Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Иста приказна

Погледна на саатот. 12:30. Нема да оди утре на работа. Сабота е. Супер. И така не му е до работа. Не му е до ништо. Некаква жештина го облеа однатре. Му гори в гради. Се поти. Му гестикулира на шанкерот со очи дека чашата му е празна. Он веќе знае, дупли бурбон треба да тури. Фор Роузиз. Се издишува тешко. Нема воздух. Како ли дозволи до ова да дојде? Нели со памет овој пат? Нели ќе пазеше? Нели го знае веќе „рецептот“? Кур го знае. Пак иста песна, пак ист исход. Музиката му ја смирува душата. Бохрен енд дер клуб оф гор – Дистројинг Ејнџлс. Тоа е тоа. Патот кон еквилибриум. Рамнотежата по која трага секоја религија, секоја филозофија е тука. Во едноставните ноти и меланхолични звуци. Не е тој како другите, не. Другите паѓаат во депресија на ваква музика, но тој не. Тој знае дека минус и минус се плус. Пие од бурбонот. Морници го полазуваат. Слика му се појавува пред очи. Тој и таа во клубот. Ја влече за рака и прв пат страсно ја бакнува во јавност. Ужива во секој момент. Таа е среќна бидејќи покажува дека бил искрен. Покажува дека кога сака, сака и не си игра со чувства и не го интересираат други девојки. Му ја гледа вистината во очи. Пие уште една голтка и нова слика пред очи. Се караат. Го обвинува дека е женкар, дека нема доверба во него. Кога ли се смени се? Што згрешив? Ништо не згрешив, она си има бубачки во глава. Не, не може така. За пиздарии се потребни двајца. Море згрешив. Ама зошто згрешив? Она е крива! Не, јас! Двајцата сме криви! У пичку матер...

            „Царе, дај нова тура!“ – викна Влатко.

            „Брат, седи мирен пет дупли ги стегна!“ – рече Дарко.

            „Абе тури ајде! Ти ко да не сакаш пари.“ – се насмеа Влатко.

            „Пер, претеруваш... знаеш.“ – промрчи Дарко.

            „ДУПЛИ! СМЕСТА!“ – рикна Влатко

            „Гони се у курац! На, пиј ко си стока! – врати Дарко.

            Подлизнав само малку од бурбонот. Почна да ми зборува. Антички зборови. Арамејски. Јазик што не го разбирам, но зборови полни со семантика. Сенки во светлината. Силуети во темнината. Нејзината фигура пак е тука. Ме измачува. Ја сакам. Ја мразам. Не знам што сакам. Упс, не сум ја тоа, она не знае што сака. Да, да, така е. Она е. И? Што ако е она? Што добиваш скоту со тоа? Ништо! Цркни си. Зборовите одекнуваат сега. Сега се на црковнословенски. Испреплетени со библиски конотации. Јов! Слепа верба кон Бога. Чума. Смрт. Загуба. И пак Јов остана силен. А он? Он не можеше еден ден да издржи без да гуши. Ама што доби Јов бе? Бог се му зема. И оп, Јов со лепра на улица, мање више. Што? Јас да чекам некој да ме дотолчи и да ме фрли на улица? За тоа ли вреди да чекам? Не, идиоту! Јов поради неговата верба доби се назад и повеќе.

            „Знаеш ли Дарко кој бил Јов?“ – промрмори Влатко.

            „Јов?“ – зачудено праша Дарко.

            „Да бе Јов, од Библијата?“ – поштуцна Влатко.

            „Не брат... Кој бил? Баш ме интересира“ – праша Дарко.

            „Епа вакааааааа. Јов бил праведен човек. Богобојазлив. Го почитувал и славел името Божје. Бил наверен слуга на Господ. Арно ама еден ден, Сатаната дошол кај Бога, и кога Бог го прашал дали видел колку добар е Јов и колку му е посветен на Бога, Сатаната рекол, е да бе, Јов се’ има на светот и затоа толку ти го слави името Твое. Тргни му се што има, одземи му, па да видиме дали ќе те слави. И Бог рекол, во ред, нема проблем, прави што сакаш со се’ што има, само на него не кревај рака и ќе видиш дека неговата верба во Мене нема да спласне. И Сатаната, нормално, земал и го направил пуздер Јова. Му ги сотрел сите животни, цело семејство, внуците, слугите, цел имот. Јов, ништо. Господ дал, Господ зема. Нека биде волјата негова. Сатаната пизди. Господ му вика, гледаш? Сатана го мава со лепра Јов...Маме му ебава. Да не должам понатаму со приказната. Јов на крај издржува се’. Господ го наградува. „И Господ го врати Јова во поранешната состојба, зашто се застапи за своите пријатели, па му го удвои она што го имаше. Тогаш му се вратија на Јова сите негови браќа и сите негови сестри, и сите поранешни познати, па јадеа леб со него, во неговата куќа, жалејќи го и утешувајќи го заради сите неволји што Господ ги испрати на него. Секој му подари по еден сребреник и по еден златен прстен. Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната. Стадата му броеја четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада двојки волови и илјада ослици. Имаше седум синови и три ќерки.“ Е тоа е Јов, брат. Човек со права, исконска верба! Човек со трпение.“

