Следете нé или притиснете Escape

расказ

Наслов

Женски муабети - Голема девојка во мал град

„Добро си?” – праша Оливера.

„Извини?” – збунето врати Сања.

„Па, те гледам од прееска се издишуваш повеќе него што треба, па се насекирав малку. Мислам, без навреда, ама не е Орбитрек до толку тешка справа за толку тешко да дишеш ко да си пред скинување конци. Извини што ти се мешам, ама ми изгледаш како фина девојка, па затоа те прашав.”

„Па, не сум ич добро да ти кажам право...” – беше првата искрена и директна реакција на Сања. Се фати за устата и не можеше да поверува дека за првпат на глас си призна. Ни самата не знаеше што ие. А можеби и знаеше, ама не сакаше да си признае. Вистината беше болна, а таа беше премногу слаба за да направи нешто. „Не ми се верува дека ова го кажувам на некој што не го ни знам.”

„Чиста психологија. Најлесно е да се отвориш на некој што не го знаеш. Блиските може да ти судат, да те тешат иако си за ќотек, да ти дадат себичен совет, да ти речат да не тресеш глупости и слично, меѓутоа личност која не ја знаеш може и да ти каже нешто што никогаш нема да го чуеш од близок, а тоа е вистината. Јас сум Оливера инаку.”

„Сања. Мило ми е.”

„Нема да те гњавам Сања, само сакав да знам зошто толку тешко издишуваш. Да не ти е нешто тековно лошо, па да можам да помогнам некако. Не сум навикната на луѓе во теретана олку рано, па кога те видов сакав да ти прозборам.”

„Па и јас не сум. Се знам со жената на газдата и таа ми препорача да почнам да доаѓам олку рано за да немам контакт со други луѓе. Малку сум чудна, ми треба време насамо во денот да испуцам енергија и ова ми беше идеална комбинација. Кога ми кажаа дека само уште една девојка доаѓа си реков, Супер, барем нема да ме замара.”

„А видиш јас па ко за инат од прва ти влегов со клизачи и одма муабет!” – рече Оливера и прсна од смеа.

„Па искрено да ти кажам, баш и сакав да ми направиш муабет.” – рече Сања и искрено се насмевна по долго време.

 

Пет саат. Секој ебан ден исто. Спакувана за дома и оп, ете го шефот со уште нешто да се доврши. Уште само мејлов, те молам, да не чека клиентот од Холандија. Клиентот да не беше тинтрен ко да е бог ќе си научеше да си пушта барања во работно време, а не вака. Јеби га, капитилизам. Томе го собра Синиша од градинка битно.

Пет и четириесет. Тоа е таа модерна мајка што заглавува на работа. Дома во шест и десет. Синиша прегладнет. Ќе нарачам пица, не можам на нозе да стојам. Томе заспал на кауч. Супер, барем нема да мрчи. Детето најадено. Добро е, да здивнам малку. Мејл на мобилен. Екселите за вечер ќе морале. Море, марш у... Смири се. Пола твои другарки се без работа. Барем си океј платена.

Томе стана. Што има за вечера. Ладна пица, што да има. Се намршти и дојаде остатоците. Ќе идел на билијард со колеги, среда е. Океј. Не дека некој мене ме прашува нешто. Подобро нека иде. Нека се излуфтира. Немам нерви да се карам.

Осум и триесет. Синиша се симна кај баба му. Таман малку слободно време – ЗА УЧЕЊЕ. Кој ѓавол ме натера на постдипломски да се запишам?! Како да имам одвишок време. Џабе читаш, жено, не влага на уморен мозок. Ќе ја барам Теа за кафе. Ај у маало ми вика. Ајде. Нешто ми крие. Нешто ми е чудна. Нејќе да признае. Аман жено кажи што ти е. Барем ако можам тебе да ти помогнам пошто себе одамна не можам да си помогнам. Што? За мене било. Дознала нешто...

 

„Срце, пак ми дишеш тешко.” – загрижено рече Оливера.

