Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Девојката со тетоважата-солза - Божиќна приказна

Помина една година и Солза сѐ уште не можеше да се оправи од несреќата во која го изгуби Темелко. Мозокот ѝ леташе на сто страни, нервите ѝ играа на секаков вид на провокација, пиеше неконтролирано, животот ѝ одеше по најлошиот можен пат.

По точно една година од немилиот настан таа беше сама на гробот на Темелко на ден пред Нова Година. Времето беше тмурно и ладно, Скопје беше обвиено во смог и црни облаци надоаѓаа од сите страни.

Го отвори шишето Џејмисон и се напи, па истури малку и врз гробот. „На ти, стоко, пиј!“ – бесно викна Солза. „Малку ли пиеше во животот, па уште си жеден гледам. Не беше доволно што си пиел, па уште и дознав дека си се коцкал. И тоа со пари кои ги немаш. Приходите од книгите што ги напиша иделе директ на сметка на која си назначил само еден полномошник – мене, а ти си живеел како фраер на вересија. Со кој памет бе будало! Среќа што умре. Да те фатеа гангстерине на кои им беше должен ќе те расчеречеа на сто парчиња. Да, знам, со тој потег ми покажа дека ти е побитно за мене отколку за себе, но сѐ би дала да ти си жив, па макар и живеела на улица со тебе...“

Остана уште малку на гробот, испи уште неколку голтки и реши да си оди. Бргу стигна дома и продолжи да пие, до 10 часот вечерта шишето веќе беше празно, а таа беше ќора пијана. Се освести накај 3 часот сабајлето од ѕвонењето на мобилниот. Симе беше на телефон. Се јавил да ѝ честита Нова Година. Солза му се заблагодари. Го праша како е Петра и тој ѝ одговори дека заспала, а сакала да се слушнат.

„Пак пиеше?“ – натажено праша Симе.

„Молим те не ме нервирај со прашањава!“ – луто пресече Солза. „Гледај си за себе. Како е жена ти?

„Добро е. Ја чува Сања.“

„Колку месеца наполни?“

„Три веќе. Петра ја држеше прееска. Многу ја сака.“

„Баш ми е мило за тебе. Заслужуваш да бидеш среќен.“

„Ти заслужуваш повеќе... Извини за сѐ...“

„Значи дали си дебил? Престани да ме сожалуваш! Леле, од такт ме извади! Пријатно!“ – рече Солза и го тресна телефонот од ѕид. Мобилниот се распрска на сто парчиња. Во тој момент Солза почувствува нагон за повраќање и се затрча кон купатилото. Имаш чувство дека цела утроба си ја поврати. Откако се олесни, си изми лице и само се погледна во огледало. Изгледаше на чудовиште. Ова беше моментот, или ќе се оправи сега или ќе продолжи до самоуништување. И тогаш и светна. Таа имаше сила секогаш да се дигне и од најтешкиот пад бидејќи имаше силна потпора. Го имаше Темелко кој секогаш ја разбираше и секогаш знаеше што да каже за да ја мотивира да биде најдобра што може. Но, Темелко повеќе не беше тука. Патот кон самоуништување веќе ѝ беше трасиран.

Наредните неколку дена ги помина во генерално алкохолизирана состојба, како поголемиот дел од претходната година. Мобилниот го скрши, фиксниот го исклучи од струја, не отвораше врата, не можеше никој да смисли.

Дојде и 5 јануари и веќе само мачнина чувствуваше во секој дел од телото. Барот веќе го беше испразнила и немаше ништо за пиење. Ќе мораше да се среди набрзина и да тркне до супермаркет. Само што се подготви за излегување на врати се појави татко ѝ. Строг како и секојпат си влезе самиот уште пред Солза да може целосно да ја отвори вратата.

„Добро бе дете на што личиш?“ – со острина на лут и повреден родител ѝ се обрати Стево.

