Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Исповеди на еден Психотичен Ум - седми дел

Немаше ни кафе каде да нарача. Седеше како акмак на железничката станица и не знаеше што да прави со себе. Почна да го фаќа нервоза, почна да грицка нокти. Се забележа што прави по некое време и престана. Боже, колку беше нервозен. Анксиозност го пукаше и не знаеше што попрво да направи. Се доближи до единствениот човек на платформата и срамежливо побара цигара. Цигара! Па тој не ни пушеше. Ја запали и повлече силно и лакомо. Чадот агресивно му ги исполни белите дробови и го натера да се закашла.

„Сакам да зборуваме за Марија.“ – се произјасни Симон по долг период на молчење.

„Во ред, од каде сакаш да почнеш?“ – праша Антонија.

„Од средината. Почетокот веќе го знаеш, горе-долу.“

„Што се случи на средината на вашата врска?“

„Не бевме во врска. Долго време се дружевме. Ме сакаше она, некако, искрено, детски. Бргу навлезе во тие мрачни квази џетсетерски кругови и мислам дека јас и бев излезот или паузата од нив. Се плеткаше со богаташи, манекени, актери, политичари и што не ти ја знам. Ама не беше таа, таа. Тоа беше една лоша слика од неа, слика која генерално никогаш не ја покажуваше пред мене и затоа знаев дека ме сакаше.“

„Сакаше?“

„Да, да, намерно го потенцирам тоа. Јас направив да ме отсака, јас ја направив тоа што е денес.“

„А тоа е?“

„Е не знам... не знам што точно прави сега. А би сакал да дознам.“

Некако испаѓаше како цел живот нешто некаде да чека. Чекаше по автобуски на дожд, пред зграда на сонце, пред кафана, зад куќа, ма секаде сè нешто чекаше. Сега дојде и на железничка да дреме. А мразеше да чека. Милисекунди се претвораа во векови на бавно измачување. Мозокот му се движеше со брзина на светлина. А возот? Абер немаше од доаѓање.

Со воз од Солун. Кој би помислил. По толку години конечно ќе ја види. Не знае што да очекува, збунет е. Не знае дали ќе му прости. Ма не ни знае дали воопшто сака да му се прости. Можеби само сака да ја види, да ја гушне како некогаш, да ја погали по глава, да ја утеши кога ѝ е најтешко, да понуди совет од срце. Тогаш сè беше полесно, тогаш беа млади и неискварени. Ко љубов на две невини кутриња – само играта на зборови беше полна со иронија; од кутриња останаа само кутри... и патетични.

„Одеше долго време со едно чиче. Гнида од човек. Ко Дени Де Вито беше – јебем му главу ќељаву. Мало, ситно, набиено, пуно кеш. Додуша ја третираше со респект колку што можеше, барем не беше насилен кон неа. Не ни можеше да биде. Не беше таа... нема везе, да не лепам етикети, во кратки црти, раскинаа по некое време...“

„Како се почувствува ти тогаш?“ – го прекина Антонија.

„Како за првпат во животот да имам шанса со неа. Знаеш, и имав кажано дека еден ден ќе ми биде девојка, ама онака, самоуверено. Ништо не кажа, ништо не измрчи, само се насмевна. И така, ми дојдоа петте минути. Бев кај неа дома – имаше изнајмено огромен апартман на шести кат кај што се спојува Ленинова со Партизанска. Поглед лудница. Беше лето, крај на јули. Скопје полупразно, лепота. Си седевме на тераса, си мававме Корона за да се разладиме. После третата тура отиде и донесе грч ладна текила извадена од комора. Знаев дека ќе има беља. Текила секогаш е лоша идеја.

Почна да ми раскажува како раскинале со кепецон. Се правев дека ја слушам, ама сериозно не можев да се замарам и да мислам на тоа. Ме фати како само зјапам немо во неа и ме праша дали ја слушам? Реков да, нормално, но дека не ме интересира што се дешавало помеѓу неа и џуџено кое е доказ за потеклото на човека од мајмун.“

Му заѕвони телефонот. Тина. Се стаписа. Не можеше да крене. Па со кој памет да крене сега, тука. Го врати во џеб. Жедно потргна уште еден дим од цигарата, но сфати дека таа одамна е испушена до максимум и дека само нервозно влече на суво.

„Еве ти уште една,“ – рече старецот, „само полека со оваа, не се брза. Цигари се пушат со ќеиф, а не ради реда колку да се отруеш. Ако сакаш да се отруеш има поефикасни начини.“

„Не сакам ништо, т.е. не знам што сакам.“ – нервозно одговори Симон без да го тргне погледот од земја.

„Девојка, а? Мора да е девојка. Ние мажите за ништо не се потресуваме олку колку за жена. Не нè разбираат жениве. Не сфаќаат дека кога сакаме, сакаме, и тоа бе брате не поминува. Трае. Некогаш знае да трае и цела вечност. Доволно е само еден поглед од стара љубов и оп, одма ни се враќа сè. Забораваме сè што било лошо и одма добиваме наплив на сите добри спомени.“

„Не сме сите исти. Не е баш така црно-бело.“ – рече Симон, сега веќе зјапајќи немо во хоризонтот.