„Тешко ми е. Ми иде да експлодирам.” – рече Сања со солзи во очите.

„Сакаш да ми кажеш?

„Што има да кажам. Идам на работа, рмбам ко коњ, а си ја мразам работата. Растам дете, изигравам домаќинка, запишав постдипломски, немам време за себе, сум се здебелила, депресивна сум, нервозна сум... сесум што некогаш сум мразела кај луѓето и не можам ништо да сменам на таа тема.”

„Зошто не можеш?

„Бидејќи немам храброст! Страв ми е да се соочам со реалноста.”

„А таа е?

„Дека маж ми ме изневерува!” – рече Сања и повторно си ги стави рацете врз устата во неверување.

„Молам!?

„Тоа е изворот на сите мои проблеми. Првпат почнав да се сомневам пред некое време кога Синиша, син ми, си го шина ноџето во градинка и требаше итно да се однесе на лекар. Колата беше кај маж ми, па му ѕвонев, ама беше недостапен. А никогаш не е недостапен на работа. Се снајдов, фатив такси и го однесов. Кога си дојде дома вечерта го прашав зошто го имал исклучено телефонот, а тој само ми го сврти муабетот за Синиша. Тогаш почнав да размислувам. Сфатив дека веќе речиси година дена работите не се како што треба. Се помалку излегуваме во јавност, ама и помалку поминуваме време заедно. Сеза нешто ми мрчи, ме критикува, прави работи кои не ме вклучуваат мене, излегува со колеги, со другари, кога седи дома сам си гледа филмови на лаптоп и тоа намерно хорори, бидејќи знае дека не ги поднесувам...”

„Си пробала да разговараш на темава?

„Нормално дека да.”

„И?

„Па веднаш ме сече дека нема врска. Одма се вади дека се шинува од работа за да може семејството да живее нормално и дека наместо да го разберам јас само му мрчам.”

„А зошто мислиш дека те изневерува? Можеби навистина само многу работи.

„Па на почетокот си помислив исто, ама после гледам почнаа да му стигаат пораки во ниедно време – наводно службени. Почна да дреме на Фејсбук постојано и тоа од мобилен и да се смешка додека си куца со некого. Порано кога зборуваше со некој другар ќе ми пренесеше дел од работите за кои се смееја, сега веќе е само таинствен. И плус еднаш требаше да истрча до доле да земе нешто од кај мајка му и го остави телефонот на маса. Знаеш, женска љубопитност. Не го ни земав во рака само фрлив поглед. Вибрираше од порака по пораката од бившата со која идеше пред да се смириме ние и да се земеме. Не ни видов што му пишува само сменив боја на фаца. Кога се качи се испокаравме јако. Ми рече дека конкурирала за позиција кај него на работа и го прашувала за условите. Ми плесна у фаца – барем е амбициозна ако ништо друго.”

„Идиот!”

„Затоа се сменив. Имав супер работа претходно. Работев во приватна галерија. Обожавам уметност. Ама ме фати инает. Почнав да конкурирам на појаки позиции и места, се запишав на постдипломски, се’ за да му покажам дека можам и јас да бидам успешна. Се надевав дека тоа ќе го воодушеви. Наместо тоа само повеќе и повеќе се раздалечивме.”

„Се’ уште мислиш дека те изневерува?

„Веќе немам време да мислам, а кога мислам мозокот ми прегорува од стрес, депресија и нервоза. Затоа почнав да доаѓам тука, мислев дека ќе се опуштам, ама...”

„Мораш да се соочиш со него. Мораш да му кажеш што мислиш и како се чувствуваш.”

 

Томе ми најави дека сме на свадба во сабота. Рече дека мораме да бидеме во најдобро издание, генералниот непоканил на свадба на син му. Цела фирма ќе била таму. Ајде да одиме да си најдеш нешто најјако за да бидеш најфраерка на свадбата, сите да ги засениш, ми рече. Дури и не ми се верува дека овие зборови излегуваат од негова уста. А испит што имам во сабота, го прашав. Ова е побитно за нас, ми рече. За нас. Замисли. Кога сум јас во прашање, одма преовладуваме НИЕ, односно тој и неговите желби и потреби. Ајде да не бидам пак јас таа што мрчи.