„На жена без душа. Ете на тоа личам! Среќен си сега? Да пропадната сум, да немам желба за живот, да, да, да и да на секое прашање што можеш да го поставиш! За сѐ си во право, и? Што да правам? Душата ми е во агонија и немам сили да се справам со вистината...“ – низ плач пелтечеше Солза.

„Јас и ти отсекогаш сме имале тешка комуникација. Секогаш бев строг со тебе, од мене прва добиваше потсетување дека си посвоена, од мене ја доби првата педагошка кога аздисуваше како тинејџерка, но од мене секогаш имаше поддршка за сите работи и јас секогаш душата и срцето го давав за тебе.“

„Знам. И знам дека ме сакаш.“

„Тогаш послушај ме што ќе ти кажам. Престани со ова. Имаш прекрасна ќерка. Наследи еден тон пари од Темелко, Симе најфер на свет ти остави пола и од неговото имање со разводот. Вечер се пали коледарски оган насекаде. Дај му на срцето малку шанса да заздрави. Оди пред некој оган и за момент дозволи си да поверуваш во малку бабини деветини и посакај си нешто од срце. Велат тоа што ќе си посакаш на коледарски оган се исполнува. Ништо не те кошта да одиш и на смеа нешто да си посакаш. Во крајна линија, ако уште си глупа и сакаш пак да се опиеш како свиња барем ќе џапаш варена ракија таму!“ – рече Стево и се изнасмеа од срце.

„Добро тато! Ќе одам!“ – рече Солза и го гушна силно и се врати во спалната. Набрзина се пресоблече, се нашминка и повторно излезе. Отиде до кај Симе, ја зема Петра и цел ден го поминаа во шетање. Си купи нов мобилен и врати на неколкуте луѓе кои ја бараа за да не се грижат, за да им каже дека е во ред. Отиде кај нејзините да ја остави Петра која за секунда заспа како заклана, па излезе надвор. Ја следеше музиката и стигна до еден голем оган. Спокојно погледна, затвори очи и само посака еден ден и таа да може да има мир на душата.

Наредниот ден ја разбудија распеани коледари уште во 6 часот кои ѕвонеа на секои 15 минути и не можеше пак да заспие и да сакаше. Во осум часот повторно некој заѕвони на вратата, но само еднаш и немаше пеење од другата страна. Зачудено Солза се упати кон врата и на нејзино изненадување на вратата беше адвокатот и многу близок пријател на Темелко, Филип.

„Кај си бе женска?“ – се насмеа Филип.

„Камо да пееш бе мајмун!“ – се обиде Солза да одглуми сериозна фаца, но и таа прсна да се смее.

„Неќам бонбони бе, стар сум за тоа! Него, ни телефон креваш, ни мејлови читаш, ништо! Да не може човек да исконтактира со тебе, а чуда се дешаваат на сите страни, ама тебе кур те боли.“

„Е што чуда се дешаваат бе, жити мајка?“

„Па како прво, знаеш дека Темелко си ги имал преведено сите романи и на англиски така? И дека остави еден необјавен оригинално напишан на англиски, као автобиографски?“

„Не, појма немав, а што е и битно сега тоа?“

„Па битно е, копилето имал промотор, агент и правен застапник и во Америка и се спремале да го пробијат и на тој пазар. Знаеш како е кај нив, кога дознале како умре одма побараа да го прочитаат автобиографскиот роман. Им го пратив, го голтнаа како колаче и го промовираа како рок ѕвезда! Понуди почнаа да фрчат од сите страни и утре ќе промоција на романот во Њујорк, а веќе има најави и дека ќе се екранизира!“

