Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Девојката со тетоважата-солза 3

Темелко почна да отвора очи и веднаш почувствува како го лазат морници. Каде сум, се запраша и се обиде да стане. Му требаше некоја минута за да може да почне нормално да резонира, само за да сфати дека е дома, но не на креветот, туку на подот. Почувствува остра болка во тилот и кај слепоочниците. Првото чувство кое обично доаѓаше по главоболката беше чувството на вина. Да, Темелко секогаш се чувствуваше виновен кога ќе се разбудеше пијан. Обично се присетуваше на претходната вечер, му се враќаше филмот и се исполнуваше со чувство дека претерал.

Мрзеливо успеа да стане од подот. Цел беше вкочанет, грбот го кинеше и беше премрзнат. Среќа што сум заспал облечен со се јакна инаку крај немаше да ми се најде, си помисли. Се упати кон кујната. Знаеше кој е рецептот за опоравување иако физички му се лошеше од сѐ. Го крена пластичното буренце со вода и почна да пие колку што физички може. Откако испи едно литар и пол вода директ од буренцето се избриша со цела рака како Крале Марко и почна да бара низ кошничката да види што има од овошје. Спука една банана и се напи витамин Ц и Б6. Потоа зема и исцеди цитрон, лимон и портокал и го испи. Само што заврши дел ритуалот за трезнење почна да му ѕвони телефонот. Филип беше на линија.

„Што кур сакаш бе ти рано насабајле“ – поспано одговори Темелко.

„Пак се начука бе свињо? И кое црно сабајле, 12 саат е!“ – му се насмеа Филип.

„Сабајле е за мене, у 6 си легнав.“

„Барем опна ли нешто?“

„Опнав, да. Си ја опнав ногата од масата, коленово ми е како баскет.“

„Од увек сум викал дека си чкарт фраер, за кур не те бива.“

„Јеби га, не можеме сите да сме јебовци ко тебе. Толку си фраер што со женски во Скопје си имал секс, само што тие уште не се свесни.“

„Многу си смешен, ко на заебанција да те праеле.“

„Ај доста не ми мрчи ме боли глава ќе полудам!“

„Па напиј се Аналгин.“

„Не можам да пијам Анал-гин брат, многу болно ми звучи вака посабајлечки. Ај Орал-гин да се напијам, Анал-гин тебе ќе ти оставам и така си по спортот!“

„Ај иди напиј се нешто не се трпиш. Сакаш да идеме на чорба некаде? Да се оправиш малку?“

„Ајде бе, да се средам само малку и ќе тргнам накај центар.“

„Што ќе ти е средување бе, не го тупи, не си жена.“

„Не сум ама смрдам на бајат анус, морам да се истуширам!“

„Добро, за саат време те чекам у нашана биртија.“

„Топ си, кисче!“ – рече со иронија Темелко и спушти. Се истушира, се среди, се напи Кафетин и излезе. Надвор беше сончево, но мраз ладно. Минус 5, какво чкарт време е ова, морам да се иселам од државава, си помисли додека шеташе накај нивното зборно место. Чистиот и ладен воздух беше смрт за мамурлак. Се чувствуваше како воз да го згазил.

Првиот „флеш“ го удри по само стотина метри. Се сети на почетокот на вечерта. Солза му се имаше јавено. Поминаа две години откако таа се имаше омажено за Симе и година и нешто откако ја роди Петра. Веќе ја имаше потиснато длабоко во потсвеста, затворено со 10 клуча, синџири, метални врати, вуду магии, клетви и сѐ што можеше да најде во главата. Ја пцуеше и проколнуваше што го остави иако беше спремен да и даде сѐ, беше лут како рис, беше повреден надвор од сите мери, беше отров лош.

„Среќен роденден!“ – му рече Солза со најискрен тон на гласот.

„На што се должи ова задоволство? Што ти текна роденден да ми честиташ?“ – збунето праша Темелко.