Прекрасно попладне, си купив нов фустан, нови штикли, нова секси долна облека. Тоа што не се чувствувам ич секси не е ни битно. Бевме на ручек после, па на благо. Се запивме плус. Фативме такси дома. Ме замоли да го облечам тоа што го купив. Го послушав. Ме погледна како што ме гледаше порано и ме бакна. Цела се стресов. Ме нема пипнато со месеци, можеби веќе и не го привлекувам. Здебелена сум, без енергија сум. Пушти рака доле, за секунда се навлажнив. И он е спремен. Ми го крена само фустанот, ми ги спушти секси гаќичките и влезе силно во мене. Животински секс, речиси без чувства. И тоа не е на одмет, барем знам дека ме посакува, барем знам дека ќе биде добро. Конечно малку опуштање. Го забрза темпото, горам целата. Ми се испушти силен вресок. Уште само малку... Ништо. Крцна од другата соба, се разбуди Синиша. Толку беше од опуштање. Он битно си заврши работа. Ако. И ова е нешто. Го гушнав силно. Ми се тргна, топло му било, жива вода бил.

 

„Вчера имавме секс после долго време.” – срамежливо рече Сања.

„Оооо, па ти си се омрсила! То бе срцка!” – радосно се развика Оливера.

„Потивко бе, будала една.” – се насмевна Сања.

„Што бе потивко, кој неслуша тука, сами сме. Башка и ја да се пофалам и јас викендов бев опслужена ептен јако.”

„Да? Па дај гукни и ти нешто, све ја нешто се жалам, не сум те ни прашала како ти иде тебе.”

„Абе мене, батали ме мене, ја сум ти комплицирана.”

„Зошто комплицирана?

„Зошто сум млада, згодна и сингл, а се замарам со една бараба која си игра курташак со мене, наместо да идам и да се забавувам со други поасални кои нон-стоп ми се пуштаат. Ама тоа е, плавуша, толку дал Господ.” – се изнасмеа Оливера.

„Како мислиш бараба? Што се случува?

„Абе супер е типот. Малку е десетина години постар од мене, воркохолик невиден. Опседнат е со работа, само за тоа зборува. Не знам ни самата што мајка барам со него. Неколку месеца сме заедно, ама многу малку се гледаме. Некогаш ме бара рано насабајле на пауза па идеме до кај мене дома пошто блиску живеам на брзо рокање, некогаш во ниедно време пијан после град, некогаш после работа. Ужас! Како ќе му прдне. А ја глупача како на копче сум му.”

„Ти мене добри совети ми даваш, ама слабо некако сама да ги примениш, а?

„Абе ги применувам, сум зборела и ми кажал. Таков сум, работата ми е на прво место. Ќе ми се јават од работа и одма одам, тоа е. И што да му кажам? Мене и тоа што е успешен дополнително ме пали, не можам и за тоа да му серам. Од друга страна, пак, не е дека скроз се крие со мене и слично. Имаме дури и искочено со негови другари, а некни ми рече и дека ме сака. Не знаеш... се стопив.”

„Па, добро бе, не е толку страшно, што си се раскукала?

„Се фрустрирам. Освен работа не знам ништо друго за него. И јас работам и јас сум успешна како адвокатка, ама мене не ме дефинира само работата. Имам и хобија и приватен живот и сему кажувам на него, а он мене само за работа ми дрдна. Ама валјда ќе се подобри тоа со тек на време.”