            „Уф! Луда приказна.“ – зачудено рече Дарко. „Само кажи ми од каде го ископа ова? И зошто?“

            „Појма немам брат. Пијан сум, а ти бараш логика!“ – рече Влатко и ги преврти очите. Фрли поглед кон тоалетот и стана. Ја отвори вратата и почна да се тетерави кон шолјата. Измоча, се изми и излезе. Бурбонот уште го чекаше. Ќе почека уште малце. Седна на шанк пак. Гледаше во чашата. Не се сврти ни лево ни десно. Зјапаше во прекрасната темно-кафеава содржина на чашата. Вистината е тука, само треба да ја најдам. Погледна низ прозорецот. Снег. Снежи надвор. Убавина. Снег. Симбол на чистота. Земјата се прочистува од гревови. Се напи една голтка. Морници пак. Цел се наежи. Девојка во црвен фустан. Го гледа. Он, ја игнорира. Не може да се гњави со жени. Се почеша по брадата. Едноставно беше облечен. Темен џинс, кошула црна, тесен кожњак. Кратка коса разбушавена, брада пуштена, но доволно долга за се’ уште да се смета за средена. Пирс на уво за потсетување дека се’ уште е доследен на старите навики. Прстенот на палецот со готски елементи го акцентира сето тоа. Подочниците ја нагласуваат неговата измачена душа. Ја вртка коцката мраз во бурбонот. Играта почна. Девојката му пристапува.

            „Да не изгуби нешто во чашата?“ – праша Мери и се насмевна.

            „Душата само.“ – тапо одговори Влатко и не се ни сврти кон неа.

            „Голема загуба, ко така. Се надевам ќе си ја најдеш. Ама обично од мое искуство, нештата не се таму каде што упорно ги бараме, туку баш пред нос, каде што не ни текнува да погледнеме.“ – рече со благ тон Мери.

            Влатко се сврти кон нејзе. Која беше девојкава што така лесно се расфрла со мудрости? Ја погледна од глава до пети. Црна, виткана коса, симпатично лице. Нежни црти. Долг црвен фустан. Полуразголени гради, гол грб. Долги нозе. Стегнато газе.

            „Хм. Убава и паметна... Не фала. Не сум заинтересиран. Извини.“ – процеди Влатко низ заби.

            „Не си заинтересиран за што?“ – праша Мери.

            „За што и да продаваш.“ – рече Влатко.

            „Продавам? Не продавам ништо, што ти е!“ – зачудено одговори Мери.

            „Еј, не? Секој продава нешто. Не може ти поинаква да си.“ – брзо врати Влатко.

            „Не те разбирам баш.“ – веќе налутено писна Мери.

            „Се е маркетинг и продажба во животот. Капитализам во најсиров облик. Секој нешто продава и нуди. Некој нуди идеја, друг продава памет, дели совети, трет се нуди себе си како пријател, четврта нуди секс, петти одговори... и така натаму. Што нудиш ти, и која ти е цената за услугата?“

            „Дечко, претеруваш! Цела ноќ ми се пуштаат кретени, те видов мирен на шанк и малку натажен и си реков подобро со тебе ќе направам муабет, отколку да слушам глупости од напалени дебили.“ – изнервирана искоментира Мери.

            „Ааааа, значи продаваш сожалување и совети, а цената е друштво за да не те замараат кретени. Гледаш дека сум во право? Само што ти не го дослуша муабетот, туку како типично женско, одма извлече заклучок и ме „процени“ што сакав да кажам, не?“ – саркастично и врати Влатко.

