Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Исповедите на еден Психотичен Ум - четврти дел

„Ќе зборуваме малку за инцидентот?“ – праша Антонија.

„Ни под разно. Не сум спремен. Може цигара да запалам?“ – нервозно праша Симон.

„Забрането пушење.“

„Типична македонска работа.“

„Таков е законот.“

„Таков ни е и менталитетот... знаеш... не сум глуп, а богами ни наивен не сум повеќе. Луѓето мислат дека ако си добар и имаш доверба во нив дека можат да ти перат мозок. Добро можеби и можат, ама секој се свестува по некое време. Зависи во какво расположение ќе те фатат. Ако си во некои шугави депресии, ти е потребен некој да те ислуша, можеби и можат да ти залепат некоја етикета нивна, да ти направат проекција на нивните срања или ептен ако се расипани да пробаат да ти исперат мозок од некои нивни заебани причини. Знаеш, секогаш е полесно кога некој влечеш надолу заедно со тебе. Барем никогаш нема да ти биде досадно.“

„Според судската одредба ова ќе ни биде последна сесија заедно. Сигурно не сакаш да го дискутираме инцидентот?“

„Нема да ни биде последна сесија. Ќе продолжам да доаѓам и на своја рака. Освен ако не сакаш да излеземе заедно?“

„Не сакам.“

„Јас да си прашам.“ – се насмевна Симон.

„Јас да те потсетам пак дека сум мажена и дека не излегувам со...“

„Добро, сфатив.“

„А зошто потребата постојано да прашуваш?“

„Не знам, мислам дека токму ти ќе бидеш таа која ќе биде решението на моите проблеми.“

„Зошто баш јас? Сакаш девојка, или психотерапевтка?“

„Сакам некој кој ме разбира?“

„Мене тоа ми е професија.“

„Професионално разбирање е подобро од никакво разбирање. Не е лесно да си неразбран – и во двете конотации на зборот. Ем никој не ме разбира, ем јас не се разбирам од збор. Инаетот ми е јака страна, од страната на маани.“

„Пак игра на зборови.“

„Па ако не можам да си играм со тоа што сакам, барем зборовите нека трпат. Него, пак чудни соништа вчера...“

„Што сонуваше?“

Види ја собава. Како нуклеарка да рокнала. Ме мрзи да станам. Ме мрзи и јадење да си направам. Леле оваа уште била тука. Зошто секогаш остануваат тие што не сакаш да останат? Па уште си се испружила госпожата у дијагонала и го собрала цело ќебе. Браво. Бос.

Црни влакна по цела перница. Уф главава ќе ми прсне. Кај ми е кафетинот. Одлично. Немам повеќе. Јогурт, добро е. Еве ја и оваа стана. Оп, сега и текна што правевме вчера. И еве ја грижата на совест, оп. Малку и срам. Гледа надолу. Тоа е тоа. Кој кур пие толку кога не ѝ држи гзот. Влезе во веце. Дај да си фатам од ќебето со време.

„Вечерва ќе правам што сакам!“ – рикна Весна и се доближи толку блиску до усните на Симон што тој можеше да го почувствува нејзиниот здив кој мирисаше на вотка.

„А што точно сакаш да правиш?“ – ја праша тој држејќи ја в раце со поглед кој беше комбинација од иронија и страст.

„Знаеш ти многу добро!“

„Знам дека си мамина маза и дека си играш со оган, а после ќе плачеш.“

„Да бе, ти више све знаеш да...“ – и пред да ја доврши реченицата Симон веќе страсно ја бакнуваше. И он беше веќе пијан, ама мислите му беа целосно сосредоточени. Се сети дека во истиот тој бар треба да дојде и бившата со која конечно се договорија да се видат. Се сети и дека Тина, девојката која му се допаѓаше долго време, исто требаше да дојде секој момент, но повеќе не му беше гајле за ништо. Моментот беше сега и тука.

„Носи ме дома одма!“

Слушна, но некако не му се веруваше. Немаше логика да си игра со судбината и да го постави најглупавото прашање во историјата на човештвото – „Сигурна си?“ – па реши само да ја фати за рака и да тргне. Излегувајќи со девојката од барот на влезот ја виде Тина како влегува насмеана и среќна што го гледа се до моментот кога виде кого тој влече за рака. Не можеше да го сопре ова. Возот веќе тргна.

„Каде замина со мислите?“ – праша Антонија.

„Се присетував карма што кучка е.“ – врати отсечно Симон. „Тоест не е карма тоа бе, ја сум. Јас си ја предизвикувам судбината. Пукам на петсто фронта и очекувам да бидам победник во секоја ситуација. Нормално дека кога тогаш ќе сјебам работа.“

„А зошто пукаш на толку фронтови?“

„Бидејќи работите воопшто не се едноставни како што изгледаат, а и мене веќе трпението ми е на минимум. Многу работам, многу и се журкам. За ништо немам средина, немам кочница. Барам секс, барам и љубов, барам некоја да ме ислуша, барам и некоја да си ги собере гаќите и да ми се мафне од пред очи пред да се изнервирам, барам и некоја која ќе остане баш тогаш кога мене ми треба. Ама некако обратно ми излегуваат работите од тоа што ми е желба во моментов. Предолго сум сингл изгледа, не знам повеќе како да се понашам.“

