Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Девојката со тетоважата-солза 4

Солза стана на лева нога. Имаше некое гадно претчувство дека денес ќе биде ден исполнет со лоши изненадувања и не сакаше да мрдне од кревет. Во собата влезе мајка ѝ и почна да ја буди.

„Станувај Тино, имаш цел ден пред тебе со обврски, а ти спиеш како мрцина!“ – свика Стојна.

„Се гледа дека си од друг век ти, само за таквите ко тебе свадба е обврска!“ – процеди Солза низ заби.

„Па обврска е, должност кон мажот кој си го избрала.“

„Сакаш да кажеш, мажот кој вие ми го избравте!“

„Молим те еднаш во животот престани со сарказам. Знаеш добро дека Симе е супер за тебе и дека сестра ти ќе беше среќна да знаеше дека ова го правиш за неа.“

„Знам, знам, сите среќни да сте битно, а за мене не е проблем, јас сум јака, можам да издржам.“

„Сожалување од мене нема да добиеш, станувај одма!“

Солзна неволно почна да се облекува и забележа дека има 5 пропуштени повици на мобилниот. „Луѓево почнале да напињаат уште во 7 саат сабајле!“ – си помисли и провери кој сѐ ја барал. Еднаш тетка ѝ и четири пати Весна. Веднаш ѝ сврти за да не губи време.

„Добро гори некаде? Некој умрел? Со кој памет ми вртиш како психо олку рано краво една?“ – писна Солза.

„Добро утро и на тебе, дебела!“ – ѝ врати Весна со ист тон.

„Што сакаш, кажувај! Лета денот, а ти за три саати треба да си тука, инаку, колку да те информирам.“

„Погоди вчера кого видов во 5 саат сабајле откако те испративме дома после девојачко?“

„Е кого де?“

„Темелко!“

„Каде го виде?“

„На Рекорд... со цура...“

„Како тоа со цура?“

„Така се лапаше со една плавуша...“

Молк од другата страна едно триесетина секунди и потоа одговор: „Е добро де, и?“ – се обиде Солза ладнокрвно да одговори.

„И ништо? Сметав дека треба да знаеш. Знам дека не ти е сеедно.“

„Не е ни битно повеќе. За 7-8 саати ќе се мажам. Нека е жив и здрав, има секое право да продолжи понатаму.“

„Е што, демек не те допира ова што ти го кажав?“

„Не! И престани да ме замараш со глупости, земи спреми се и доаѓај побргу, ми треба помош со сиве глупости, глаата не знам каде ми е!’ – писна Солза и спушти слушалка. Срцето ѝ чукаше двесте на час и цела почна да се тресе. Бавно се упати кон орманот и зема еден дијазепам. „Мамето да ти го ебам селско, не почека ни месец дена за да продолжиш понатаму, а демек ме сакаше! Скот глупав!“ – си помисли во себе и почна да плаче од нервоза.

Додека трепна летна времето и веќе беше нашминкана, облечена во венчаницата и подготвена за целата церемонија. Дијазепамот не ѝ помогна. Уште беше растревожена од веста што ја слушна изутрината. Ја грабна Весна за рака и ја однесе во купатилото.

„Збори!“ – бесно писна Солза.

„Што да ти зборам, бе, што ме влечеш како луда?“ – збунето праша Весна.

„Детали сакам! Која е таа „плавуша“? И како тоа баш „ти“ ги виде, баш вчера, баш во пет часот, и тоа баш на Рекорд?“

„Епа нели те оставивме тебе накај три саат дома?“

„Да, де, да!“

„Епа после со Верче и Бети продолживме во Балет, ги начекавме Перо и компанија и останавме додека имавме сили. Верче се смува со тој Словенецот, братучед му на Перо, а ја и Бети тргнавме накај дома. И на пат накај дома поминавме од кај Рекорд и го гледаме Темелко таму со некоја дрољетина како се лапа и ја испраќа до такси. И застанавме и му викаме – која ти е оваа бе? И он, онаков, самозадоволен што сме го фатиле на дело вика – една другарка. Му реков да не јаде гомна многу и дека треба да се засрами што паѓа олку ниско, а тој само кретенски рече – поздравете ја другарка ви и пожелете ѝ среќен брак, кога веќе сме кај паѓање ниско! И толку...“

Солза само ја наведна главата надолу и почна да липа. Весна ја гушна силно и ја праша што ѝ е, но Солза не одговори. Плачеше неколку минути без престан и одеднаш ја крена нагло главата си ги избриша солзите од лице и излезе од купатилото со полна пареа и се упати кон влезната врата. Додека Весна сфати што се случува, Солза веќе трчаше надолу по скалите колку што ја држи силата. Весна погледна на часовникот – веќе беше 12 часот. Зетот и неговите требаше да дојдат по невестата во 2, а невестата исчезна во непознат правец.

