Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Скопје изгоре од „болка“ – Хртс феноменални

2011-05-26
Што да кажам друго освен - немам зборови. Додека настапуваа Хртс половина од времето се чувствував како мало дете кое не знае каде се наоѓа. Рака цврсто залепена на уста случајно да не кажам нешто што ќе звучи смешно, нешто што мислам дека ќе им прилега на таква група на уметници, а да бидам грешка и да го посерам впечатокот.

Но, се’ по ред. Немав искрено намера да одам на „Скопје гори“, но среќа имам многу добар другар кој знае подобро, па ме убеди во пет до дванаесет да се нацртаме во Метрополис Арена. Први настапија Чалгија Саунд Систем, кои иако отсвиреа феноменално немаа нешто многу публика, ниту некој посебен фидбек. По нив атмосферата ја кренаа енергичните С.А.Р.С. и докажаа зошто моментално се едни од најдобрите балкански бендови. „Буџав лебац“ и „Ракија“ ги полудеа скопјани и буквално немаше некој кој не скокаше од неверојатната енергија која ни ја пренесоа С.А.Р.С. Тука морам да ги пофалам Авалон Продукција, прво поради озвучувањето, второ поради фактот што добро направија со високата цена на картата, бидејќи во Метрополис Арена за прв пат имаше доволно луѓе и долно простор да се проследи еден спектакуларен концерт како човек! Прв пат човек да може да се изнаигра, да се изнаскока, без притоа да попие 5-6 лакти, да биде изгазен и комплетно да му се скрши филмот.

И да... настапот на Хртс... Хртс отворија со „Анспоукен“, по која следеше „Вондерфл лајф“; песна која до тој момент беше единствената причина поради која се нацртав на Скопје гори, но и поради која имав резерви, бидејќи ги немав чуено другите нивни песни и си претпоставив дека се тешко комерцијален бенд. Настапот започна феноменално, но вистинската приказна започна по „Вондерфл лајф“. Од песна за песна публиката имаше чест да присуствува на најспектакуларниот настап што некој бенд до сега го одржал во Македонија. Енергијата којашто ја пренесуваа Хртс, доведуваше до емотивна болка и екстаза. Публиката беше буквално во транс, а нивниот настап беше аудио-визуелен оргазам. Останатите песни од албумот само покажаа дека овој бенд има потенцијал за највисоки достигнувања. Интерпретацијата на главниот вокал беше нешто феноменално. Такво изразување на емоции досега немам видено, но она што навистина ме фасцинираше беше синергијата на бендот да функционираат како едно. Од тапанарот, преку виолинистка/саксофонистката и оперскиот пејач на придружни вокали, па се до клавиристот/гитаристот на бендот, начинот на кој функционираа Хртс беше за паметење. Како што кажа другар ми, на крај требаше комотно да си се упатиме кон билетарата и да побараме да доплатиме за концертот бидејќи вакво нешто, не се опишува со зборови (што јас тука скромно се обидов да го направам), туку само се доживува!

Искрено, после настапот на Хртс, не ги дочекав Елементал и Грамофонџие, туку истрчав да излезам од саем, заедно со уште пола од публиката, за случајно некој од наредниве бендови да не ми го наруши чувството што сум присуствувал на единствениот досега совршен концерт. Уф... се уморив... толку од мене идам да спијам.

Рецензија: В.Р.

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]