Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Корида

Од вакуум просторот на светото ни тројство

Срце, душа и ум, одекнува крик на ранет бик

Во корида со искусен матадор пред публика бројна

Жедна за крв, месо и изнутрици од шампион-гладијатор,

Бог на арената заробен, затворен во тело на моќен ѕвер

А беспомошно западнат во тело кое не знае, не може, и не сака

Да го координира кон сигурна победа

Или барем кон нежен пораз.

 

Не, поразот не е опција, бидејќи душата се бори,

Срцето пумпа крв,

Мозокот калкулира,

Телото се тресе,

Разумот не’ двоуми

И пак сме тука, осамени, на сред корида пред илјадници.

Осамени во толпа, а среќни во изолација.

 

Додека забревтано губам здив помислувам на бодежот,

Како дојде брзо, силно, ненадејно, директ в гради.

Кого лажам? Какво црно ненадејно?

Мечот ми стоеше пред гради уште пред да влезам во коридата,

А јас само требаше да легнам врз него лесно

За да може болката да се истрпи и бодежот да се преживее,

Но не, јас херојот Спартак, одам на се’ или на ништо,

На слобода или смрт,

На љубов или пораз,

На вистина или на болна лага, завиена во триста кошули на измама

И што гледам, гледам дека битката е изгубена уште пред да почне,

Дека исходот е обратно пропорционален од очекувањата,

Дека само сум се залажувал додека матадорот ме мавтал

Низ коридата, низ арената, низ времето и просторот.

 

По долга и истоштувачка борба последното нешто што го видов

Беше црвеното.

Црвеното платно,  како црвената страст,

Како црвенилото во очите при напад на бес,

Како црвенилото од крвта која ми ја пролија,

Како црвенилото на кожата при жестокиот стисок,

Како црвенилото од земјата која ме родила,

Како црвенилото од родниот крај

И црвено-жолтото знаме кое врз мене го положија.

 

Да, јас морав силно да се наденам на мечот

И еднаш за секогаш да го нарушам светото тројство

На душа, срце и ум

За да умрам како едно

И да се пробудам како две;

Едно суштество бик – душа и срце,

Друго човек – кал и ум

Без почеток и без крај, само вакуум и корида.

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]