Во рок од петнаесет минути Солза веќе беше кај Темелко во влез и трчаше нагоре по скалите. Мобилниот, кој за среќа се сети да го земе со себе, ѝ ѕвонеше ко луд. Бидејќи виде дека Весна е таа што упорно ја бара реши да крене.

„Што е?“ – врисна додека скокаше по скалите нагоре.

„Каде отиде, лудачо една, за неполни два саати сите ќе бидат тука!“ – со плач во гласот врисна Весна.

„Ќе дојдам максимум за саат време, да не си ми ѕвонела пак, инаку ќе го исклучам скроз мобилниот, па после ќе хистеришаш! Слушна?“

„Добро психо една! Ама ако те нема за саат време има да викнам полиција да знаеш!“

„Чао!“ – се раздра Весна и спушти. Веќе беше на петтиот кат пред вратата на Темелко и се втурна без воопшто да тропне. Директно му влета во спалната каде што го начека цел зашеметен и му скокна в кревет. Додека Темелко сфати што се случува веќе образот му гореше од шамарот кој го доби како подарок за потегот со плавушата.

„Добро дали си ти нормална! Ми упаѓаш дома во венчаница и ме млатиш како да сум стока. Дали имаш три чисти во тоа главата, козо една неизмолзена?“ – избезумено праша Темелко.

„Стоко една невоспитана, не можеше ни еден месец да почекаш?“ – низ заби процеди Солза.

„Јас да причекам? Пизда ти матер, ти денес се мажиш со оној телетабисон и јас сум крив што сум се смувал со некоја која ништо не ми значи во животот? Кој ти е курац, бе, тебе, ти нормална ли си? Ајде, удри ако ти е полесно, докрајчи ме скроз...“ – рече Темелко и пред да ја заврши реченицата Солза веќе го бакнуваше и го галеше по лицето. Потоа го гушна силно и почна да липа од болка. Темелко не можеше да сфати што се случува и само стоеше неподвижно, збунет и растревожен од целата ситуација.

„Не ми е јасно што сакаш од мене, луда жено...“

„Сакам да ќутиш едно пет минути... Можеш ли толку време да издржиш без да мелеш?“

„Не! Лут сум ти, бесен сум и имам право да бидам таков, а ти немаш право ама апсолутно ништо да бараш од мене!“

„Знам како се осеќаш, повеќе од јасно ми е, верувај ми.“

„Не ме интересира што знаеш и колку ти е јасно. Срцето ми го растрга на милион парчиња! Никогаш нема да го прифатам ова, без разлика на причините. Никогаш! Чу! Не заслужуваш ни пет секунди, а не пак пет минути. Оди си под итно оттука, не сакам да те видам до крајот на мојот живот!“

„Носи ме!“

„Каде да те носам бе!“

„Било каде! Носи ме додека сѐ уште има време.“

Темелко се збуни. За момент сите желби му се остварија и гледаше надеж во целава приказна. Почна да си прави планови во главата и се насмевна. Одеднаш цел свет беше пред него, а тој неговиот господар. Милион убави мисли му поминаа низ глава и ја јасно ја гледаше иднината. Во тој момент заѕвони мобилниот на Солза. На екранот пишуваше Симе и толку му требаше на Темелко. Сите стравови, сиот бес, сета болка се врати за секунда и тој повеќе не можеше да се контролира. Повреденото его му скокна до небо и само ладнокрвно рече: „Ќе си сркаш што си си надробила! Можеш слободно да кренеш и да си одиш оттука, јас повеќе не сум заинтересиран!“

Солза стана и скршена во душата тргна кон плакарот каде Темелко го чуваше алкохолот. Го отвори шишето со виски си тури пола чаша и ја испи на екс. Издиша длабоко, си тури уште една доза, ја испи, се сврти кон Темелко и искрено му кажа: „Извини за сѐ. Никогаш нема да те заборавам... Само ти си тој... Ти и никој друг...“

Во рок од три часа црковните ѕвона во црквата која се наоѓаше непосредно до зградата на Темелко почнаа да ѕвонат. Темелко, сѐ уште пијан од претходната вечер излезе на тераса да види што се случува и се стаписа од глетката. На двесте метра од кај него дома излегуваше штотуку венчаниот пар. Солза и Симе се венчаа во црквата каде што тој сонуваше дека ќе се земе со неа...

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]