубов и емоции, додека кај машките владее желбата за животински расплод. Затоа помлади девојчиња (на 18-20 годишна возраст) најчесто привлекуваат постари машки (28-33) на кои им се допаѓа фактот што тие се неискусни, што ќутат и ништо не кажуваат на околина за некој да не ги суди, а сепак поради нивната младост се згодни и најчесто физички убави.

Години поминуваат и што се случува? Жените со тек на време си го спознаваат телото и својата сексуалност и стануваат се понедискретни во шмекањето бидејќи веќе стануваат возрасни и сфаќаат дека глумењето лудило веќе не пали. Кај мажите, пак, веќе навлегува идејата дека иако и мажите и жените го сакаат истото – секс – сепак начинот на којшто треба да се дојде до тоа не треба да биде до толку очигледен (повторно поради гореспоменатите општествени правила, морали и норми). Па така, мажите учат да бидат подискретни во шмекањето и некаде накај 24-25 годишна возраст мажите и жени се тука некаде по однос на либидо, емоционална интелигенција и желби. Затоа најчесто на оваа возраст ќе видите парови каде нема разлика во години и каде што може тоа добро да функционира.

Е веќе при крајот на дваесеттите и почетокот на триесеттите години имаме целосен пресврт. На жените, кај кои сега веќе згора на емоционалната зрелост може да ја додадеме и сексуалната, веќе не им е до игра и глума. Повеќе не можат, а богами ниту сакаат да го кријат своето либидо. Сакаат некој да ги натера да се чувствуваат како вистинска жена и веќе сексот за нив е уживање. Мажите, па како за инает, веќе го губат оној сексуален елан и сексуално отупуваат. Сега веќе предизвик се новите општествено наметнати норми на кој ќе плесне повеќе цури и кој ќе стави повеќе цртки во списокот. Од таа причина жените веќе бараат помлади машки кои можат да им го понудат тоа што им треба во однос на сексот, а кои поради нивната младост може лесно да се манипулираат и да се извајаат во нешто што им одговара.

Како и кај секое правило така и кај ова – исклучоци постојат и ги има безброј. Но, што е поентава на сево ова? Поентата е да се разбере другата страна пред да се разочараме и да се откажеме од тоа што го бараме. Ако некоја девојка е млада и глуми, не значи дека тоа го прави намерно и дека не сака да биде со некој или ако е повозрасна и веднаш оди на тоа што го сака, не значи дека не сака нешто повеќе. Не значи дека ако некое машко е уште младо дека нема потенцијал да изненади и да биде поголем маж од некој постар од него, или пак дека ако некој е повозрасен и дека постојано напаѓа се што оди дека не сака љубов. Нема правила, само потрага по личноста која ќе ни одговара најмногу и која ќе не’ натера да заборавиме на сите други.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]