„Зошто ме прашуваш? Мислиш дека не сум помислила на тебе и не сум се сетила дека ти е роденден? Не очекуваше дека ќе ти се јавам?“

„Очекував, ама се убедував дека нема шанси да се јавиш, особено не со оглед на тоа како ги завршивме работите последниот пат кога зборувавме.“

„А кој е крив за тоа?“

„Немој те молам да ми почнуваш такви муабети. Да не биде пак иста песна, 2 минути нормален муабет, 20 минути карање и меѓусебно обвинување. Знам дека си ми лута, таква си, вампир, сѐ памтиш и ништо не забораваш, ама фала ти што се јави. Ценам.“

„Гледаш како си знаеш. Шуќур и ти нешто си научил. Него батали тоа, како се чувствуваш?“

„Старо. Не ми држи гзот веќе...“

„Ама затоа пиеш и се журкаш како да ти држи.“

„Од кај знаеш па ти тоа жити се?“

„Јас сѐ знам! Инаку ти пратив подарок преку Весна, за скоро треба да го добиеш. Пиши ми порака на мобилен кога ќе го добиеш да ми кажеш што мислиш, може?“

„Договорено!“

Откако блиц флешот му помина, забележа дека повеќе не оди на тротоарот туку на самата улица. За влакно ќе го изгазеше автобус. Боже што ми прави оваа жена, луто си се искара и продолжи да оди. Флешовите продолжија да го маваат и една по друга му редеше секвенца по секвенца на целата вечер.

Прво му се појави сликата од Весна кај него на врата со шише вино во едната рака и нешто правоаголнесто во другата. Следно веќе Весна беше седната кај него на кауч и му помагаше да го одвиткаат поклонот. Слика. Сликата којашто ја видоа во старата галерија кога беа на одмор во Рим. Не можеше да поверува! Како можела Солза воопшто да запамети дека таа слика му остана запечатена во сеќавањето, а не па да успее да дојде до неа.

Втората слика која му светна пред очи беше моментот кога почна да ѝ објаснува на Весна што значи слика за него. Со мислите и сеќавањата веќе беше во Рим, ѝ раскажуваше на Весна како си прошле тој ден, средбата со чудниот човек на улица кој им предвиде дека ќе раскинат, но дека духовно никогаш нема да се разделат, за музејот, за кустосот, за вечерата, за ветувањето кое си го дадоа пред „Фонтана ди Треви“.

Третата слика веќе почна да му задава проблеми. Сега веќе плачеше како мало дете во прегратките на Весна. Таа го тешеше дека времето лечи сѐ и дека ако требало да биде дека на крај ќе завршат заедно со Солза. Пред да се свести што се случува веќе го отвораа виното и почнаа да пијат. Виното за миг го снема, па Темелко веќе отвораше шише виски. Темелко реши да ѝ каже сѐ на Весна. Таа не беше заинтересирана да слушне, особено поради фактот што никогаш не можеше да разбере како Солза може така да се однесува спрема Темелко така. Темелко сепак почна да зборува за сѐ и веќе ја имаше маѓепсано Весна како многу пати претходно.

Четвртата слика веќе беше проблематична. Темелко ѝ се довери на Весна дека отсекогаш му се допаѓала и дека единствена причина поради која не пробал ништо била Солза. Весна нервозно подголтна и си ја допи чашата виски на екс. За неколку моменти веќе го довршуваа шишето.

„Дали си нормален бе будало една! Ќе те изгазев за малку! Кај ти е паметот?“ – му се раздра гневниот возач на Темелко кој како зомби му никна пред автомобилот.

„Извини, извини...“ – промрмори Темелко и влезе во биртијата.

„Брат, арен си бе ти?“ – го праша Филип кој виде како за малку Темелко ќе завршеше под гуми.

„Не сум ич арен.“

„Мамурлак?“

„Реалност.“

„Што се случи вчера?“

„Весна, вино, виски, вистината...“

„И?“

„И ја нападнав, нормално.“

„Не сери! Не си толку глуп, мајку му ебем, или си?“

„Сум!“

„И?“

„Па пијана беше, не можеше да се противи. Отсекогаш знаев дека и она ме симпатиша, само се воздржува поради мене и Солза.“

„И?“

„И проблем. Алишта во вис. Гаќи на сите страни. Секс. И Солза баш у тој момент на врата ѕвони со торта во рака...“

„Што збориш бе? Мајко мила ти си космички малер! И?“

„И оваа приказна никогаш нема да има крај... очигледно...“

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]