Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр. 9

Како знаете дека сте заљубени? Кои се „симптомите“? Како се чувствувате? Како се однесувате тогаш? Сте се запрашале ли некогаш зошто одредени врски се разликуваат една од друга? Зошто некого повеќе и поинтензивно го сакате од друг, или зошто врски кои траеле со години сте можеле да ги завршите релативно мирно и без многу болка и последици, додека други далеку пократки и понатаму ве реметат и не ви дозволуваат да продолжите понатаму?

Одговорот е релативно прост. Разликата се состои во разграничувањето помеѓу два концепта: љубов и заљубеност. Заљубеност, дефинирана преку термин наречен лимеренс (анг. Limerence) измислен од страна на психологот Дороти Тенов во 1977 година, претставува состојба којашто е резултат на романтична привлечност кон друга личност во комбинација со огромна, дури и опсесивна, потреба истата таа личност да ни врати со иста мера и со исти чувства. За разлика од лимеренс (ние тоа по нашки ќе го крстиме „љубозност“) љубовта е состојба во којашто се грижиме за чувствата и добросостојбата на личноста која ја сакаме, поточно љубиме (сакаме асоцира повеќе на љубозност) без да очекуваме дека тие чувства ќе ни бидат возвратени.

Другата разлика помеѓу љубозноста и љубовта се состои во тоа што љубозноста (според истражувањата) обично трае најмногу до година и пол, но реално и најчесто неколку месеца, при што или се заменува со љубов, или чувствата се пренесуваат на нова личност, премет на љубозност. Она што е интересно е дека љубозноста е толку силна што има огромно психолошко влијание на љубозникот (лицето кое е заљубено – но кое реално не љуби). Најчести манифестации на љубозноста се физичка болка в гради кога љубозникот смета дека нема никакви изгледи за чувствата да му бидат возвратени, како и неверојатна еуфорија кога тие ќе му бидат возвратени.

Според оваа теза љубозникот најчесто и  не е заљубен во самата личност туку во некаква нереална проекција на истата. Чувствата неретко се одбиваат како такви бидејќи личноста која е предмет на љубозноста сфаќа дека тоа се нереални фантазии и дека всушност тие како пар воопшто не си одговараат. Во други ситуации љубозникот доколку добие шанса кај личноста која ја сака може и да сфати дека таа реално не му одговара и да се освести од тој свет на фантазија или пак да развие реални чувства на љубов.

Сега сигурно би прашале „Што е тогаш вистинска љубов?“ Вистинска љубов, прво и основно, може да има само доколку ја познавате личноста доволно добро за да можете да ја цените како таква со се сите нејзини маани и јаки страни и доколку реално сакате таа да биде среќна по секоја цена, па дури и да ја изгубите. Доколку љубовта е доволно силна и искрена, таа несомнено ќе предизвика реакција кај личноста која ја љубите и доколку си одговарате таа ќе заврши среќно.

Но, како можеме да бидеме сигурни кога сме љубозни, а кога искрено љубиме? Дистинкцијата, иако и научно некои лица можат да ја стават во некакви рамки, честопати тешко ја правиме. Од една страна, тоа што знаеме од лично искуство е дека за да постои љубов потребно е двајцата да вложуваат во една врска, да растат заедно и поединечно, да се почитуваат, да се грижат, поддржуваат и да веруваат еден во друг. И тоа мора да биде основата. Сѐ друго може да биде вклучено во равенката; тешки и лоши моменти, сомнежи, љубомора (во доза на нормалата), падови и препреки (меѓусебни и од надворешни фактори), но доколку сме сигурни во тоа што го сакаме, тогаш љубовта ќе опстане.

Од друга страна, доколку постојано сме во потрага по тоа што не можеме да го имаме, доколку се бориме за нешто што не ни следува и доколку се најдеме во ситуација на болка која е преголема и ја надминува „добивката“ од возвратена љубов, тогаш треба да се обидеме да се свестиме дека станува збор за љубозност. Во ваква ситуација, најпаметното нешто е да се истрае. Човек мора да се обиде да остане трезвен, да не се препушти на негативни чувства, да истрае низ депресија, но и низ ексцесите, да не потиснува чувства и да си каже што му лежи на срцето и најважно од сѐ, да не се обидува да најде замена за личноста која е предмет на љубозност, бидејќи само може да ги префрли чувствата од една на друга и резултатот да биде многу полош.

Секој еден од нас имал вакви моменти, што не значи сега дека треба да скокнеме и да ставиме сѐ во некакви рамки, дефиниции и категоризации. Но, убаво е да знаеме дека постои љубов и љубозност и дека понекогаш, иако ни е тешко тоа да го прифатиме, мораме да пресечеме и да се свестиме дека љубовта ја карактеризира несебичноста, а не барање на реципроцитет. Во таков случај ја покажуваме нашата моментална емотивна зрелост на 5 годишно дете кое плаче бидејќи не му трчаaт по газот. Толку за вечерва. Пријатни сништа на сите.

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]