Следете нé или притиснете Escape

Наслов

Марко Мицов - уште едно балетско чудо од Македонија

2013-12-19
Fail.mk ја имаше таа чест и привилегија неодамна да стапи во контакт со Марко Мицов, најмладиот и единствен класичен балетски играч кој моментално игра надвор од границите на нашата држава. Во продолжение ќе имате можност да се запознаете со кратката биографија на Марко, како и со неговите моментални и идни активности.

Марко Мицов завршил средно балетско училиште во „Илија Николовски-Луј“ минатата година во Скопје во класа на проф. д-р Соња Здравкова Џепароска за која тој со гордост говори дека му било чест што бил нејзин ученик. Марко вели дека нејзината голема посветеност кон него го изградила „како личност која треба да верува во себе и која треба да вложи и да ја сака работата што ја работи.''

По освојување на специјалната награда на натпреварот „Миа Цорак-Славенска“ во Загреб Марко е награден со три неделен семинар но Академијата „Скала де Милано'' на Вис и е дел од турнејата во Мексико со Мадрид балет и Кроација балет на која Мицов бил поканет како гостин, а потоа заработува и посебно признание од Министерството за образование и наука на Македонија за посебни достигнувања во уметноста како ученик.

„Сакав да продолжам кон поголеми достигнувања и остварување на мојот сон. Се пријавив на аудиција која беше распишана од страна на Министерството за образование на САД за балетски играчи. На аудициите кои се одржаа во Њујорк, Сиднеј и Лондон беа пријавени преку 1500 играчи од целиот свет, за на крајот да бидеме избрани вкупно 7 играчи добитници на целосна стипендија на Академијата на Мистик Балет во Њујорк, која е дел од државните балети на САД како што е АБТ (Американски балетски театар), Бостон балет, Хјустон Балет итн.“ - продолжува Марко со неговата приказна за неговиот остварен сон.

Марко моментално има можност да работи со голем број на кореографи за кои вели дека го влечат најдоброто од него и дека работи секакви стилови на балет од класичен, преку неокласичен, па се до современ.

Особено е среќен на улогата во па де троа во „Лебедово езеро“ и па де де-то на Брајан Еноа, но она што Мицов го смета за најголем негов успех е добивањето на главната на принцот во „Оревокршачка“ која ќе ја изведува заедно со професионалната компанија на Мистик Балет во Конетикат заедно со искусната балерина Хироко Маехера, финалистка на еден од најпризнатите балетски натпревари во светот, „При д Лузан“, од 2006 г.

„Премиерата ќе се одржи на 4 декември во Гард Артс Центар што ќе биде голем предизвик за мене да играм во толку голем театар и со големи професионалци од целиот свет“ - продолжува Мицов.

Разговорот со Марко го завршивме со неговите импресии од животот во Њујорк за којшто вели дека е град на нови луѓе каде што духот на уметноста може да се почувствува насекаде и живее во тебе, град што му нуди шанса да посетува часови во „Степс“ на Бродвеј и да ги гледа големите балетски ѕвезди преку викендите. Марко е горд што доаѓа од една мала држава со големо срце, како што тој ја опишува Македонија, и е среќен што ја претставува достојно. Браво Марко – и Македонија се гордее со таков талент како тебе!

Психотичен Ум

Писател (во најава), колумнист, преведувач, толкувач, вљубеник во маркетинг, поддржувач на се' што е добро, ловец на #mkfail моменти, боем, трол...

СЛЕДЕТЕ НÈ

[quote][url=https://www.facebook.com/failmkd?fref=ts]Fail.mk[/url][/quote]
[quote][url=https://www.facebook.com/prochitajpovekje]Прочитај повеќе[/url][/quote]