 

Големата свадба. Тука е и курвана бивша. Види како се облекла како пред МТВ да треба да прошета. Фекална една. Бегај со тоа рачиштата не ми го гушкај мажот. Ме гушна и мене, ми се приповрати. Многу сум била убава. Па не сум како тебе ко излезена од Sвезде Гранда, овцо една. Томе свети. Сигурно му е полно егото дека е ѕвезда тука. Sвезда пред колегите со трофеј жена. Sвезда во свои очи, бидејќи на едно место многу жени кои го сакаат и посакуваат. И деверушата ја знам и таа на времето го бркаше. Се напнав. Дај виски да се отворам. Стана на оро не ме ни викна. Оп, ене го, случајно залепен до деверушата. Еве ја и бившата до него од десно стана и се залепи. Ќе направам скандал жими сенајмило.

Не можам да гледам. Се препив. Лошо ми е, носи  ме дома, му викам. Не личиш на жена, што си се начукала, ми враќа. Лут ме фаќа за рака и ме носи дома. Трчам кон вецето и истурам црева. Ми ја држи главата и косата. Му паѓа жал и ме прашува дали сум добра. Сега ќе видиш гојдо едно. По саат време вриштење, плачење и карање ми признава нема ништо со никоја, дека никогаш не би се осудил да ме изневери. Му кажувам дека Теа го видела како влага во кола со бившата пред две недели. Ме убедува дека само ја враќал дома вечерта кога биле излезени со колегите од работа, дека првпат и она дошла со нив групно и дека се препила како јас сега, па затоа. Дека пробала на излегување нешто, но тој мртов ладен ја одбил. Се колне во Синиша...

 

„Срцка ми изгледаш посреќна нешто у последно време,” – радосно прокоментира Оливера – „а богами гледам и дека бајаги си се стегнала и ослабела. Сега си ептен секси мамасита!”

„Да ти кажам и добро се чувствувам. Со маж ми се спукавме пред некоја недела и му плеснав све у фаца. Ме увери дека нема врска тоа што сум мислела и дека само бил премногу под стрес со работа. Почна повеќе време да ми посветува и дури почнавме еднаш неделно да си одвојуваме ден само за нас и да имаме почесто секс. Ми почнаа и испити на постдипломски па почнав да одам во читална како да сум студент,” – рече Сања и се изнасмеа – ”а он таман си има малку и слободно време за себе, па сее како што треба.”

„Баш ми е мило. Да ти кажам и ја со мојов сум во подобри односи. Почна да  намалува со работа и почесто се гледаме. Знае по некој ден да заглави и ич да го нема ни да се јави, ама генерално многу повеќе време поминуваме заедно. Почна дури и да ми збори за живеење заедно, ама за надвор од државата. Почнал да гледа опции за работа во странство.”

„Ти би одела?

„Па зошто да не? Млада сум, немам деца, немам нешто да ме спречува.”

„Блазе си ти. Мојон абер нема. Му нудеа пред некое време, ама не сакал. А можевме комотно со сеСиниша да се преселиме, ама наводно ги одбил без дури ни да ме праша. Тоа многу ме налути, ама реков добро ни иде, ајде да не се караме за џабе. Него имам многу работа денес и јас ќе си идам порано со тебе.”

„Епа супер, мене фраеров ќе ме збира на пауза, да не сакаш да те одбациме до некаде? Или маж ти ќе те собере?

„Не бе, маж ми не ни знае дека идам во теретана насабајле, мисли дека магично сум ослабела, толку е воле.” – се изнасмеа Сања.

„Е па, ајде со нас, таман да го запознаеш мојов вол. Еве го ѕвони ко порачан. Еј, ајде симни се долу со другарка сум, па ќе идеме, само да се спакувам. Еве го иде.” – рече Оливера и радосно тргна кон вратата.„Еве сум за секунда!” – рече Сања, ги спакува работите и се сврте да тргне и таа по нив. Веќе беше зад вратата кога среќно почна да вика, Ајде да го видам згодното мажиште кое со месеци го зборуваш, кога пред неа никна Томе. Стаписани само се погледнаа. Тој пребледе, а неа очите и се наполнија со крв. Оливера ги поврза работите од погледите и само збунето подзина...

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]