Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 6

Време. Времето е многу релативна работа. Понекогаш ќе се присетиме на настан, девојка, добар секс, голема љубов или буквално било што, што се случило пред Бог знае си колку години и ќе воздивнеме како да било вчера. Од една страна, години поминувале и големи настани и промени во нашиот живот се случувале, а вие се’ уште памтите една вечер од летото Господово, 2006 г., кога со вашиот најдобар другар под дејство на многу чкарт бугарска вотка сте завршиле во базен во дискотеката Лазур во Сончев Брег, Бугарија. Незаборавни моменти кои безвременски ги паметиме како да се случиле вчера.

Од друга страна, пак, тука се и годишнините и други датуми кои симболично нешто ни означуваат и кога ќе се присетиме дека поминало толку и толку време, едноставно не ни се верува. Понекогаш сфаќаме дека пред пола година сме запознале некоја личност која оставила траг во нашиот живот, а се чувствуваме како отсекогаш да си сме ја знаеле. Толку многу дешавки во толку краток период и веќе чувствувате дека се’ ви е измешано. Не знаете каде е почетокот, ни крајот.

Тука се и годините. И тие некако магично знаат да летнат. До вчера сте биле неискусно цицалче, аматер во блудот и развратот наречен Скопје, и додека се свртите веќе сте ветеран на кој се’ му е веќе јасно и сфаќате дека желбата за да пораснете пред време и да осознаете некои работи ви била толку голема утка пошто веќе градов убав почнува да ја губи својата убавина. Сфаќате дека секој со секого се знае, секој знае се’ за секого, па дури и за вас знаат работи уште пред и вие самите да ги знаете. Сфаќате дека тие што многу лаат се мирни како бубачки, а тие што ќутат само Господ знае што се’ прават без никој да ги знае.

Но, да не ги заборавиме и луѓето низ годините. Да, тоа е еден интересен феномен. Некои луѓе, кои порано не сме можеле да ги смислиме, или за кои сме имале погрешно мислење, сега веќе се луѓе со кои излегуваме, се сакаме и почитуваме. Со други, пак, со кои сме биле гз и гаќи, сега веќе немаме муабет. Ќе се начекаме некаде повторно во исто друштво и толку се чувствуваме без врска во меѓусебно присуство што ни доаѓа да фатиме магла по само пет минути. Години поминале, а уште истите муабети. Страшно!

Сепак, како секое светло на крајот на тунелот (освен ако не е светло од камион на еднонасочна лента од тунел, а вие возите во погрешен правец), тука се и луѓето кои се секогаш тука за вас. Тие неколку луѓе или една посебна личност се бесценетото наше богатство за кое не сме ни свесни дека го имаме додека не го изгубиме или додека судбината некако не не’ раздели. Дали било тоа најдобра другарка, девојка, дечко, роднина или омилена продавачка, не е ни битно. Она што е битно е дека таа посебна личност, секогаш ќе ви остане прикачена за срце, без разлика на се’. Формулата за успех на ваквите меѓучовечки врски е заемноста на енергијата која ја вложувате и двајцата. Ако е заемно, секогаш ќе трае; ако е еднонасочно или ќе боли или ќе го заборавите.

Убаво е да се имаат такви луѓе околу нас. Идеално е да имате таква девојка, со таков најдобар другар или другарка, блиска фамилија и по некоја фина комшика (комшиите обично не се фини). Кон тоа се стремиме и сите. Но, што се случува кога не е идеално? Кога имаме едно, а не друго. Е, во такви ситуации се гледа кој колку ве цени и почитува, и колку вашето присуство го зема здраво за готово. Тука веќе луѓето прават глупости. Од носталгија кон тоа колку му било убаво со некоја девојка претходно, еден претходно верен дечко ќе почне да ја изневерува сегашната девојка во очајна потрага по друга која ќе ја исполни таа празнина што сега ја чувствува со сегашната. Од истите причини, пак, друг дечко не може да ја остави на раат бившата и упорно се враќа кај неа. Или, пак, дечко се дружи со 30 луѓе одеднаш сфаќајќи дека се обидува од тие 30 души да го земе најдоброто за може да го состави најдобриот другар кој се преселил во Америка пред неколку години. Да, се’ се тоа очајни носталгични обиди да вратиме време или личност со која ни било најубаво.

И понекогаш тоа ни успева, понекогаш и не. Се’ е тоа дел од нашето секојдневие. Забораваме на важни луѓе, се однесуваме себично, повредуваме без да сакаме, судиме иако некој може комотно нас да не суди за многу пострашни работи и ништо не не’ засега. Години летаат, лета и паметот и затоа забораваме. Но, она што не смееме да го заборавиме е дека безначајниот секс нема да ја пополни дупката на личноста која реално ја сакате; излегувањето со милион луѓе нема да ја замени другарката која секогаш знае што да каже и со која можете да се журкате каде и да сте, и живеење во минатото сигурно нема да ви ги отвори очите за да можете да видите што иднината може да ви донесе. Уживајте во спомените, но борете за да создадете нови и поубави. Лека ноќ Скопје!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]