Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Девојката со тетоважата-солза 6

30 декември, ден пред Нова Година. Еуфорија фрчеше на сите страни, луѓе среќни, весели, насмеани, а таа сама дома, со шишето виски в рака. Никогаш не сакаше виски, не ѝ се допаѓаше вкусот. Не, таа не сакаше виски, но тоа беше омилениот пијалак на Темелко, тој ја научи да пие виски.

            Солза го зема писмото. Рацете ѝ се тресеа. Се премисли, нема да го чита. Нема храброст. Почна да вришти колку што ја држеше гласот. „Зошто? Зошто сега, стоко една, зошто, зошто, зошто?“ Бес и лутина и ништо друго. Почна цела да се тресе. Ја стисна чашата и ја наполни до горе. Со левата рака го спушти шишето, си го затна носот и ја испи целата на екс. Морници ја полазија по телото и почна да и' жежи во задниот дел од грлото. Нежниот глас на Темелко ѝ одекна во уши – „така, така, ај сега напиј се и вода за да не ти се слоши после.“ Несвесно и механички си наполни чаша вода и се напи за да го послуша.

            Се врати на писмото. Мораше да го прочита, заради него. Заради сѐ низ што поминаа низ годините. Зема длабок здив и почна да чита.

            „Добро вечер! Знам дека е вечер и дека си сама. Знам и дека пиеш виски и дека сега ме пцуеш пошто ти се правам паметен, ама тоа е поради фактот што те знам подобро од што самата се знаеш. Значи во ред е ако се насмееш малку, никој не те гледа, не е страшно.“ Солза се насмеа и се присети дека секогаш ова ѝ го правеше и дека колку и да ѝ одеше на нерви, сепак беше еден сладок гест за тоа колку тој ја разбира и знае. Се напи нова голема голтка вода и продолжи.

            „Ете така, сега откако се насмеа, подготвена си за вистината. Ништо ново нели, ова е кажано прекажано по милион пати, но овој па ќе биде една малку поинаква перспектива. Сепак пишан збор е, со умисла, со острина, со длабока порака. Ќе да го воспримиш малку поинаку.

            Многу бев повреден кога те запознав. Толку многу што ни самиот не бев свесен. Бев изгубен, бев хаотичен, невротичен и што сѐ не. А не бев свесен, не. Те сретнав, не полагав многу надежи во тебе. Уште една нова девојка, уште една цртка на списокот, ништо посебно. Но, не, ти во душа ме погоди. Добро може не од прва, ама од втора-трета сигурно. И тогаш знаев, не знам зошто ама знаев, знаев дека ти си таа. Можеби и годините ми беа таман за такво размислување, можеби се најдовме на длабоко емоционално иста бранова должина, можеби... ма кој кур знае, не е ни битно. Битно е – се погодивме. Бурно, брзо и интензивно. Земјотрес гомна да јаде, ја и ти бевме комбо од цунами, земјотрес и нуклеарна хаварија. Три во едно. Нескафе!

            Тоа беше пред девет години. Млади и полни енергија и полни со идиотско размислување. Не беше и некоја врска, нон-стоп се каравме и раскинувавме и се јадевме како да сме си најголеми непријатели, ама сепак несвесно растевме заедно. Јас поради нашата врска решив каде сакам да се движам со кариера, направив драстични промени, откажав неколку сигурни работи, од бес решив да се пронајдам себе во работата и се пронајдов. Не само што се пронајдов, направив и пари. Големи пари како за во Македонија. Сам свој газда, животот си го средив за две години. Соништата исполнети на 30 години. Фантазија.

            Но, не беше баш така. Фалеше ти, очајно фалеше ти. Ти беше дупка во душава која не можев со ништо да ја пополнам. Честопати те барав, те молев да ми се вратиш, но безуспешно. Работите отидоа у курац и ти ко што те дал Господ, брзо и непромислено и ти си го смени животот за 180 степени. Се омажи, ја роди Петра... Отсекогаш знаев дека е моја, но што можев да направам, со тебе не може човек на крај да излезе. Еден погрешен збор и кола ќе кренеш од бес!

            Се гледавме спорадично, си отворавме нови дупки, ма какви дупки бе, кратери во душата и како по навика си продолжувавме да патиме како скотови. Ти имаше улога на добра жена, одлична мајка, добар пријател, а мене ми падна онаа лошата, на женкар, пијаница, боем, слободен уметник, растрчан на милион страни. Фасада фраер, внатрешност супа и емоционален хаос!

            Смогнав сили на неколку пати, те отсеков од мојот живот и бев решен дека одам понатаму. Во креветов поминаа не знам колку женски, изгорев безброј чаршафи, бидејќи се чувствував валкано секој пат. Валкано и одвратно. Тие не беа ти, а тебе не можев да те имам. Скорпија пар екселанс – сѐ или ништо. Кога не изигрував фраер плачев како мало дете. Секогаш опкружен со женски другарки – тие беа единствените кои можеа да ме разберат.

            Имав и неколку моменти каде што беше физички возможно и да те преболам. Ама очигледно не било така пишано. Емотивно поврзан со одредена девојка бев на чекор до нешто што можело да значи спас за моето емоционално распаѓање. Толку блиску, а сепак толку далеку. Тие неколку девојки кои комплетно ме разбирале и биле речиси совршени за мене не можеле да бидат со мене. Дали премногу ме перципирале како женкар кој не се менува, и покрај тоа што знаеле дека не сум, дали мислеле дека сѐ уште те сакам и не сакале да бидат втора виолина во срце кое нема место за две девојки или пак им било страв да пробаат нешто со некој кој толку добро ги разбира, а е човек што влегува во сѐ со 600 килотони енергија, не знам, но знам дека никогаш не се осмелив да им кажам како се чувствувам од страв да не заебам работа, како што заебав со тебе.