            „Ама ти ептен си повреден, а?“

            „Ќе ми помине, не се секирај.“

            „Што ти се случило?“

            „Се’.“

            „Како на пример?“

            „Исто како и на тебе.“

            „Молам?“

            „Не сум ти ја решението. Оди си дома и смири се со дечко ти.“

            „Од каде знаеш дека сум скарана со дечко ми?“

            „Пошто си дојдена тука за да ловиш, само се гледа дека одамна не си ја играла играта и апла си очигледна.“

            „Иди у пичку матер. Кој кур се замишљаш ти? Мислиш дека ти се пуштам? Хах! Да сакав јас, досега од рака ќе ми јадеше.“

            „Сигурно. Теши се.“

            „Лелеееее. Какво самобендисано гомно!“

            „Точно. Зошто ми го трошиш времето тогаш и ми висиш над глава? Ајде гитла, остај ме да си пијам на раат и симни ми се од куров, пошто не знаеш што да правиш со него.“

            „Скот селски! На мене ли најде бе да си лечиш фрустрации?“

            „Јас не те викнав да дојдеш, сама си дојде да ме гушиш со глупи муабети. Чим гледаш дека сум сељак, кој кур седиш тука и ми го трошиш времето? Или да не ти го повредив егото? Да погодам, никој досега у живот ти нема одолеано и откачено?“

            „Па нормално дека не.“

            „Уф, каква чест! Дозволи ми да ти бидам прв!“

            „Неверојатно. Ти гарант си педер чим мене ме откачуваш.“

            „Добра финта. Ко лисицата и грозјето. Грозјето е гарант кисело чим не можам да дојдам до него.“

            „Не си ласкај!“

            „Уште си тука, бе? Уште те боли што погоди пречка?“

            Мери налутено се оддалечи од шанкот. Чуреше целата. Он остана на шанк и задоволно се смешкаше. Не ми се верува. Се’ е значи шаблон, шема. Нема врска значи интелигенција. Се’ е игра. Кој прв ќе откачи и ќе дојде до контрола, тој вози. Има да се врати за 5 минути максимум. Тажно е што е така, но тоа е реалноста. И јас би се вратил. Тоа е исконски. Животинскиот инстинкт. Антрополошки гледано тоа се барало од мажот пред илјадници години. Најсилниот и најспособниот ловец сите жени го сакале. Алфа-мажјакот. Не се жените криви, тоа им е вродено. Нема бегање од тоа. Исто како што машките ги сакаат најсекси жените. А кои се најсекси жени? Тие со големи гзови, широки колкови и големи цицки. Зошто? Зашто тоа се карактеристики на жена која може да биде добра мајка. Широки колкови значи родилка, големи цицки, многу млеко за бебето. Чиста исконска логика. А мажот сака секаде да го рашири семето, за да има големо семејство, со што се зголемува неговата моќ во племето. Проста математика.

            И денес е исто. Мажите се палат на се’ со две нозе и облини, а жените на моќ. Моќта денес може да биде физичка моќ, политичка, економска. Во повеќе варијанти е. Тој што трча по тебе е досаден и напорен, тој што те игнорира, мистериозен и интересен. Но, само на почеток. Тоа е хемијата на почетокот. Катализаторот за процесот да се одвива со нормална динамика и да имаш точен производ.

            „Дојдов да ми се извиниш.“ – никна Мери од никаде.

            „За вистината немам намера да се извинувам.“ – рече Влатко, си го допи бурбонот и не ја ни погледна.

            „Не ми личиш на кретен, ама стварно не ми е јасно зошто така се однесуваш?“

            „Зошто ми се може. Сакаш да го довршиме муабетов кај мене дома за да ти биде успешна мисијата и да го повредиш дечко ти?“

            „Мислиш дека ме имаш прочитано како селски буквар и дека се’ знаеш, а?“

            „Апсолутно! Си ги гризеш усните, ја вртиш косата со прстот... класичен флерт и посакување. Доаѓаш или не?“

            „Гомно скапано!“ – рече Мери и се сврти и отиде.

            Влатко се насмеа самозадоволно, извади пари да плати и почна да се спрема. Осети како некој го допира по рамо и само слушна:

„Бев да си го земам капутот, ќе одиме ли?“ – праша Мери.

„Нема теорија! Да сакав лесни женски, јас тебе ќе ти се пуштев!“ – рече цинично Влатко и стана и си излезе низ врата. Гуска! Наместо да си ги реши проблемите ко човек, таа сака да го изневери дечкото. Колку се расипани луѓево, значи. Сигурно и тој кретен дебилен ја има изневерено и сега оваа, кутрава, од бес не знае како да врати. Небитно. Не ме интересираат ни двајцата. Пијан сум. Пак мислам на неа. Боже, не можам од глава да ја извадам. Ме изремети за сите пари. Не можам веќе ни да размислувам. Еј, лесковачка скара. „Дечко, дај ми еден пилешки стек, со кари сос и од белиот малце, и со кисели краставчки, зелка и може одозгора, малце кечап и мајонез...“

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]