Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје, секс, сакање бр.10

Што значи да си сингл во Скопје? Ова навидум едноставно прашање дефинитивно повлекува доста комплексен одговор. Но, за да можеме да дадеме одговор на ова прашање мораме да ги разгледаме сите алтернативи на сингл кои може да се сретнат во градот наш (не)убав. Тука веднаш ќе се запрашате што му е проблемов на типов? Што блада? Па, логички е дека ако не си сингл тогаш сигурно си во врска. Но, дали е навистина така?

Многумина ќе се сложат дека освен трите „агрегатни“ состојби: сингл, во врска и во брак, постојат и измеѓу фази кои дури и социјалните мрежи од типот на Фејсбук ги прифаќаат како нормални. Меѓу нив најпопуларни се отворената врска и состојбата кога работите се комплицирани (да не речам, а ќе речам, некој(а) кога го тупи), како и состојбите кога некој(а) е вдовец(а) или е разведен(а) – кои се повторно варијации на сингл со тоа што само наведувате како сте стигнале до тој стадиум. Но, приказната не запира тука. Кои се меѓустадиумите за кои ретко кој проговорува?

Сингл – но се муваат со бившите. Овој стадиум е доста чест во Скопје. Лицето кое се наоѓа во ваква состојба, всушност е далеку од сингл. Ако состојбата сингл подразбира дека сте слободни да се гледате со кого сакате и подготвени да започнете нешто ново со друга личност без да имате емоции кон некој друг, тогаш овој меѓустадиум е најотров комбинација која можете да ја замислите. Личностите кои сѐ уште се муваат со бивши се толку емоционално недостапни што едноставно нема леб од нив. Секој ваш обид за зближување со нив најчесто потегнува носталгија по бившата љубов и само им помага да ќарат поени кај дотичната личност од проста причина што недостапноста им ги крева акциите. Овие личности дефинитивно не се сингл.

Сингл – но се заљубени во најдобрите другар(к)и. Уште една хибрид категорија. Тука повторно нема леб. Дотичниот тип го гледате како е гз и гаќи со „најдобрата“ другарка, како се дружат постојано, а всушност, кутриот само чека шанса да се наместат коцките на место за да може да ја нападне како што лав напаѓа газела додека пие вода – со скок-пук од зад грб кога најмалку очекува. Ваквите луѓе имаат потенцијал или да успеат во нивните намери – доколку имаат фидбек од другарките – или пак да завршат со вас – доколку им текне дека другата страна им е навистина само другарка и ништо повеќе.

Сингл – но со милион луѓе на лагер. Ваквата личност е класичен флертер, а честопати и фраер(ка). Друг назив за ваквата личност е дете кое не знае што сака. Е ова може да е најлошата категорија на луѓе кое речиси се сингл. Ваквите личности најчесто пуштаат водичка на сите страни, флертаат со сѐ живо и диво, а ретко кога знаат што сакаат. Нивната несигурност потекнува или од траума од детството олицетворена во страв од љубов и сериозна врска или од некоја претходна врска каде што биле повредени и сега најлесно им е да избегаат секој пат кога работите ќе станат пресериозни во нивното царство на луѓето кои ги држат на лагер. Најчестите жртви кои чекаат на лагер се луѓе кои не им се целосно привлечни, бивши, другари/другарки со кои знаат дека имаат шанса и луѓе исти како нив од спротивниот (а по некогаш и од истиот) пол. Овие луѓе се најчесто емоционално недостапни и не се препорачуваат за луѓе кои си го ценат психичкото здравје, бидејќи се извор на нервози, караници и фрустрации.

Навидум сингл – но во врска/брак. Овие луѓе исто така ги има многу во Скопје. Тоа се луѓе кои најчесто се во долги врски/бракови во кои нешто им фали. Најчесто нема ни да забележите дека се во врска/брак, бидејќи се појдени на лов. Оваа категорија има три подкатегории: луѓе кои имаат добар секс во врската, но им фали љубов; луѓе кои имаат љубов, но им фали добар секс и луѓе кои прерано скокнале во озбилна врска и сакаат да истражат што сѐ им нуди пазарот без да ризикуваат и да раскинат. Првата подкатегорија најчесто емотивно влегуваат во нови авантури и е сосема возможно да ви вратат со целосни емоции, па дури и да се одлучат да го напуштат партнерот и да почнат нешто ново со вас. Втората подкатегорија се лица на кои им е толку удобно во врска што само ќе ве користат за секс и ништо повеќе – комбинација која може да биде измислена за вас, ако само сакате секс, или да биде кошмар, ако се заебете и се заљубите во ваква личност. Третата подкатегорија е најопасна бидејќи никогаш не знаете на што сте со нив – нешто слично како оние што се сингл, но имаат милион луѓе на лагер.

И што е заклучокот од сево ова. Дали овие луѓе кои навидум тврдат дека се сингл се луѓе кои треба да се сметаат за потенцијални „слободни агенти“ на пазарот на љубов? Апсолутно не. Сингл, барем за мене, е многу моќна категорија. Лицето кое е навистина сингл, особено во Скопје, е лице кое е многу здраво на психолошко ниво, нема предрасуди, знае да се грижи само за себе, знае да носи независни одлуки, работи на себе, работи и заработува за себе и нема потреба никој да му/ѝ го брише газот. За жал ваквите лица се ретки, но не значи дека не постојат. Можеби нема да ги најдете мртви пијани во град, но ако се ослободите од потребата да ги најдете и почнете да работите малку на себе си можеби ќе ги сретнете во театар, на опера/балет, на изложба, на свирка, на изложба, во кафеана, на плоштад, преку работа или можеби ќе ви пријдат на улица додека галите некое бушаво куче полно со вошки. Судбината е чудна, а наше е, најпрвин, да научиме да се сакаме самите, а потоа другите. Добра ноќ, Скопје! Добра ноќ, Македонијо!

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]