            Премногу мек и неодлучен на моменти, преагресивен и пресамоуверен во други наврати јас не знаев повеќе како да се однесувам со тие неколку девојки кои толку очајно сакав само да ги бакнам, само за да видам каде би можело сето тоа да води. Дали еден бакнеж ќе отвори врата на нови можности и љубов или само ќе ме врати во реалност дека нема ништо повеќе со нив од другарство. Како и да е, јас бев спремен да ризикувам без разлика на последиците, но тие не беа. Можеби грешка моја беше што бев толку близок со нив, но тоа го правев од себични причини – ми требаше некоја што барем и на момент ќе ме ислуша, ќе ме разбере, ќе ме гушне и со поглед ќе ми каже дека ќе биде сѐ во ред.

            Години поминуваа, ништо не се менуваше. Станав само експерт за жени кои можам да ги манипулирам и се претворив во џет-сетерски робот. Другарките кои ги симпатишав се омажија, родија деца, јас останав непоправливиот Темелко, темелен во сѐ освен во решавањето на прашањето на лична среќа.“

            Солза направи пауза од читање. Се напи уште една голтка вода и како што ја спушташе чашата се сети на средбата пред месец дена. Седеше сама во новиот елитен ресторан на другар ѝ Петар и го чекаше Симе. Во тој момент влезе Темелко со една млада згодна девојка. Очите им се сретнаа во ист момент. Темелко ѝ покажа на девојката каде да седне и отиде до шанкот да се поздрави со Солза.

            „Си ослабел,“ – рече Солза.

            „Си се збуцкала,“ – ја пецна Темелко.

            „Никогаш и не си имал манири, ама тоа е, не можам ни да очекувам ништо повеќе од селендра како тебе!“

            „И јас те сакам, вампир мој крвопијски. Кај ти е телетабисот?“

            „Го чекам. Касни. Несвојствено за него. Чекај малку баш да го побарам да видам до каде е,“ – рече Солза и му сврти на Симе. Од другата страна доби одговор дека итно го викнале на работа и дека ќе заглави до доцна навечер. „Толку од мојот опуштен ручек. Ништо си бегам дома.“

            „Ма какво идење дома, ти будала да не си, седи ќе ручаме.“

            „Да бе, важи, нема проблем, ја, ти и курвичено што си го собрал од пред МТВ. Комбинација снова.“

            „Уф, па мислиш дека ми е гајле за нејзе,“ рече Темелко, отиде до масата ѝ шепна нешто на девојката и таа стана и си отиде.

            „Добро дали си ти нормален? Се прави ли така на девојчето?“

            „Опа, сега е девојче, а до пред 2 минути беше курвиче.“

            „Ај не сери и седи,“ – се насмевна Солза. Разговорот одеше совршено како и секогаш. По ручекот следеше вино, па десерт, па уште вино, па непристоен предлог и повторно се најде кај него дома. Најдобро до сега. Најтешка разделба до тој момент.

            Другиот ден не можеше да се соземе, мораше пак да го види. И повторно иста приказна, почнаа да се гледаат интензивно. Но, овој пат беше различно. Една вечер се врати дома порано и го начека Симе како ја чека во дневната. Седнаа да прават муабет само за да разбере дека Симе сака развод. Тој ѝ призна дека веќе со години се гледал со партнерката од фирмата и дека е трудна со негово дете. Свесен бил и дека она уште го сака Темелко и затоа побара мирно, брзо и безболно да го завршат тоа, без адвокат и без многу фама.

            Веднаш прифати и не можеше да дочека да му каже на Темелко. Се договорија да се чекаат на старото нивно место, во ресторанот каде што порано често одеа, бидејќи има да му соопшти прекрасни вести. Надвор снежеше, беше вистинска идила.

            Флешбекот помина и Солза продолжи да го чита писмото.

            „Не знам во која состојба или фаза од животот си сега, но знам дека сигурно не ти е лесно што ги читаш овие зборови. Ако ништо друго барем знам дека едно нешто е сигурно, а тоа е дека никогаш не престанав да те сакам. Ниедна друга не го зазема твоето место во моето срце, не се оженив, немав деца. Само ти и Петра бевте мојот живот, а и вас ве немав на крај.

            Сѐ што имам, сѐ што поседувам, ви оставам вам. Вие сте единствени наследници на малото богатство кое го стекнав низ годините. Тоа е најмалку што можам да ви оставам кога веќе немав можност душава и срцево да ги дадам за вас како што сакам. Вака или онака се случи и невозможното, дојде конечно крај на оваа луда приказна. Ако ништо друго, барем сега јас можам мирно да „спијам“ без да се будам и залудно до мене да те барам.

            Засекогаш твој,

            Темелко.“

            Солза го спушти писмото и почна да плаче и да липа од болка. Почна цела да се тресе. До вчера беше најсреќната личност на свет. Сите коцки конечно дојдоа на место. Прва стигна во ресторанчето и го чекаше Темелко со предновогодишно поклонче во рацете. Наместо Темелко доби само повик од првиот инспектор на местото на несреќата. Темелко во брзање да стигне и да ја види без да стави снежна опрема и да внимава на брзината излетал од патот и завршил директно во бандера со брзина од 90 километри на час. Писмото што го читаше беше тестаментот на Темелко. Цел свет ѝ се сруши...

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]