„А како се однесуваш?“

„Најчесто со почит и со разбирање, иако не знае секој тоа да го разбере. На пример, не можам да лажам за да добијам нешто што сакам, едноставно не можам. Ако некоја нешто искрено ме праша, секогаш ќе добие искрен одговор. Ако само сакам да рокнам некоја ќе ѝ кажам, па макар било тоа и контрапродуктивно за мојата тековна состојба. Не можат тие работи да се објаснат. Некои девојки сакаш да ги довлечкаш во кревет и толку. Некои девојки сакаш одма да ти бидат девојка. Со некои не можеш да се воздржиш да не им се фрлиш, со некои само сакаш да седиш со саати и да правиш муабет бидејќи те фасцинираат. И секако ги имаш оние кои се во средина. Е тие се најлоши. Тие не си сигурен дали те привлекуваат доволно за само да ги опнеш, не си сигурен дали ти се доволно погодени за девојка, тие не се никаде. Е тие се тие кои најчесто го јадат, ама...“

„Ама?“

„Не можам да бидам модерен „фраер“ и да ги мотам. Ако некогаш се случи нешто со нив и потоа очекуваат нешто од мене, е тогаш ги сечам одма. Спремен сум да бидам кретен на пет минути, наместо да бидам кретен подолг период и да си играм курташак со нивните чувства. Особено кога знам како е тоа имајќи предвид мене тоа колку ми го правеле.“

Се врати оваа ова веце. Уште ѝ е погледот надолу. Се облекла, ама не целосно. Шит, ќе се врати во кревет сега пак, гарант. Дап. Еве ја. Ми се пикна во врат. Јеби га. Ќе трпам. Ќути си само и не кревај џева пошто ќе почне да ти се исповеда или уште полошо, да ти поставува супер филозофски прашања. Колку дојде саатот? Шест и пол. Оваа ко да нема топол дом.

Ѕвони мобилниот. Не кревам. Кој психо врти во шест сабајле, бе? Аха, нејзиниот бил. Мајка ѝ на телефон.

„Кај другарка преспав мамо.“ – рече Бети. „Ајде ќе си дојдам одма, немој да паничиш.“

Добро е, се спасив. Уште зборат на телефон. Дај да го допијам јогуртов.

„Морам да одам, ај викни ми такси.“ – рече Бети срамежливо.

„Еве одма.“

„Еве ти го мојот број, ти го запишав на ливчето. Барај ме кога сакаш.“ – рече Бети, се насмевна и го бакна Симон.

„Ок.“ – рече Симон кратко свесен дека нема да ѝ се јави.

Низ глава му се сврти погледот на Тина и почна да се нервира. Се сети и на Моника од некни. Со години ја бркаше, ќе се смуваа од време на време ама ништо повеќе од тоа. Сите имаа некој изговор зошто не можат да бидат со него, само тој беше искрен за тоа што сака. Искрен до болка што ги тераше жените да го мразат.

„Инцидентот се случи пошто не можев повеќе да трпам лаги, па се испуцав на човек кој органски не можам да го поднесам.“ – одеднаш кажа Симон.

„Зошто баш на тој човек?“ – праша Антонија.

„Пошто, ако нешто мрзам во животов, тоа е човек кој е лош спрема жени. Човек кој врши психичка и физичка тортура на некој кој го сака. Особено ако таа личност ми е другарка која искрено си ја сакам.“

„Не мислиш дека малку претера?“

„Мислам и свесен сум, ама не се каам за тоа што го направив, бидејќи заврши добро за таа личност која ми значи. Она се откачи од него, неговите повреди се залечија, а реперкусиите кои јас ќе ги сносам се минорни во однос на позитивниот исход од ситуацијата.“

„Би го направил ли тоа пак?“

„Во таква ситуација, да. Поради исходот. Инаку никогаш не. Не верувам во насилство. Ќе навлеземе подлабоко во темава наредниот пат. Одам сега дома, имам инспирација за пишување, да си ги средам мислите додека ми се тука.“

Бар темен. Полупразен. Добра пијачка, добро друштво. Оди муабетов ептен. Не му се верува. Девојкава е нешто посебно. Не е само дека е убава. Не. Далеку од тоа. Тој си меле двеста на саат, а она како да точно го разбира што сака да каже. Скокаат од тема во тема. Он не може да се изнаужива од нејзиното друштво.

Му ѕвони телефонот. Порака од Моника, да се виделе. Ја игнорира. Десет минути ѕвони мобилниот, еве ја Бети, договара да излезат заедно. Кратко ја договара и продолжува со муабетот со Тина. Мозокот веќе е исклучен. Заборавени се работните обврски, договорените кафиња со другари, комплетно сè. Види какви очи има човече, да се изгубиш во нив. Забегано. Одамна се нема вака залетано по девојка. Некоја која го фасцинира од прва, со која има муабет, која нема само намера да ја легне и потоа да не ѝ се јави. Ни очекувања нема дека треба нешто да се случи. Доволно е само да не запре муабетов и моментов. Тоа е тоа што го сака, уметничка душа, слободен дух. Времето им истече, таа мора да оди. Се договараат да се видат вечерта и се видоа... на излезот... а он со Бети под рака... ја усра и оваа шанса...

(продолжува)

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]