„Што збориш бре?“

„Да. Прееска ми се јави агентот до Америка, некојси Давид Вега и...“

„КОЈ ТИ СЕ ЈАВИЛ?“ – вресна хистерично Солза. Во тој момент се сети на првиот месец од врската со Темелко. Беше 11 октомври, неработен ден и цел ден го поминаа во кревет. Толку беа заљубени што почнаа да зборуваат како би им се викале децата доколку се земат во иднина. Солза рече Петра, ако е женско, Темелко рече Давид ако е машко. „И тоа би сакал да биде писател, пошто јас немам муда да се опробам во тоа,“ - рече Темелко. „Еве може да има и уметничко презиме. Нешто интернационално за да може секаде да биде познат. Давид Вега, на пример!“

„Побогу жено, што ти стана!“ – ја погледна Филип со страв во очите. „Значи не довршив. Давид Вега испрати авионски билети за промоцијата и инсистираше да дојдеш и тоа со Петра.

Солза почна да се тресе. „Не, не, не е ова возможно...“ – си помисли. „Темелко е мртов, знам дека е мртов, го закопав, му одам постојано на гробот. Како е ова можно? Можно ли е да е коинциденција?“. Мислите веќе ја убиваа.

„Ќе одам! Дај ми ги картите! И дај ми копија од романот веднаш!“

„Боже мили, не знам што ти стана, ама мило ми е што ќе одиш. Ајде до кај мене до канцеларија, имам копија таму, вчера ми ја пуштија одма ти ја давам.“

Во рок од 3 часа веќе беше во авион за Будимпешта со Петра. За среќа Петра сѐ уште беше уморена и беше релативно мирна, а Солза го читаше романот како луда. Петра веќе заспа на вториот лет од Будимпешта до Њујорк, Солза ги голташе страниците како од шала. Сѐ и беше познато до првите сто страници, но тогаш почна да дознава за другиот дел од животот на Темелко. Коцкање до бесвест, правење многу пари кои мистериозно му исчезнале, задолжување кај лихвари, мафијаши и бизнисмени, закани по живот, закани по нејзиниот живот, скршени прсти... и повеќе немаше страници, барем не од Темелко. Романот беше довршен со некаков си среќен крај, но стилот се гледаше дека е друг. Некој друг го довршил.

Беше пладне кога слетаа на Џеј-Еф-Кеј во Њујорк и веќе ѝ се тресеше снагата од замор. Беше Божиќ. На аеродромот ги пречека возач и ги однесе во хотел да одморат пред промоцијата која требаше да се случи во големата сала за конференции. Пушти долгометражен цртан за Петра да се занимава и легна како заклана на големиот кревет. Во тој полусон и бунило го сонуваше тој кобен ден и погребот. Во главата само ѝ одекнуваа зборовите на инспекторот кој ѝ кажуваше дека телото на Темелко е толку згмечено од ударот што ќе мора погребот да биде со затворен ковчег.

Телефонот почна да ѕвони. Од рецепција најавија дека господинот Давид Вега дека чека прием. Со треперење во гласот рече да се качи. За неполни три минути вратата од собата се отвори. Влезе маж со многу кратка фарбана руса коса, силно исончан темен тен, вештачки снежно бели заби и фарбана и густа руса брада. Солза веднаш го позна по очите иако поради леќите беа сини наместо кафени. Тоа беше Темелко! Се затрча и со сета сила го удри директ в нос!

„И јас те сакам тебе, вампир мој крвопијски!“ – промрмори Темелко додека плукаше крв од уста.

„ДАЛИ СИ ТИ НОРМАЛЕН, НЕЧОВЕК ЕДЕН ДЕБИЛЕН!“ – вриштеше Солза колку што ја држи глас, што од болка во душата, што од болка од ударот што му го даде во вештачките и тврди порцелански заби.

„Се заканија дека ќе одат по тебе... тоа беше единствен начин!“

„Немам сили повеќе да ти се лутам, скоте! Те сакам. Носи нѐ некаде далеку!“

„По промоцијата, оставам сѐ во рацете на локалниот агент и летаме за Рио и сѐ ќе биде во ред.“

„Имало Господ! Чувствувам дека сѐ е како што треба и за прв пат во мојот живот... ти верувам!“

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]