Следете нé или притиснете Escape

Наслов

„Самсон и Далила“ - балет за паметење

2013-12-17
По подолго време македонската публика повторно имаше можност да проследи една спектакуларна балетска претстава за која долго ќе се зборува. „Самсон и Далила“ на Роналд Савковиќ со своето премиерно издание во саботата и репризата во понеделникот успеа да ги закова гледачите за нивните седишта и во два чина да ги прошета низ библиската приказна гледана низ призмата на познатиот кореограф.

Тоа што Савковиќ го имаше замислено, и храбро го најавуваше, успеа и да го прикаже на големата сцена во МОБ. Магично беа испреплетени сите можни елементи. Публиката уживаше во совршената комбинација на оперска музика на Камиј Сен - Санс, преку изборот на филмска музика на Ханс Цимер, па се до амбиенталната музика на Џенгиз Ибрахим кој и самиот се појави на сцената. Впечатливите костими, особено оние на Мими Поп-Алексова и Бобан Ковачевски во улога на Крв и Месо, беа дело на Александар Ношпал, додека за одличната сценографија која совршено го доловуваше секој момент од низвременското патување на главните ликови се погрижи Зоран Костовски.

Македонската публика имаше единствена можност да види една оригинална верзија на приказната за Самсон и Далила која започнува преку симболичен судир помеѓу Хебрејците и Филистинците, надмоќта на Самсон во улога на Србинот Јован Веселиновиќ, заведувањето од страна на Далила во улога на примабалерината Александра Мијалкова, и филмски крај каков што можеме да видиме единствено во холивудските продукции.

  

Грациозноста на танцот на Мијалкова и Веселиновиќ беше надополнета со одличниот настап на Мими Поп-Алексова и Бобан Ковачевски во улогите на Крв и Месо кои беа како измислени за нив, а самите танчери делуваа како своевиден катализатор на дејствието кое стануваше потензично од минута за минута. Машкиот дел од ансамблот, совршено синхронизирани како едно, ја воодушевија публиката која имаше можност да види како дел од женскиот ансамбл изведува вртоглави потези, додека остатокот се појавува на сцената во елегантни фустани и на високи потпетици. Крвта и Месото продолжија како набљудувачи на филмското продолжение на претставата додека Далила се подготвуваше да му го зададе последниот удар на Самсон со сечење на неговата коса, изворот на неговата сила.

Десетминутниот бурен аплауз на публиката беше доказ дека ваквите одлични модерни претстави треба да бидат на редовниот репертоар на МОБ. Единствениот пропуст на оваа одлична претстава се случи на самиот крај на премиерата кога на проекцијата на платното над сцената, во делот за улогата на Далила, наместо името на примабалерината Александра Мијалкова беше испишано името на Ивана Коцевска која ја играше Далила во понеделникот на репризата која што подеднакво добро пројде кај уживачите на балетската уметност. Заслужени аплаузи добија и церемонијал-мајсторот Горан Божинов и Билјана Пашариковска која ја играше улогата на Зло, како и солистот и асистент-кореографот Саша Ефтимова.

 

 

  

  

Фото: Кристијан Теодоров, Кристина Лука

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]