„Море исти сме. Само што некој има муда да си признае, а некој друг се крие зад маската на лажен фраер.“

„И? Сега што?“

„Не ти ја знам приказната, ама најлесна варијанта е секогаш вистината. Исповедај се, ако веќе не ја знае целата приказна, биди гомно ако треба, ама биди си чист. Она ќе одлучи дали ќе ти прости или не. А некогаш не ни треба да ти прости. Некогаш е доволно само да си кажеш тоа што те мачи.“

Зошто ми тура текила? Нели знае дека мразам текила? Нема везе, подобро вака. Ќе се начукам и ќе и кажам сè, сè што ми лежело на срце. Боже колку е убава. Сè би дал да ми стане девојка. И што ако ти стане девојка глупердо една. Види ја каква е. Види со кој сè не се плеткаше досега. Мислиш со тебе ќе остане? За да ја носиш у смештај кај некоја баба у пичкоец у факинг Охрид? Бре, што пастув ќе беше, сигурно ќе ти стане девојка. Од толку мажи на свет, баш тебе те чекаше.

Леле фустанчево какво ѝ е, ќе се мрднам. Исончана, бонбона. Очи да ти истечат. Цицка природна, таман, гзот лиги да ти потечат. Долга нога, ангелско лице. Каде бе она со тебе бе дрипац еден. Коса 5 дена немиена и мрсна, облечен у ствари 3 броја поголеми од тебе, мирисаш на млеко, неискусен во секс, мизерија.

„Симон, долго време се дружиме, кажи ми искрено, како ме гледаш?“ – праша Марија.

„Јас,“ – пропелтечи Симон и се напи уште една текила, „јас, те сакам Марија.“

„Ме сакаш, сакаш?“

„Да. Заљубен сум во тебе од прв ден.“

„Мислам дека и јас те сакам тебе. Цело време сум со некои кретени, ама цело време мислам на тебе. Ти си ми најсветла точка во неделата. Колку и да сум зафатена си помислувам на тебе барем неколку пати на ден и оние денови кога ќе се видиме сум многу среќна и...“ – пред да продолжи понатаму, Марија се наведна и го бакна Симон.

Повторно му заѕвони телефонот. Повторно Тина. Старецот нешто паламудеше, ама се гледаше дека зборува од искуство и прекина кога виде дека се збуни од повикот.

„Крени ѝ.“ – рече старецот.

„Не можам. Не е таа што ја чекам.“ – уплашено рече Симон.

„Оваа ја сакаш ли?“

„Да. Ко измислена за мене е. На хартија. Додуша и во пракса. Ама не е Марија.“

„Крени ѝ, биди маж. Не мора да се криеш, направи си опуштен муабет. Не си Баба Ванѓа, од каде знаеш што ќе се случи со другава. Биди смирен. Биди прав фраер.“

Симон крена и почна да зборува со Тина. Му најави дека тргнала со автобус и дека за саат време ќе биде во Скопје, па да ја пречека на автобуска. Ептен сакала да го види, имала добри вести.

„И што се случи откако почнавте да одите?“ – праша Антонија.

„Се случи умот мој машки да размислува, ете што се случи. Несакајќи подучен од сите тие морони со кои идеше Марија решив да ја искористам својата позиција. На само со неа бев бубаче мирно и добро, во јавност се правев фраер. Си ги дигав акциите и луѓето од нејзините кругови почнаа да ме почитуваат. Многу брзо најдов начин да си ги уновчам познанствата. Газдата на модната агенција на Марија ме вработи како негов асистент. Паметно копиле беше. Ме опкружи со празноглави жени, а тие, ко што ги дал Господ, сакаа да го имаат тоа што не можеа – дечкото на најјаката манекенка.“

„И го добија ли?“

„Го добија и те како. Имав „љубов“ за сите нив. Почнав да регрутирам и нови, почнав да правам и доста пари. Почнав да ја запоставувам Марија и да се курчам. Не бидејќи ме залажаа парите и жените. Не. Напротив. Сè повеќе и повеќе ја засакував, ама почнав да слушам постари. Тие ме советуваа дека ако многу се дадам ќе изгуби она интерес и ќе ме откачи. Вака ја фраер, она ќе трчка по мене. Што знаеја тие скотови за вистинска љубов! Остатокот можеш да го претпоставиш.“

„Мојата професија не се заснова на претпоставки.“

„Е да, претпоставките се извор на милион пиздарии. Епа, се курчев и понатаму, она се почувствува повредена и почнавме да се караме. Ја изварав уште неколку пати, со најблиските другарки, дозна и толку беше од таа приказна.“

„Како заврши да имаш улога на свадбата нејзина?“

„Години подоцна се најдовме пак, се смиривме и решивме дека повторно ќе пробаме. Она веќе беше верена, ама јас не знаев. Теравме некој период. Одлично се снаоѓаше со двојниот живот. Јас појма немав. Најубав период од мојот живот. И тогаш забремени. Ми кажа. Помислив дека е мое. Не беше, ми призна сè. Сакаше да ја исправи работата, јас ѝ реков не. Реков ќе останеме другари. Ме молеше да се премислам, но јас не сакав. Дури наредив да се запознам со вереникот нејзин. Се здруживме за кратко време и имав и улога на свадбата. Остатокот го знаеш...“

Што ме буцка сега старецов. Еј возот дошол. Абе луѓево скоро сите излезени. Каде е Марија? Не е во вагонов. Леле, излегла, слепец еден! Ене ја долу. Трчи стигни ја муле едно. Добро е, уште ја гледам излегува од задната страна кон автобуската. Марија! Марија! Трчај до неа. Ме виде добро е. Се насмевна. Никогаш не сум гушнал некој толку силно. Зошто се тресе? Што ѝ е? Се тргна од мене, покажа со очи зад мене. Механички се свртив да видам што се случува. Зад мене стоеше Тина натоварена со куфери...

(продолжува)

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]