Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Нокаут со концерт кој долго ќе се памети!

2013-12-17
Поубав начин да се заврши една концертна сезона од интимното шоу кое ни го поклонија момците од Нокаут дефинитивно нема. Нокаут успеаја да го издигнат поимот на акустичен концерт на едно сосемо ново ниво кое ретко која друга група/изведувач од државава ќе може да го достигне.

Вчеравечер во Метрополис арената можеше да се видат многу работи, а најважните скромно ќе ви ги издвоиме во неколку зборови.

Првото нешто кое можевме да го забележиме само што влеговме во Метрополис арената беше прекрасната сцена која едноставно нѐ воодушеви. Во духот на вистинско кабаре шоу, сцената изгледаше како излезена од некој високобуџетен холивудски мјузикл од рангот на „Чикаго“. Интимна, заводлива, колоритна и привлеча, сцената беше само увертира во комплетниот спектакл наречен Нокаут Анплагд кој блесна со цел свој сјај во моментот кога момците излегоа на сцена.

Второто нешто кое нѐ одушеви беше фактот што еден грандиозен објект каков што е Метрополис арената беше целосно исполнет за концерт на домашни изведувачи - нешто што речиси никој досега (со исклучок на големиот Тоше Проески) не успеал да го направи. Со ова уште еднаш се потврди големината и угледот кој Нокаут го уживаат кај нивните обожаватели и колку нивните песни имаат оставено траг на македонската музичка сцена.

Концертот започна и сѐ беше совршено. Од песна во песна без да се почувствува некаква транзиција, Нокаут нѐ потсетуваа на најголемите хитови како „АBC“, „Фатална опсесија“, „Временска машина“,„Би се викал те сакам“, „Мене ми припаѓаш“, „Телефонскиот број не постои“, „Од нас зависи“, „Ти си проблем“ и ни го доловија чувството за тоа како треба да звучи еден акустичен концерт.

Заедно со своите пријатели Нокаут покажаа дека точно знаат кои песни ги одбележале последните две декади на македонската сцена и покрај нивните хитови ги изведоа и најдобрите нумери од Студени нозе заедно со Фиц (кој проба да биде смешен, но обидот му беше тежок фејл), од Д.Н.О заедно со Мио, повторно ја изведоа легендарната „Во бестрага“ на Брејк заедно со „маестро“ Игор Џамбазов и нѐ изненадија со неповторливиот Мики Јовановски-Џафер со кого ги отпеаја „Сонце за три светови“ и „Лага и измама“.

Вратени на бис - легендите на македонската поп музика истераа концерт од 3 и пол часови и го затворија најубавото предновогодишно доживување со „Илјада причини за крај“. Концерт кој може само да се доживее, концерт за кој многу ќе се зборува, долго ќе се памети - концерт кој остава печат во душата и прави сѐ друго да изгледа излишно се зборови кои ни оддалеку не можат да доловат тоа што сите вчера можевме да го почувствуваме. Им заблагодаруваме на момците што настапија со таква душа и срце како ретко кој досега на македонската сцена! Честитки, бевте маестрални!

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]